Како чистењето влезе во категоријата велнес

Теоријата дека со средување на станот си го средуваме сопствениот живот одамна не е нова. За тоа се напишани безброј прирачници, од оние кои се однесуваат на мудроста на нашите баби, до оние кои се занимаваат со егзотика како фенг шуи. Меѓутоа, во изминатите десет години – како што животот станува покомплексен и неизвесен, додека еколошката свест за разорните ефекти на консумеризмот расте – се појави тренд кој расчистувањето на натрупаните работи и систематското средување на станот го промовира како облик на велнес, клучен за психофизичката рамнотежа. Актуелната пандемија, исто така, значително придонесе за ова, бидејќи во изолација многумина почнаа да посветуваат поголемо внимание на нивниот животен простор.

Кралици на уредноста

Отстранувањето на нередот и користењето на просторот на попрактични и покреативни начини доби размери на речиси мистично искуство. Благодарение на социјалните мрежи се појави нова генерација на „гуруа“ и „ѕвезди“ на чистење и средување. Култниот статус меѓу нив со години го има Јапонката Мари Кондо, наречена Кралица на уредноста. Автор на серија бестселери и емисии за уредување на просторот, таа поаѓа од принципот дека треба да се ослободите од сите непотребни работи одеднаш и сеопфатно да ја организирате вашата околина, а потоа да ја задржите така. Меѓу нејзините омилени трикови за да спречи хаос е редовно да ги враќа работите на свое место. Најпопуларната средувачка на светот со задоволство истакнува дека со отстранување на нередот, овозможуваме нови работи да влезат во нашите животи додека ги отфрламе старите и дека само во целосно уреден простор можеме вистински да се спознаеме себеси.

За разлика од Мари Кондо, друга позната поборничка на уредноста – Британката Стејси Соломон – го популаризира средувањето со многу помалку филозофирање. Таа стана позната по своите објави на Инстаграм, познати како Tap to Tidy или скратено TTT. Стејси фотографира неуредна соба, оставата, чајната кујна, фрижидерот, плакарот итн. во нејзиниот дом (инспирацијата не и недостасува бидејќи е мајка на три деца), а потоа ја средува и повторно ја фотографира од истиот агол. „Неуредната“ фотографија на нејзиниот Инстаграм профил е поставена така што кога ќе ја „допрете“ на екранот на телефонот, веднаш се појавува „уредна“ верзија. Благодарение на овој едноставен техно-трик, проследен со совети за чистење и средување, Стејси Соломон доби повеќемилионски следбеници и ја објави книгата Tap to Tidy: Organizing, Crafting & Creating Happiness in a Messy World.

Гуруто на минимализмот Џошуа Бекер

Милиони следбеници беа привлечени и од американското минималистичко движење, кое промовира живот со што е можно помалку предмети. Меѓу неговите лидери е Џошуа Бекер, кој, следејќи ги светските истражувања за консумеризмот, го забележува следново:

Повеќето западњаци носат само 20 до 30% од она што го имаат во нивниот плакар.
Просечно десетгодишно дете има 238 играчки, но обично игра само со дванаесет од нив.
Најмалку 30% од сопствениците на гаражи чуваат толку многу работи во нив што повеќе нема место за автомобилите.
Во животот поминуваме во просек 3680 часа или 153 дена барајќи предмети што сме ги затуриле.
Бекер и неговото семејство ја „намалија“ количината на предмети во нивниот дом за 75%, по што, како што вели, нивните животи суштински се промениле на подобро – имаат повеќе време, енергија, слобода, пари… Своите искуства ги преточија во серија бестселери и документарен филм „Минимализам: документарец за важните работи“.

велнесминимализамсредувањечистење