Добрила Грашеска која сите ја знаеме како пејачка на „Чалгија саунд систем“ и дел од дуото Добрила и Дориан (Јовановиќ) е и мајка на Лука Јованоски, гитарист и пејач во дури два успешни македонски бенда, Луфтанза и Корпорација Вагина. Добрила тврди дека на настапите со вториов, кога доаѓа време за песната Германски рок, на којa пее и таа, Лука редовно ја најавува само со име и презиме, па обично вели: „Ајде нека дојде Добрила Грашеска“.
Се најдовме тројцата во Макка бар во Скопје, едно саботно претпладне за да ми раскажат како е да пораснеш со мајка како Добрила, но и како е да одгледаш син како Лука.
И приказната оди вака.
Само тој си знае како е да пораснеш со мајка која со толку емоции знае да ти ги отпее песните кои опеваат некои тажни приказни, што наместо да заспиеш, прво плачеш, па потоа заспиваш. Или пак, кога си многу лут, нервозен и имаш напад на бес, кој денес го нарекуваат тантрум, а мајка ти наеднаш ќе му ја викне: „Заплакало е Мариово, заплакало за тој ми Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугаре…“
Тоа е, се исправаш полека и низ солзи ја продолжуваш: …„Каде си Ѓорѓи сега да дојдиш, леле да дојдиш…“
И така се смируваш.
„Се сеќавам дека баба ми ми пееше една тажна песна, Овчарче мило убаво.., а јас плачев. Песната беше за едно овчарче и неговата љубена кои се сакаат, но нејзините решаваат да ја дадат за некој побогат…и песната ми беше многу тажна“, се смее Лука потсетувајќи се.
Тука се надоврзува Добрила па вели: „Детството е како пијанството, сите знаат што си правел, само ти не знаеш. Јас и Лука имавме рутина уште откако беше многу мал, секој ден пред попладневниот одмор и навечер пред спиење, му читав книги и му пеев песни. Најмногу плачеше кога му ја пеев „Партизан се за бој спрема, носи пушка на рамо…“, па кога ќе дојдеше време за онаа тажна строфа која вели: „едно утро писмо стигна, мајко, син ти загина“, јас почнував да ја пејам малку поемотивно, гласот ми трепери, тој плаче, а јас кришум се кикотам и го гушкам да го утешам“, раскажува Добрила онака, со дух и низ шега како што само таа знае.
Лука има и некои нејасни сеќавања за тоа дека имал некоја омилена песна на која, кога ќе ја слушнел на ТВ, ја земал в раце пластичната гитара и почнувал да скока и да пее. И нормално, мајка му се сеќава која е точно таа песна: „Тоа беше песната на Суперхикс – Еј Раде, каков човек, каква генијалност… Лука имаше околу две ипол-3 години и толку многу ја сакаше што го однесовме на концертот на Суперхикс на лизгалиште и тоа беше првиот концерт на кој бил.
Кога имаше околу 4 години, додека јас пеев на Школка во парк, тој трчкаше наоколу, кај озвучувањето, на сцена, наваму-натаму и практично, од секогаш бил во допир со музиката“, раскажува Добрила.
Кога таа пее, морници ве лазат
Таа вели дека и самата цел живот била опкружена со вредна музика и од секогаш имала некоја претстава за себеси во која таа се занимава со музика и пее. Иако сака рокенрол и панк, Добрила пораснала во семејство во кое освен што сите од страната на мајка ѝ и мајка ѝ, се музички талентирани, се негувала нашата вредна традиционална музика.
„Во меѓувреме сум направила различни избори во животот, на пример, сум избрала да студирам компаративна книжевност, но не сум го изгубила никогаш тоа чувство во мене дека јас во еден момент ќе бидам пејачка“, раскажува Добрила.
Иако вели дека цел живот пеела, по дома, по родендени, журки и така натаму, официјално почнала со професионална кариера на 32 години. Вели, вербата е едно, а самодовербата друго.
„Еднаш бев на аудиција за хор, а јас секогаш имам трема и кога почнав да пејам, тој ми вика: ‘што пееш така, ајде оди таму втори глас’. Се разочарав и веќе не отидов таму. Малку ми требало за да ми се наруши самодовербата или да ми се изгради. Затоа кога отидов на школата за чалгија која ја организираше оркестарот Пеце Атанасовски, после аудицијата дојде Доријан (Јовановиќ) и ми рече: ‘јас тебе кога те слушнав, морници ме полазија’, си помислив, сепак сум знаела да пејам“, се смее Добрила.
Лука го наследил талентот од мајка му, а песни пишува само на македонски
Лука има 23 години, а веќе пет години се занимава со музика. Го наследил талентот за музика од мајка му, а благодарение на неа, но и на татко му кој е одличен познавач на џезот, но и на македонските бендови од 80-тите, како Архангел и Мизар, секојдневно бил опкружен со квалитетна музика. Токму по примерот на овие македонски култни бендови, како и на големо задоволство на Добрила, сите песни што ги пишува се на македонски јазик.
Лука признава дека пред настап секогаш има трема, иако сега не толку многу како за првите настапи и концерти, но тврди и дека е секогаш подобро да се има малку позитивна трема.
Токму на првиот концерт на неговиот бенд „Луфтанза“ во скопската чаршија, во периодот на корона, мајка му речиси и не се сеќава, односно, го памти само по лошото чувство што го имала кога човекот кој го обезбедувал не сакал да ја пушти да помине и да го гледа како што треба.
„Кога свиреа во чаршија стигнав малку подоцна, но иако не беше уште почнат концертот, бидејќи беше уште време на корона, демек, со ограничен број на луѓе во публиката од онаа страна на лентата, човекот што обезбедуваше не сакаше да ме пушти. Се сеќавам само дека го молев, плачев и го убедував да ме пушти да го гледам син ми и дека бев избезумена затоа што не сака да попушти. На крајот се протнав под лентата и влегов баш на последната песна, а на обезбедувањето никогаш не му го заборавив ова па и ден-денес го „казнувам“ такашто ја вртам главата на другата страна додека ми става печат на раката пред секој концерт на кој одам во МКЦ“, се смее Добрила.
Секогаш кога може, таа нема шанси да не дојде на некој концерт на Лука и веќе му се радува на утрешниот (30 март 2024), како што велат, прв вистински самостоен концерт на Луфтанза во Станица 26 на кој ќе го промовираат новиот албум насловен „Далеку од вистинското нешто“!
„Најфраерска песна ми е Германски рок“
Добрила признава дека е највозбудена кога на настапите на Лука со неговиот друг успешен бенд – Корпорација вагина, ќе дојде време да се качи на сцена и да ја отпее заедно со нив песната Германски рок.
„Превозбудена сум и секогаш викам дека дури и да не е важно ништо од она што го имам снимено досега, најфраерска песна ми е Германски рок и многу ми е драго што сум дел од неа. Лани на „Земјотрес“ кога имаа прв концерт со Корпорација Вагина, ми најави дека ќе ме викне на сцена. Излегов полна со енергија и со возбуда затоа што иако имам искуство со настапите на кои пејам чалгија, кога се пее ваков пост-панк, има сосема друга публика која поинаку реагира, поинаку се движи и кога ќе го видам тоа пред мене, тоа е за мене сосема ново искуство. И додека на овие концерти се прави „шутка“, паралела на „шутка“ во традиционалната музика е орото. А со Лука се надевам дека ќе најдеме време не само за уште една заедничка песна, туку за цел албум“, вели таа.
Лука раскажа за тоа колку спонтано се случила оваа нивна соработка за Германски рок, додека ја снимал песната дома, во својата соба.
„Додека ги снимав вокалите за песната, во соба влезе мајка ми, незнам зошто, можеби прашина да избрише и јас ѝ реков, ајде дојди пеј и таа испеа. Мислам дека таа песна е и најпопуларна и некако нај-своја, затоа што е секогаш добро кога среде таа машка енергија ќе се појави женски вокал. Инаку, почнавме да правиме заедно и една песна од Марк Ланеган, ама не ја завршивме, а за албум, постојано ми вели дека треба да снимиме, па само да најдеме време и зошто да не, тоа би било супер“, се согласува Лука.
Тој вели дека само во еден период од животот, како тинејџер, кога, како што вели, сакаш да избегаш од родителите, мислел дека таа музика која ја пее мајка му не е кул, не е рокенрол.
„После сфаќаш дека е добро, дека е рокенрол и ѝ се враќаш. Јас се гордеам со мајка ми секогаш кога пее. Не само на мои проекти, туку кога пее и со Чалгија саунд систем и со Доријан, навистина, а не само затоа што ми е мајка, навистина се гордеам бидејќи се стварно добри, а тоа што го прават е ново и различно. Инаку, ме нервира, само кога пее не ме нервира. Нормално е секоја мајка да го нервира својот син и обратно и така и треба да биде“, се смее Лука, додека Добрила спремно одговара: „Не, не е и обратно. Јас може да изреагирам, ама дека ме нервираш или дека ти се лутам, не!“
Кога не можеш да одиш на концерт, а да не ја сретнеш мајка ти
Кога се сите дома, што е вистинска реткост, си имаат музичко интермецо, си разменуваат музики, си пуштаат песни, слушаат други бендови. А кога одат на концерти, многу често се среќаваат и таму.
„Сакаме да одиме годинава заедно во Загреб, на Ин мјузик фестивал, а и кај нас често се среќаваме кајшто има свирка, секој со своите другари, ама се гледаме, најчесто во МКЦ. Не му досаѓам, само го гушнувам и си одам“, вели Добрила.
Лука се потсетува и на ланскиот фестивал на кој и двајцата настапувале за добра кауза, за хуманитарни цели, за земјотресот во Сирија и во Турција.
За турнеите, концертите и за турбо-фолкот
Во меѓувреме, Лука со нетрпение ја очекува и претстојната турнеја со Луфтанза. Вели дека подеднакво добро се чувствува и во двата бенда, а дека најубавото нешто во целата работа му е процесот на создавање на музиката.
Со Луфтанза ќе одат дури до Талин, а додека одат натаму, ќе свират и во Белград, Љубљана, Будимпешта, Краков. Претходно со Корпорација Вагина исто свиреле во Љубљана на Менза при кориту на култната Метелкова, во склоп на фестивалот „Мент“.
„Секогаш е забавно кога свириме надвор од Македонија, но памтам дека кога свиревме во Косово со Корпорација Вагина имавме многу трема, но реакцијата на публиката беше толку многу позитивна што ми се смени перспективата за сите тие меѓуетнички тензии што ги создаваме меѓу нас“, признава Лука.
Една од работите што не може да ги поднесе е турбо-фолк музиката која вели дека не може да се избегне, ако ништо друго, додека се вози човек во автобус.
„Немам пријатели кои слушаат турбо-фолк од едноставна причина што не ни се исти погледите на живот, а преку музиката многу добро се гледа кој каков човек е. Не можам да бидам близок со некој кој носи погрешни пораки, како анти-феминизам, анти-човечки права, сите работи што не ги сакам, таа музика ги носи со себе, а никој не разбира дека е тоа така. Дека турбо-фолкот е едноставно ‘лајно’, опиум за масите. Слушаш нешто грозно, направено за да ти го испере мозокот. Затоа не ги разбирам ниту оние што велат дека наводно не слушаат турбо, освен кога малку ќе се поднапијат. Е не може така!
Јас кога малку ќе се поднапијам со другарите, знам да ја запејам Ѓорѓи Сугарев“, вели Лука и го потврдува она што го кажа уште на почетокот од разговорот, а тоа е дека, освен талентот, многу важно во процесот на градење на една личност е растењето и влијанието од околината.
После настапите што ги имаше со Чалгија саунд систем во Јавна соба и во Аудио култура, Добрила оди со бендот во мај, во Тирана, на покана од Златко Ориѓански, а во јуни во Торино. Во Неапол ќе настапува со Доријан, а ги чекаат и други настапи.
На нивните настапи има одлични реакции и кога се тие во Македонија и во регионот, но и подалеку, во земји во кои чалгијата не е позната.
„Минатата година после издавањето на албумот „Пиле шарено“, бевме на џез фестивалот во Церкно, во Словенија, на сараевскиот џез фестивал, но и на фестивал во Белгија. На последниов беа и две мои другарки, едната од Ротердам, а другата е Французинка која живееше во Македонија и кога видела дека ќе настапуваме дошла во Антверпен. По концертот и двете ми кажуваа дека, Французи и Белгијци кои велеле дека ниеден збор не разбираат, плачеле на песните. Не мора да ги разбираат зборовите, важно е да ја пренесеш емоцијата, а музиката е чиста емоција. И не мора да бидеш ниту совршен пејач, туку совршен раскажувач на емотивни приказни“, вели Добрила.
Токму затоа таа е горда и на тоа што Лука си ги пишува песните само на македонски јазик.
„Нашето искуство кажува дека македонските рокенрол бендови секогаш требаше да се додворуваат на југословенскиот пазар правејќи песни на српски јазик за да бидат приемчиви, а сега Лука вика: не бе, на македонски си ја пишувам песната. Луѓето ги разбираат песните заради емоцијата која ја пренесуваш, заради музиката, заради ритамот и заради сетоа тоа заедно ве доживуваат како што треба, на едно повисоко ниво на комуникација“, завршува Добрила, која заедно со Чалгиа саунд систем и со дуото со Доријан, како и Лука со Луфтанза и Корпорација Вагина, се жив доказ и потврда за ова.