Не е тајна дека Јапонија е земја од која можеме да научиме многу, а сега се издвојува и еден совет од тамошните научници за заспивање на бебињата.
Ако вашето бебе не може да заспие, трикот е да го носите пет минути додека одите, а потоа да го држите во раце уште осум минути, пишува nikkei.com.
Ова било откриено од истражувачи предводени од Куми Курода од јапонскиот национален научен институт Рикен. Како што велат, благодарение на тоа што ќе го држите бебето во тие осум минути откако ќе заспие, нема да се разбуди кога ќе го ставите во кревет.
Експериментите се направени со 21 бебе, на возраст до седум месеци. Постапката првично тестирала четири различни типови на движења за 30 секунди и ги споредувала реакциите на бебињата.
Најдобар ефект дал методот „носи и оди“, додека ставањето на бебето во количка и движењето напред-назад имало слаби, но позитивни резултати. Останатите две опции, „држење на бебето и седење“ и ставање на бебето во кревет, немале ефект.
Тимот потоа ја тестирал должината на прошетката, откривајќи дека по пет минути сите бебиња престанале да плачат и половина веднаш заспале.
Одењето со нормално темпо изгледа е доволно, но бидејќи бебињата веројатно ќе се разбудат кога родителот ќе престане да оди, резултатите сугерираат дека е подобро да се движите како да одите во круг околу масата, наместо да се движите напред-назад, да речеме, низ ходникот.
Истражувачите откриле и дека е многу важно да се почекаат тие осум минути кога бебето ќе заспие и дури потоа да го легнете бидејќи нешто помалку од тоа веројатно значи – будење.