На вчерашниот онлајн настан по повод Светскиот ден за борба против родителското отуѓување, на прашањето во каков човек ќе порасне дете кое е отуѓено од својот родител, психологот Дора Попова Узуновски, рече: „Отуѓеното дете кое е злоупотребувано од родителот отуѓувач може да порасне во човек кој и во иднина пак ќе биде жртва во некоја партнерска релација или пак ќе му го прави истото на своето дете. Во мојата пракса имав дете кое беше сексуално злоставувано од мајката, а сепак не сакаше контакт со таткото. Детето во вакви ситуации верува дека злоставувачот е во право, нему злоставувањето му е идеја за љубов и како што родителот го третирал ова дете, така тоа ќе се третира себеси подоцна во животот или пак ќе биде родител кој ќе му го направи истото на своето дете. Ова се потврди и во споменатиот случај, имено, дека мајката во детството била злоставувана од својот татко. Што се однесува до родителите оттуѓувачи, пак, тие, иако неофицијално, се сметаат за личности кои се некаде помеѓу она што значи нормални луѓе и психијатриски случаи“.
Притоа, Дора Попова Узуновски им порача на родителите чии деца се оттуѓени од нив, да останат присебни и да побараат психолошка помош, иако е тешко, да научат да не го напаѓаат другиот родител како што тој ги напаѓа нив за да не се најде детето во двојна конфликтна ситуација. И секако, да се обидат да одржуваат контакт со детето дури и кога им е целосно забранет пристапот, па на пример, кога му е роденден на детето барем телефонски да му го честитаат и дури и ако нема повратен одговор од детето, да не се откажуваат, зашто ако се откажат, ќе излезе дека примарниот родител бил во право. Детето треба да почувствува дека тој родител за кој другиот родител му вели дека не е заинтересиран, напротив, е заинтересиран за него. Некои деца се резилијентни и нема да веруваат во исказите на родителот – отуѓувач, обично е така ако децата се поголеми во периодот на разводот, но ако се помали, влијанието ќе биде поголемо.
Според организаторите на настанот, детската амбасада „Меѓаши“, последните шест години од постоењето на СОС телефонот „Ало, Бушавко“, на прво место по бројот на јавувања се токму ваквите случаи на отуѓени родители и деца. Според нивната годишна статистика од 2016.година, 412 деца се отуѓени од своите родители
„Децата се во средина на конфликтот што го водат родителите преку институциите. Нивните проблеми оставаат траги и несакани последици кај нивните деца“, велат од „Меѓаши“.
Според Наум Рибароски, претседател на здружението – Центар за рамноправно родителство „Децата пред се“, кое е продолжение на Иницијативата за заедничко родителство по развод, сите тие кои се секундарни родители, виделе илјадници случаи на родителско отуѓување во Македонија.
„Сите ние што сме секундарни родители сме во константна опасност децата да се отуѓат од нас. Ако примарниот родител реши да не го почитува решението за видувања, не постојат ефикасни правни постапки за да му се застане на патот. Првиот проблем е што решенијата за видување се премногу рестриктивни за секундарниот родител. А потоа доаѓа проблемот кога примарниот родител не го почитува решението за видување и едноставно не го пушта детето да се види со другиот родител користејќи лажни медицински потврди или уште полошо, го обвинува другиот родител за сексуална злоупотреба.
Центрите за социјална работа немаат ефикасен лек за овие ситуации. Ако го видиме законот, таму се споменуваат постапки кои Центарот може да ги преземе во такви ситуации. На пример, доделување на детето на период од 15 дена кај секундарниот родител ако примарниот родител не се придржува до решението. Но тонот на законот е таков што Центарот може, ама не мора да преземе нешто. Ова најчесто резултира со непреземање никакви мерки. А и ако се преземат некакви мерки, на пример, Центарот да поднесе кривична пријава против несовесниот родител, тогаш се влегува во долга постапка која најчесто завршува без каква било пресуда против несовесниот родител. Што и да се случи, во случаите кога едниот родител сака да го отуѓи детето од другиот родител, најчесто успева во тоа без да сноси никакви последици. Како резултат на ова, се зголемува бројот на несовесни родители кои гледаат дека користењето на детето како оружје против другиот родител е возможно поради нефункционирање на системот и самите решаваат да тргнат по тој пат. И така, се зголемува бројот на отуѓени деца кои се всушност најголемите жртви. Несовесните родители се убедени дека му прават добро на своето дете, а нема кој да им укаже дека грешат. Затоа, еден од нашите предлози е и задолжителна работа со психолог за родителите кои влегуваат во развод и за нивните деца.
Вториот начин на кој децата се отуѓуваат од родител се лажните пријави за насилство и педофилија. Ова прераснува во долготраен процес за време на кој превентивно, во случај обвинувањето да е вистина, се прекинуваат контактите на детето со овој родител или се гледаат еднаш-двапати месечно под надзор, а кога ќе се докаже невистинитоста на обвинувањето, родителот ќе си го исчисти името, ама неговото дете ќе биде веќе отуѓено од него и е тешко да се воспостави повторна меѓусебна комуникација.
Третиот начин кој е се поактуелен е трајно отселување во странство, нешто за што на примарниот родител не му треба дозвола, односно, кога секундарниот родител не се согласува со тоа, доволно е примарниот родител да покаже некоја потврда дека таму каде што одат има место за живеење, има работа и средства со кои ќе го издржува детето и центарот носи одлука дека детето може да се отсели“.
Како решение на овие состојби Рибароски посочува на нивниот предлог-закон кој во 2019 година тогашната Иницијатива зазаедничко родителство после развод го достави во Собранието, а по него следуваше и расправа во собраниската комисија за труд и социјала, но не ја доби поддршката од министерството.
Решението се состои во формирање теренски тимови кои ќе реагираат ако едниот родител пријави непочитување на решението, со цел да утврдат дали децата се оправдано спречени да го видат другиот родител или се работи за злонамерно однесување на родителот кај кого се децата. Во случај да утврдат неоправдано непочитување на решението, оваа институција би имала право да изрекува опомени, парични казни, па дури и да поднесува кривични пријави против несовесните родители. Практиката покажува дека постоењето на овие т.н. семејни извршителски служби во значителна мера ја зајакнува функцијата на социјалните служби и превенира деструктивно однесување на кој било од родителите.
Според Јован Андоновски, од канцеларијата на Народниот правобранител, најголем број претставки кај нив се однесуваат токму на овој проблем на непочитување на видувањата на детето со родителот со кој не живее.
Тој посочи и дека пандемијата на ковид-19 била искористена како изговор за невоспоставување односи на детето со едниот од родителите, но и дека години наназад проблемите се исти, а тоа, вели Андоновски, укажува на потреба од промена на семејното законодавство, зајакнување на тимовите на центрите за социјални работи, но и обезбедување соодветна просторија каде што ќе се одвиваат средбите со родителите и со децата, со оглед на тоа што дури и во затворите има похумани услови каде што детето може да се види со родителот кој е во затвор.
За отуѓувањето на децата од родителите од перпектива на адвокат кој застапува родители кои се во фаза на развод, зборуваше адвокат Александар Димиќ, според кој најголем проблем е тоа што институциите имаат шаблонско постапување, носат идентични решенија и во најголем број случаи ` го доделуваат детето на мајката, а таткото добива лимитирани видувања. Ова оневозможува правилна примена на законот за семејство, бидејќи не е секоја судбина идентична, за да може родителите да се поистоветуваат еден со друг.
„Во пракса се добива впечаток дека е најдобро да се направи спогодбен договор, но ваквото шаблонско постапување ги демотивира родителите да се договорат зашто знаат какво ќе биде решението и не се доволно мотивирани да се спогодуваат. Исто така, проблем е што во законот за семејство не постои механизам со кој центарот може да обезбеди почитување на неговите одлуки. Недостасува и правен механизам во однос на оние лажни пријави за сексуално злоставување, ако се утврди дека тие пријави се лажни. И спред него, решението на сите овие проблеми е во воведување на заедничко родителство како единствен начин помалку да се инволвираат институциите.
Од „Меѓаши“ резимираа дека проблемите може да се класифицираат во три групи, несоодветни законски решенија во насока на најдобриот интерес на детето, недоволни капацитети на институциите кои се инволвирани во случаите, односно, на центрите за социјални работи, но и подигнување на свеста кај родителите, поширокото семејство и пошироката јавност за овие проблеми.
Здружението „Децата пред се“ најавува дека за својата кауза, менување на законот за семејство и воведување на заедничко родителство после развод, а во ситуација кога ја немаат поддршката од ресорното министерство, ќе се обидат повторно да извршат притисок преку Собранието и да добијат поддршка од пратениците, без оглед на нивната политичка припадност.