На милиони деца им е дијагностицирано нарушување на вниманието и хиперактивност или АДХД. И покрај распространетоста на состојбата, таа често е погрешно разбрана, а поради може да страдаат и децата и возрасните.
„АДХД го нарушува извршното функционирање или способноста за контролирање на мислите, емоциите или однесувањето“, наведуваат од клиниката Кливленд.
Постојат три типа на АДХД, а тоа се: претежно невнимателни, претежно хиперактивни или комбинација од двете. И за децата и за возрасните со АДХД симптомите може да предизвикаат проблеми дома, на училиште, на работа и во односите, особено ако не се контролираат.
Предност наместо недостаток
Според д-р Нед Халовел, татко, психијатар и познат експерт за оваа состојба, воспитувањето дете со АДХД може да биде предизвик. Сепак, правилниот третман и одредени техники за воспитување можат да помогнат да се создаде основа за успех. Неговиот совет број еден за воспитување деца со АДХД е: „Преобликувајте го АДХД како предност, а не како недостаток“.
„Најважното нешто што луѓето треба да го знаат е дека постои позитивна страна на оваа состојба. Немаме дефицит на внимание, имаме изобилство на внимание и нашиот предизвик е да го контролираме“, изјавил тој.
Луѓето со АДХД се многу креативни, имагинативни, иновативни и претприемнички настроени
И на д-р Халовел му бил дијагностициран АДХД и тој ги охрабрува родителите да размислуваат за состојбата како за извор на неверојатна сила што треба да се искористи. Луѓето со АДХД се многу креативни, имагинативни, иновативни и претприемнички настроени.
„Секогаш велам дека луѓето со АДХД имаат мозок кој е како мотор на ферари со сопирачки за велосипеди. Тоа е нешто на кое сакате да работите, а не да го гледате како недостаток“, додал тој.
Според Центрите за контрола и превенција на болести, САД, многу деца со АДХД страдаат од други ментални нарушувања, вклучително и анксиозност и депресија. Делумно затоа што често слушаат само за негативните аспекти на нивната состојба. Па, тоа може да ја наруши нивната самодоверба.
„Ако родителите мислат дека е тажно што детето има АДХД, детето го согледува тоа размислување и почнува да се гледа себеси на тој начин“, вели д-р Халовел и истакнува дека и луѓето со АДХД го менуваат светот на подобро.
„Научниците, пронаоѓачите, извршните директори, спортистите, музичарите и добитниците на Нобелова награда имаат АДХД. Сакам родителите да го знаат ова и да им го покажат на своите деца“, заклучил тој.
[…] Повеќе за ова прочитајте на „Мајка и дете“. […]