Како влијае врз децата растењето во неуреден дом?


Растењето во неуредно домаќинство може да има долгорочно влијание врз психолошките обрасци, емоционалните реакции и животните навики на една личност. Околината во која растат децата, особено ако се карактеризира со хаос, неред или нарушено чувство на безбедност, ја обликува нивната потреба за контрола, рутина и стабилност како возрасни.

Децата од нефункционални или хронично неорганизирани домови имаат поголема веројатност да развијат зголемена чувствителност на неред, емоционални граници и потреба за предвидливост. Подолу се наведени некои од најчестите ситуации со кои возрасните кои пораснале во такви средини тешко се справуваат.

Неуреден простор

Нередот и пренатрупаните простори често предизвикуваат вознемиреност кај возрасните кои пораснале во хаотични домови. Овие простори потсетуваат на детството на кое му недостасувала структура и чувство на безбедност.

Според истражувањето спроведено од National Association of Productivity & Organizing Professionals, 48 проценти од Американците велат дека нередот е ментално исцрпувачки. За овие луѓе, уредниот простор не е само естетски избор – тоа е емоционална потреба и форма на контрола врз сопствениот живот, пишува YourTango.

Недостаток на рутина

Децата кои пораснале во непредвидлива средина честопати чувствуваат длабока потреба за структура во зрелоста. Тие го доживуваат недостатокот на рутина како враќање во периодот на несигурност. Одредени студии ги поврзале нестабилните семејни рутини со подоцнежните тешкотии во партнерските односи и намалената самодоверба. Возрасните со вакви искуства честопати ја нагласуваат важноста на доследноста и предвидливоста во секојдневниот живот.

Ненадејни посети

Непланираните пристигнувања на гости можат да предизвикаат непријатност кај луѓето кои во детството го поврзувале доаѓањето на гостите со ненадејно чистење и стрес. Дури и кога нивниот дом е сега уреден, ненадејните посети можат да разбудат чувство на губење на контролата. Ова непријатно враќање во минатото значи дека дури и блиските пријатели со деца можат ненамерно да го поткопаат нивното чувство на безбедност.

Неуредни кујни и бањи

Во многу домови, кујната и бањата се симбол на чистота и ред. Но, оние кои пораснале во неуредни простори честопати биле сведоци на спротивното. Како возрасни, тие вложуваат дополнителен напор во одржувањето на тие простори бидејќи нечистотијата ги потсетува на емоционалниот и физичкиот хаос во кој пораснале. За нив, чистотата во тие простори не е прашање на навика, туку емоционална граница што не сакаат да ја преминат.

Недостаток на граници

Децата кои немале свој простор или чија приватност често била нарушена од членовите на нивното семејство стануваат исклучително чувствителни на границите како возрасни. Тие ги поставуваат построго од другите и ги перцепираат луѓето кои не ги почитуваат тие граници како закана. Психолозите го толкуваат ова како механизам за самоодржување – обид да се заштитат делови од нивниот идентитет кои некогаш биле занемарени.

Неорганизираност

Неорганизираноста во просторот им предизвикува на овие луѓе не само непријатност, туку и подлабоко чувство на несигурност. Една студија покажала дека децата од хаотични домови имаат поголема веројатност да развијат проблеми со саморегулацијата и однесувањето. Како возрасни, тие се склони кон минимализам, јасни и едноставни – не затоа што е модерно, туку затоа што им помага да го одржат внатрешниот мир.