Староста обично ја одредуваме според функционалниот (психофизички) статус на одделна личност (индивидуален пристап), а животниот век на човекот го делиме на животни периоди. Првиот е оној до 18 години живот, вториот дел од животот е периодот од 19 до 65 години, тоа е време на учење, работа, создавање. Третиот дел е од 65 до 74 години и често го нарекуваме „златна доба“ или рана старост, четвртиот е периодот од 75 до 84 години, познат како средна старост и периодот на длабока старост е од 85 години од животот па натаму.
Е токму во овој период од животот е и д-р Алексиќ, мојата прва забарка од „Букурешт“, кај која ме носеа на редовни контроли на забите уште пред да тргнам на училиште. Ѝ беше колешка и пријателка на тетка ми која се омажи во своите четириесетти и замина во Америка. Знаев дека е отприлика на иста возраст со неа, а дека и двете беа постари од мајка ми која сега, ако беше жива, ќе имаше 85.
Иако низ годините ја среќавав повремено, овојпат, бидејќи долго ја немав видено и ми требаше време за да ја препознаам нејзината смалена фигура, се изненадив што таа воопшто се сети на мене. И не, не ме помеша ниту со мајка ми, ниту со тетка ми, туку се сеќаваше на моето име.
И нормално, како и секој повозрасен човек желен за муабет и внимание, се замуабети со мене малку подолго, но сѐ што кажа беше на место. Ја споредував со мајка ми која имаше Алцхајмер и онака одоколу се обидов да дознаам колку години има сега. Ме прочита и без проблем си ја изговори бројката: имам 92.
И тогаш ми раскажа за жуљот на ногата, единственото нешто што ја мачи на 92-годишна возраст.
Разговорот одеше отприлика вака:
„Како сте со здравјето?“, ја прашав јас.
„Немам проблем ниту со притисок, ниту со срцето, ама имам еден калус (жуљ) на ногава кој ме мачи со години. Ми го вадеа шест пати, ама толку ги бидува. Во мое време ги немавме сите десетки на факултет, ама имавме знаење, сега е обратно“, ми рече таа.
Ми објасни дека досега немала потреба од никакви лекови освен што веќе долго зема некој суплемент за кој вели дека е можеби заслужен за нејзиното добро здравје.
Јас дури и не запомнив за кој суплемент станува збор, бидејќи не ми беше познат. Штета!
Како и да е, се наврати на годините додека била дете, ми раскажа дека сакала да оди на училиште уште од 4 години, па морале да ја примат порано затоа што едноставно не се откажувала од идејата дека и таа мора да учи со нејзината постара сестра. Ми раскажа и за тоа колку различно биле воспитувани во тоа време децата и колку посаглам биле поради тоа. И од своите деца и од внуците и од сите генерации после нив.
Ме праша и за кој од моите најблиски да ме праша, односно, кој од нив е жив.
Ѝ кажав дека од постарите нема веќе никој.
Стоевме уште 15-20 минути, а јас едноставно немав срце да ја прекинам. Но не се однесуваше како сенилна старица која не знае дека предолго зборувала. Ми се извини затоа што ме задржала и ми раскажа само уште за тоа дека живее со еден од синовите и неговото семејство, а кога ѝ реков дека е тоа одлично, бидејќи не е сама, ми рече:
„Јас уште си пазарам и готвам самата, би можела да функционирам и сама, ама сепак сме заедно“.
Ме праша и што правам јас, дали имам семејство, што работам и слично. Се извини уште еднаш затоа што предолго зборувала и си замина. Гледав по неа додека полека се оддалечуваше од мене. Малку, едвај забележливо накривнуваше, веројатно од жуљот. Одеше бавно и ги пребројуваше парите од кусурот што не успеа да го преброи додека стоевме заедно.
Да, беше смалена, бавна, остарена. Нема сомнеж дека стареењето е неповратен процес, годините минуваат и не можеме да ја запреме или да ја вратиме стрелката на нашиот животен часовник. Но промените што се случуваат во нашето тело не значат болест, туку се природни знаци на стареење, и иако не се пријатни – останува само да се приспособиме и да се прифатиме такви какви што сме, остарени. И ако можеме, да им додадеме малку живот на годините.
И да, најважно од сѐ, да можеме да се грижиме сами за себе. Ако покрај тоа сѐ уште можеме да се грижиме и за другите, тоа е само додадена вредност во животот во кој и онака ни останале само малку или воопшто пријатели со кои можеме да се дружиме.
Дај Боже сите да имаме старост како нашата драга д-р Алексиќ.