Како да препознаете недостаток на витамини и минерали кај децата? Еве што вели педијатарот


На децата често им недостасуваат витамини и минерали бидејќи исхраната не им е разновидна, предупредува педијатарот и неонатолог Пича Пачал. Како што објави Индија Тајмс, таа тврди дека храната со која е хранат децата обично е еднолична. Освен тоа, децата сѐ повеќе консумираат храна со големи количини рафиниран шеќер, како и преработена храна која не е богата со нутритивни вредности. Ова, меѓу другото, често доведува и до недостаток на витамини.

Имајќи предвид дека недостатокот на витамини и минерали кај децата може да стане сериозен проблем и да предизвика разни болести доколку навреме не се препознае, д-р Панчал наведува дека е важно да се разберат и препознаат различните знаци на недостаток и истиот да се надомести со правилна исхрана.

Недостаток на витамин А

Недостатокот на витамин А доведува до суви очи, ноќно слепило, кафеавкасти дамки на белките и чести инфекции на желудникот или респираторниот тракт кај децата.

Недостаток на витамин Б
Недостатокот на витамин Б комплекс доведува до слаб апетит, слабост и раздразливост, одложено постигнување на нормални цели како што се стоење и говор (доцнење во развојот), рани на усните и јазикот, тегоби поврзани со нервите и промени во расположението.

Недостаток на витамин Ц
Децата со дефицит на витамин Ц ќе покажат симптоми како што се отечени непца, крвавење на непцата при четкање на забите, лесно добивање модринки од помали повреди кои инаку не би требало да предизвикаат модринки, болки во екстремитетите или зглобовите, бавно зараснување на раните и сува коса.

Недостаток на витамин Д

Недостатокот на витамин Д може да доведе до слабеење на коските – болест наречена рахитис кај малите деца. Како резултат на тоа, коските на нозете можат да се „свиткаат“. Дополнително, недостатокот на витамин Д може да доведе и до одложување на одењето и на никнувањето на забите, зголемен ризик од фрактури и ниски нивоа на калциум во крвта.

Недостаток на калциум
Недостатокот на калциум обично е предизвикан од недостаток на витамин Д, па симптомите најчесто се поврзани со недостаток на витамин Д. Покрај тоа, може да се појават и мускулни грчеви и повремени епилептични напади (кај мали бебиња).

Недостаток на железо
Замор, недостаток на концентрација, раздразливост, слаб апетит и бледило се карактеристични за недостаток на железо.