Доењето е најприродниот чин кој постои, ист за сите и за луѓето и за другите цицачи. И сите знаеме дека во првите месеци од животот, имунолошкиот систем на детето сè уште не е доволно развиен за да им се спротивстави на бактериите и вирусите од неговата околина, а токму преку мајчиното млеко ги добива сите заштитни материи кои ќе го спречат или одложат развојот на многу хронични болести и алергии, а во случај да дојде до болест, детето полесно и поуспешно ќе ја надмине.
Околу 80% од клетките во мајчиното млеко се макрофаги, клетки кои ги голтаат бактериите, габите и вирусите.
Телото на мајката произведува антитела за болести на кои е изложена во нејзината околина, така што таа произведува млеко кое е скроено за да се бори против болестите на кои е изложено и нејзиното бебе. Адаптираното млеко не дава ниту една од овие придобивки.
Како и покрај сите овие сознанија, дојдовме до тоа, од природен чин, доењето да се претвори во трка со препреки. А препреки има на секој чекор.
Светската здравствена организација (СЗО) во документот Global Nutrition Targets 2025 Breastfeeding Policy Brief, наведува дека жените не ги постигнуваат своите цели за доење од следниве причини:
недостаток на знаење и вештини на здравствените работници,
непознавање на мајките и здравствените работници на правилните техники на доење,
болнички практики кои не поддржуваат доење,
верувањето дека млекото е недоволно хранливо и дека има потреба од дополнителна храна,
агресивна промоција на вештачките формули,
незнаење за опасностите од недоењето и
несоодветно трудово законодавство кое не го поддржува доењето откако мајката ќе се врати на работа.
Или, накусо, жените се соочуваат со бројни замки на патот кон воспоставување на доењето во кои лесно се паѓа.
Да објасниме подетално.
Раздвојување на мајката и бебето по породувањето
Сте гледале сигурно еден куп филмови за минатото во кои во една сцена мајката го раѓа детето, а веќе во следната, го дои.
Но, што се случува во модерното општество?
Кога ќе се роди бебето, медицинските лица веднаш го земаат за да му ги измерат тежината и висината, како таа да ќе се смени ако се направи тоа после 10 минути. А на овој начин на кој тоа се прави во болниците, на мајката и на бебето им се одзема првиот и најважен контакт кожа на кожа, кој го стимулира производството на мајчиното млеко и делува благотворно и на мајката и на бебето. И така, ќе ѝ го донесат бебето на мајката дури откако ќе го средат и ќе го напојат со вештачко млеко, а таа неговата заспаност и незаинтересираност ќе ја протолкува со вообичаеното: немам млеко.
Митови во заедницата
Постои цела низа предрасуди кои се пренесуваат од колено на колено и просто е неверојатно колку успешно му одолеваат на времето, па дури и на научно докажаните информации.
Вообичаена предрасуда е таа дека млеко нема во првите денови. Има, се нарекува колструм и е сосема доволно за нутритивните потреби на бебето на почетокот од неговото животче.
Во општеството постои тенденција на секој најмал проблем со доењето да се реагира со „немаш млеко“ или „има малку млеко“ или пак, „имаш неквалитетно млеко“.
Можеби секоја втора жена што ја познавате не доела затоа што „немала“ млеко или млекото ѝ било неквалитетно. Значи, кога ќе почнат проблемите, а горе-долу тоа се случува кај сите, мајките мислат, ау, тоа е тоа, и мене ми снема млеко, или: ете, мене ми е слабо млекото.
Во анкетата во која учествувале 800 мајки од регионот, независната здравствено-информациска мрежа SteadyHealth, покажала дека штетната болничка пракса и верувањето на мајките дека немаат доволно млеко биле двете главни препреки кои ги спречиле повеќето мајки да ги дојат своите бебиња во првите 6 месеци од животот. А замислете, ние имаме законски обезбедено породилно отсуство кое им овозможува на нашите мајки да бидат со своите бебиња во првиот и најважен период од нивниот живот.
Понатаму, луѓето главно не се свесни за опасностите од недоењето, т.е. дека недоењето е ризик по здравјето. Сметаат дека хранењето со шише е нормално и дека вештачкото млеко е идентично со мајчиното млеко. Епа не е.
Проблемот на медицинската заедница
Постои општ недостаток на интерес за доењето кај медицинските работници. Така, многу лесно може да се случи да го добиете советот „додадете малку формула на доењето“ без да ви објаснат што, како, зошто, колку долго…
Овој совет може да се даде само за да се „покрие“ оној што го дава, во смисла да не презема одговорност поради слабиот напредок на детето. Тоа може да биде и затоа што лицето на кое сте му се обратиле за помош за проблеми со доењето не знае како да ви помогне, па ве прогласува за изгубен случај за доење и ви дава „совет“ за дополнително хранење.
Исто така, штом имате малку покомплицирана ситуација со доењето, од типот на вовлечени брадавици, постојат големи шанси да им поставите преголем предизвик на здравствените работници и да бидете прогласени за „изгубен случај“. Затоа што едноставно не знаат како да ви помогнат.
Секако дека има луѓе кои совесно си ја вршат работата кога е во прашање доењето, но за жал, гореспоменатото сценарио е многу почеста појава кај нас (и во светот). Силиконските брадавици, формулаата и цуцлите лажливки се првите нешта што ќе ви кажат да си ги купите за своето бебе.
Гладните мајки во Африка ги дојат децата, ама затоа нашите – немаат млеко.
Младите мајки, водени од гореспоменатата заблуда дека секоја втора жена нема млеко и и онака не може да дои, не ги преиспитуваат советите што ги добиваат – веднаш ги применуваат.
Интересите на индустријата
Веројатно не сте ни свесни за ова влијание, но тоа е многу моќно. Индустријата не уверува дека многу жени не можат да дојат и дека проблемите со доењето се речиси неизбежни.
Велат и дека вештачкото млеко е решение за сите проблеми со доењето. Слично е и со производителите на шишиња и цуцли. Реклами и слики од среќни бебиња со шишиња и цуцли се насекаде околу нас, што не тера да помислиме дека шишето и цуцлата се нешто неопходно во животот на бебето, нешто што дефинитивно мора да се купи пред да дојде бебето.
И последната точка од документот на СЗО е несоодветното трудово законодавство кое не поддржува доење откако мајката ќе се врати на работа. Значи, индустријата има интерес за ова (секоја индустрија во која работи мајката), а тоа е мајката да не дои и со тоа што побрзо и полесно да се врати на работа.
Овој проблем кај нас (се уште) не е изразен, но го има на пример, во САД. Таму нема законски загарантирано породилно отсуство, а мајките и бебињата зависат од полисите на компанијата и здравственото осигурување. Така, некои мајки мора да се вратат на работа веќе 2-3 недели по породувањето.
Ако од некоја причина сте престанеле да доите, а сега сте се предомислиле, но повеќе немате млеко, можно е повторно воспоставување на доењето. Овој процес се нарекува релактација. Повеќе за ова и како можете повторно да си го вратите млекото, прочитајте ТУКА.