Трудниците имаат чудни желби, не е невообичаено да изедат цела тегла кисели краставички. Блажената состојба е придружена со несмасност, која се манифестира со постојано паѓање на работите од рака и истурање. Но, најлоши се постојаните промени во расположението.
Науката има објаснување зошто женскиот мозок има различни „поставки“ за време на бременоста. Џордан Гејнс Луис, невролог од Државниот универзитет во Пенсилванија, објасни за The Conversation зошто бременоста е навистина „поинаква состојба“.
Се менуваат желбите поврзани со храната
Универзитетот во Конектикат направи истражување кое покажува дека преференциите за храна се менуваат во различни фази од бременоста. Додека храната со горчлив и силен вкус е одбивна во првото тримесечје, желбата за солена и кисела храна се засилува во вториот и третиот триместар.
Не е сосема јасно зошто преференциите се менуваат за време на бременоста, но се претпоставува дека телото бара посолена храна како чипс бидејќи му е потребен натриум, за да се надокнади поголемиот волумен на крвта (до 50 проценти повеќе) што циркулира низ телото.
Несмасност поради опуштање на зглобовите
Во првите недели од бременоста, нивото на хормонот релаксин, кој ги опушта зглобовите, лигаментите и мускулите, брзо се зголемува. Ова е особено корисно за растегнување на карлицата за време на породувањето. Се верува дека опуштањето на зглобовите поради релаксин придонесува за полабав стисок.
Во последните месеци од бременоста, стомакот расте, а центарот на рамнотежа се движи нагоре. Невронските импулси поврзани со држењето на телото, вклучително и рамнотежата и ориентацијата, се менуваат во текот на бременоста, поради што доаѓа до сопнување од сопствените стапала.
Промените на расположението се нормални
По зачнувањето, нивото на естроген и прогестерон брзо се зголемува, а овие два хормони настануваат и во плацентата. Познато е дека тие имаат силно влијание врз функционирањето на мозокот. Естрогенот е поврзан со зголемување на допаминот и серотонинот во мозочните региони важни за регулирање на емоциите, однесувањето и расположението. До шестата недела од бременоста, неговите нивоа се дури три пати повисоки отколку на врвот на менструалниот циклус, кој исто така го одбележуваат промени во расположението.
Покрај хормоналните промени, за лошо чувство за време на бременоста придонесуваат и физичкиот стрес, болката, заморот и промените во метаболизмот. Нестабилност на нозете, но и во главата се промени низ кои поминуваат сите идни мајки во исчекување на нивното чудо.
[…] Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“. […]