„Камп“- градинка на отворено е добитник на една од наградите за младински идеи од проектот RISE кој втора година по ред го имплементира „АРНО“.
Станува збор за проект на двајцата млади штипјани АнаМарија Павлова и Бојан Андонов, односно, идеја за градинка на отворено каде што децата секој ден ќе се чувствуваат како да се во извиднички камп.
Бојан е студент на Природно-техничкиот Факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, но и долгогодишен извидник и началник на Извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип, па е вистинскиот човек за реализирање на идејата. Впрочем, тој и АнаМарија се одличен тандем кои кога ќе ги спојат неговите знаења од теренот и нејзиното образование од областа на психологијата, но и заедничкото волонтирање во градинка на отворено во Литванија, се добива вистински погодок. Конечно, децата нема да плачат кога ќе ги носат во градинка, напротив, секој ден за нив ќе биде нова авантура.
„Со Бојан сме долгогодишни познаници, а почнавме почесто да се дружиме кога ни беше зададена задача заедно да организираме есенско планинарење. По некое време сфативме дека имаме доста заеднички интереси, а кога се отвори повикот за RISE ја зграпчивме можноста да ги соединиме силите за сега да можеме да се наречеме колеги. Како началник toj има организирано многубројни кампови, прошетки во природа, спелеолошки акции за деца и млади. Учествува во градење на политики за млади и три години е водач на извидничка патрола со деца на возраст од 6 до 10 години. Јас сум дипломиран психолог и младински работник и имам волонтирано во разни младински организации како ментор, советник и организатор на најразлични настани за млади. И на двајцата работата со деца не ни е непозната. И двајцата имаме волонтирано во шумски градинки во Литванија, од каде што добивме инспирација и се стекнавме со искуство. Јас имам искуство и како бејбиситер и образование во областа на детски развој“, објаснува АнаМарија.
Таа самата како мала одела во градинка, но овој период не го памети како позитивно искуство. Напротив, вели дека секогаш плачела и ги молела родителите да не ја оставаат таму.
„Се сеќавам дека воспитувачките ме форсираа да спијам кога не ми се спиеше и беа доста строги кон мене. Кога ме оставаа родителите, ги молев да не го прават тоа и честопати плачев. Иако сега ми е јасно дека воопшто не им е лесно ниту на воспитувачите во тие ситуации, мислам дека можеа да се обидат да имаат посмирен пристап кон децата“, вели АнаМарија.
Нејзиниот пријател и колега пак, нема лично искуство за одење во градинка, ама смета дека градинките имат конструктивна улога во градењето на децата. „Децата во градинка ги запознаваат првите другарчиња, ги започнуваат првите дискусии со деца на нивна возраст, со еден збор, се дружат. А овој концепт мислам дека нема дете на кое нема да му се допадне“, вели Бојан.
Тие се среќни што својата идеја најпрвин ќе ја реализираат во својот роден град кадешто општината веќе им дала голема поддршка и им понудила две локации за реализирање на нивниот проект за градинка во природа.
„Општината Штип ни понуди две можни места и ни се стави на располагање со нивните ресурси. Локацијата ќе биде во близина во градот, а сепак ќе биде доволно оддалечена за да создаде чувство како да се наоѓа во срцето на планината.
Планираме да склучиме соработка со општествено одговорните фирми и оние кои на каков било начин промовираат здрав начин на живот. Овде би сакале да упатиме огромна благодарност до Агро Фила за укажаната поддршка и придонес во реализација на нашата идеја. Тие уште од почеток ги согледаа придобивките од ваквата градинка и ни подадоа рака за соработка“, се пофалија нашите соговорници.
Инаку, идејата за градинка на отворено потекнува од престојот на АнаМарија во Литванија каде што таа се запишала на факултетот за психологија при LCC Интернационалниот Универзитет во 2016 година.
„Во Клаипеда-градот каде што студирав, постојат две шумски градинки за кои јас дознав дури во 2020 и кога ми се укажа шанса отидов да волонтирам во едната. Ми требаше само една недела за да се вљубам во овој концепт доволно за да посакам да го донесам и во Македонија. Откако ја поминавме целата RISE програма, со Бојан решивме дека е време да се вратиме во Клаипеда за да можеме овојпат двајцата заедно да стекнеме повеќе искуство и знаење.
Иако овој концепт е доста нов и за Литванија, таму зема голем замав и полека се претвора во нов стандард особено заради многубројните шуми кои ги има земјата. Во една ваква градинка постои мал внатрешен простор каде децата би биле заштитени од екстремните временски услови, но поголемиот акцент е ставен на надворешниот простор. На пример, има лулашки од јаже и гуми, дрвен базен полн со сено, рид од песок кој децата можат да го преуредуваат и други дрвени реквизити. Во овие градинки се поттикнува здравиот начин на исхрана и кога и да готват нешто заедно, внимаваат да биде со што е можно повеќе природни состојки. Но, за да нема незадоволни деца, сите си носат свој ручек од дома. Кога е време за спиење, во зависност од временските услови, децата одат или во внатрешниот простор или се распоредуваат на хамоци (лежалки што висат помеѓу две дрва)“, објаснува АнаМарија.
И таа и Бојан се екологисти и веруваат дека зачувување и подобрување на животната средина може да се постигне преку едукација на најмладите на оваа тема, со цел добивање на посвесни нови генерации.
Од секогаш биле љубители на природата и важно им е да придонесат за оспособување на наредните генерации да знаат како да ја почитуваат и да ја заштитат за да можат сите да уживаат во нејзините бенефити.
Што се однесува до тоа дали очекуваат во нивната градинка да доаѓаат и деца од другите блиски градови и места, велат:
„Слушнавме дека многу штипјани секој ден ги носат децата во градинка во Кочани, зашто таму имало некоја фенси градинка, па можеби ќе има заинтересирани родители за овој тип на градинка во природа и во околните градови кои ќе ги носат кај нас. Како и да е, ние секако планираме во иднина да се прошириме и во другите градови, ама за тоа-потоа“, велат АнаМарија и Бојан.
Тие ја имаат и поддршката од најблиските, иако им е јасно дека преземаат ризик со тоа што се обидуваат да направат нешто неконвенционално во доста традиционална земја. „Нашите најблиски се подготвени да ни помогнат со што и да треба, ни даваат совети, не поврзуваат со луѓе кои што би ни помогнале и не бодрат да не се откажуваме“, велат тие.
[…] на отворено за прв пат во Македонија (во Штип) (Камп) и многу други успешни […]