„Како e на небото учителке? Се борам, но мислам дека нема да издржам“. Ова е единственото прашање на кое наставничката Светлана Атељевиќ (57) од Белград немала одговор, а ја боли до ден денес.
Светлана е малку поразлична од другите учителки во главниот град на соседна Србија. Иако секое утро влегува во канцеларија и го зема дневникот, не е сигурна дали повторно ќе ги види истите лица. Наместо во училница, таа предава во Институтот за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ“, каде се лекуваат децата од најтешки болести, а повеќето од нив дури и од рак.
Иако за Телеграф.рс признава дека е тешко, вели дека со нив ги поминала најубавите години, ги стекнала најубавите искуства и споделила спомени од кои срцето заигрува. Еден таков засекогаш ќе го памети, иако немал среќен крај.
„Нашите ученици созреваат и растат многу побрзо, многу отворено зборуваат за своите болести и за границите меѓу животот и смртта. Имаат само една желба, а тоа е да се вратат кај пријателите. Тие се многу одговорни, го сакаат училиштето и со нетрпение очекуваат да не видат. Многу често и самите не уверуваат дека можат да работат иако се под терапија. Нивните интереси се широки и секогаш се поставува прашање повеќе. Не можам да не го спомнам момчето кое за секогаш останува посебно за мене. Понекогаш нашите часови се само отворени и искрени лекции за животот. Тогаш оставате сè на страна и го следите секој нивни збор, изглед, израз на лицето.
На едно прашање немав одговор: „Како е на небото, учителке? Јас се борам, но мислам дека нема да издржам“. Беше во четврто одделение. Немав одговор на неговото прашање и тој ја загуби битката“, раскажува Светлана, потсетувајќи се на милото лице кое секогаш ќе го памети, а за жал никогаш нема да има одговор.
Сепак, она што најмногу ја движи во работата е оздравувањето на нејзините ученици. Таа живее за денот кога некој од нив ќе може да оди во вистинското училиште, да ги запознае сите прекрасни страни на животот и да изгради иднина за себе. Светлана раскажува дека работата со овие малечки е специфична и со самото тоа е многу поинтимна. Часовите се индивидуални, во болничките соби и затоа Светлана се сеќава на желбите и надежите на секој од нив.
„Наставата се одвива индивидуално, со секој ученик, во болнички соби. Бидејќи нивните болести се специфични, наставата ја прилагодуваме на секој ученик поединечно. Се прилагодуваме според нивните здравствени можности, а најчесто и со учебниците од училиштата од кои доаѓаат. Нашето училиште се разликува и по тоа што учениците се запишуваат во текот на целата учебна година. Бидејќи најмногу работев со деца на хематолошкиот оддел, со нив ги споделив сите фази од нивното лекување. Она што најмногу не мотивира и радува моите колеги и мене е закрепнувањето на секој наш ученик и продолжувањето на образованието со своите врсници во нивните матични училишта. За жал, има и лоши работи, тоа се изгубени битки и тага која останува“, признава оваа учителка.
Поговорката дека здрав човек има илјада желби, а болен само една, не настанала случајно, а тоа го покажува и примерот на малите борци. Таа се присетува дека нивните барања секогаш биле скромни и едноставни. Тие го сакаат само она што никогаш не можеле да го видат.
„Нивните желби се едноставни и обични. Бидејќи нивниот престој во болница е долг, ми се случи да бараат суви лисја, желади, цвеќиња, сѐ што се менува во природата, а тие не можат да го видат“, вели оваа учителка.
Како што веќе спомна, се соочила со најтешкото сценарио. Се случило најлошото, никогаш повеќе да не ги види истите очи во кои тлеела надеж до самиот крај. Светлана признава дека не постои училиште што може да го научи човек како да се справи со тоа.
„Имаше и такви деца кои прерано нѐ напуштија и тоа се најтешките моменти за сите нас. Нема утеха или школо што може да нѐ научи како да се справиме со тоа. Ние во колективот заедно споделуваме солзи и смеа и радост и тага и мислам дека сме многу посилни и поповрзани и горда сум што сум дел од таков колектив. Има луѓе кои доаѓаат и минуваат низ нашето училиште, кои не можат да го издржат овој начин на работа, а има и такви кои се таму со целото свое срце и ќе бидат уште многу години“, вели таа.
Со оглед на тоа што поголемиот дел од својата кариера го поминала со млади луѓе кои постојано се борат, Светлана има порака за оние кои, за среќа, се благословени со среќно детство. Вели дека е најважно да покажуваат љубов, да бидат љубопитни и да го истражуваат светот.
„Тие мали борци ми помогнаа многу похрабро да чекорам низ животот, со многу емпатија кон учениците и нивните семејства кои ја водат најтешката битка во животот. На сите деца на овој свет би им кажала повеќе да се смеат, да се дружат, да разговараат, да покажуваат љубов и да си помагаат, да бидат љубопитни и спремни за животните предизвици“, раскажува наставничката од Белград.
[…] Повеќе за ова прочитајте ТУКА. […]