Аутизмот е невро-развојно нарушување чии симптоми можат да се забележат веќе во првите години од животот. Се карактеризира со проблеми во социјалната интеракција и комуникација, како и со повторувачки, стереотипни обрасци на однесување, активности и интереси, а на родителите е да реагираат на првите симптоми и да се консултираат со лекар што е можно поскоро.
„Родителите забележуваат одредено отстапување во развојот и се загрижени. Тогаш најчесто се јавуваат кај педијатарот во Здравствен дом и потоа добиваат одговор дека не треба да се грижат, дека не е ништо, дека детето ќе проговори, дека има време до три години и слично. Бесмислено е да се чека, бидејќи до три години веќе се формира клиничката слика на аутизмот“, вели д-р Тијана Антин Павловиќ, српска психијатарка која 13 години се занимава со детски аутизам.
Таа истакнува дека аутизмот го дијагностицира психијатар и дека ова нарушување е четири до пет пати почесто кај момчињата отколку кај девојчињата.
Аутизмот е невро-развојно нарушување, што значи дека симптомите се препознаваат во првите три години од животот, иако најчесто се забележуваат помеѓу првата и втората година. Таа објаснува дека аутизмот се карактеризира со проблеми во социјалната интеракција и комуникација, проблеми со говорот, како и повторувачки, стереотипни обрасци на однесување, активности и интереси.
Д-р Антин Павловиќ истакнува на што треба да се внимава во првите месеци.
„Детето со аутистичен спектар на нарушување, на пример, не реагира или селективно се одзива на името кога ќе го повикате. Не се развива показен гест, а тоа е спонтано развојна функција која треба да постои веќе на возраст од осум или девет месеци. Постои и слабост на визуелен контакт, кога гледањето во очи го нема или има многу малку при менување пелени, хранење“, вели таа и додаде дека детето треба да го каже првиот збор околу првиот роденден.
Според неа, луѓето со аутистичен спектар на нарушувања можат да имаат социјална интеракција, но таа не е квалитетна, бидејќи недостига реципроцитет и тешко е да се продлабочи разговорот.
„Развојот на говорот доцни и луѓето со аутизам најчесто го користат за да ги изразат своите потреби. Има и повторување на туѓи зборови, како и употреба на одредени фрази што ги слушаат од нечиј говор, реклами, филмови. Исто така, можат да зборуваат за себе во трето лице“, додава таа.
„Тие знаат да пријдат, но често е тоа неспретно. Понекогаш физички се зближуваат премногу или, ако се вербални, можат да постават многу директни, приватни прашања, кои другите луѓе не би ви ги поставиле на првата средба“.
Кога се работи за моторни активности, се појавуваат моторни стереотипи во форма на мафтање со раце, нишање напред-назад, одење на прсти и слично, додека играта е многу сиромашна. Кај децата со аутизам има и одредена ригидност, истакна д-р Тијана Антин Павловиќ.
„Пример за тоа е редењето играчки во низа, а нарушувањето на тој ред од друг доведува до нивна бурна реакција. Постои и инсистирање секогаш да одите на одредено место на ист начин. За типично дете е тешко да се постави граница, а камоли за оној кој не ја разбира социјалната интеракција, но тоа е многу важно. Треба да се научат на општествено прифатливо однесување, бидејќи со годините тие можат да го разберат тоа. Ова бара многу енергија, но е неопходно“, советува д-р Тијана Антин Павловиќ.