Како начинот на раѓање влијае на здравјето на бебето? Царски рез или вагинално породување?

Научниците од Велика Британија велат дека првата средба на бебето со микробите може да делува како „термостат“ на имунолошкиот систем.

Токму овие бактерии можат да го објаснат тоа што бебињата родени со царски рез имаат поголема веројатност да се соочат со здравствени проблеми подоцна во животот.

Меѓутоа, истражувачите нагласуваат дека мајките не треба да ги мачкаат бебињата со вагинални течности.

Колку се важни бактериите во цревата?

Нашите тела не се целосно човечки – ние сме екосистем и околу половина од клетките на нашето тело ги сочинуваат микроби како бактерии, вируси и габи.

Повеќето од нив живеат во нашите црева и заедно го формираат микробиомот.

Микробиомот е поврзан со болести како што се алергии, дебелина, воспалително заболување на цревата, Паркинсонова болест, па дури и депресија и аутизам. Овој екосистем во цревата исто така влијае на тоа како ќе делуваат врз нас лековите против рак.

Новата студија на Институтот Велком Сангер, на Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Бирмингем открила како се формира микробиомот кај бебињата откако ќе ја напуштат стерилната матка на мајката.

Во текот на истражувањето редовно биле земани примероци од пелените на речиси 600 бебиња биле прегледувани редовно во текот на првиот месец од животот, а од некои биле земени во текот на целата прва година.

Студијата, објавена во списанието „Nature“, покажала дека вагинално родените бебиња ги добиле најголемиот дел од првите бактерии од нивните мајки.

Бебињата родени со царски рез имале високо ниво на болнички бактерии како Клебсиела и Псевдомонас.

„Она што ме изненади и исплаши беше количината на болнички микроби кои се појавија кај овие деца“, изјавил д-р Тревор Лули од Институтот Велком Сангер за Би-Би-Си.

„Тие сочинуваа и до 30 проценти од нивниот микробиом.

„Но, возбудливо е што сега имаме неверојатна количина на податоци врз кои  можеме да градиме и да размислуваме како правилно да го воспоставиме човечкиот екосистем, почнувајќи од раѓањето“.

Микробиом

Човекот го сочинуваат повеќе микроби отколку човечки клетки – ако ги изброиме сите клетки во нашето тело, само 43 проценти од нив се човечки

Останатото е нашиот микробиом кој се состои од бактерии, вируси, габи и едноклеточни археи.

Човечкиот геном – цел сет од генетски упатства за човекот – се состои од 20.000 упатства кои се нарекуваат гени

Но, додадете ги сите гени во нашиот микробиом и тој број се движи помеѓу два и 20 милиони микробни гени.

Нашиот микробиом е исто така познат како наш „втор геном“.

Дали ова влијае на здравјето на бебето?

Веќе е познато дека децата родени со царски рез имаат поголема веројатност да заболат од болести како што се дијабетес тип 1, алергии и астма.

Лош имунолошки систем – одбраната на телото од инфекции – може да влијае на сите овие заболувања.

Разликите помеѓу вагинално родените бебиња и оние родени со царски рез се намалувале со текот на времето и во голема мерка се изедначувале околу првиот роденден.

Најзастапена е идејата дека првите микроби што се населуваат во нашите црева, се од пресудна важност, како и дека токму тие му помагаат на нашиот имунолошки систем да ја препознае разликата помеѓу пријателите и непријателите.

„Хипотезата е дека моментот на раѓање би можел да биде некој вид на клучен момент во кој имунолошкиот систем се воспоставува за идниот живот“, вели истражувачот и доктор Најџелд Филдс од универзитетскиот колеџ во Лондон.

За време на студијата под назив „Проект за биом на бебиња“, истражувачите ќе продолжат да ги следат бебињата во текот на растењето за да соберат повеќе податоци.

Како можеме да го измениме микробиомот на бебето?

Начинот на кој бебињата дошле на свет има најголемо влијание врз формирањето на бебето. Сепак, влијание имало и тоа дали бебињата примале антибиотици и дали нивните мајки ги дојат.

Претходните истражувања од оваа област доведоа до трендот мајките да ја тријат вагиналната течност по лицето и устата на бебињата после царски рез.

Меѓутоа, една нова студија покажала дека дури и вагинално родените бебиња не добиваат повеќе вагинални бактерии од бебињата родени со царски рез.

Всушност, бактериите што мајките им ги пренеле на бебињата доаѓале поради контактот со фекалиите на нивната мајка за време на породувањето.

Истражувачите велат дека мачкањето со вагинална течност може да го изложи бебето на опасни стрептококи од групата Б.

Во иднина, бебињата родени со царски рез би можеле да добијат коктел од добри бактерии веднаш по раѓањето.

„Ова се микроби кои ни се посветени нам и ние сме им посветени ним“, вели д-р Лули.

„Мојот главен интерес е – кои микроби се пренесуваат од мајката на детето? Ова не е случаен процес, овие микроби се длабоко поврзани со луѓето.

„Тоа е она што сакаме да го разбереме – оваа форма на блискост меѓу мајката и детето“.

Што треба да прават бремените жени?

Д-р Алисон Рајт, потпретседател на Кралскиот колеџ за акушери и гинеколози, вели дека резултатите се револуционерни, но не треба да ги одвраќаат жените од царски рез.

„Во многу случаи, царскиот рез е постапка која спасува живот и во тој случај може да биде вистинскиот избор за жената и нејзиното бебе.

микробиомпородувањецарски рез