Најголемата иронија на родителството е тоа што ако завршите навистина добра работа во воспитувањето на децата, тие ќе ве остават и ќе се осамостојат. Во тој момент, наместо да се чувствуваат горди што израснале успешни луѓе, што сте ги научиле на основни животни вештини, сте им овозможиле да бидат доволно самостојни и самоуверени, нема родител кој не се чувствува тажен поради разделбата.
Што е синдром на „празно гнездо“?
Синдромот на празно гнездо подразбира чувство на осаменост и тага кога детето ќе го напушти родителскиот дом. Најинтензивно се доживува кога и последното дете ќе си замине од дома и ќе се осамостои затоа што после тоа, родителската улога најмногу се менува.
Не се смета за клиничка состојба и сериозно нарушување, но овој синдром може да биде мала врата за посериозни состојби како депресија, алкохолизам и слично.
Тагата заради заминувањето на детето од семејниот дом е вообичаена и нормална. Една фаза од животот завршува и сосема е нормално да чувствувате тага, вознемиреност, па дури и страв од следната фаза. Од моментот кога ќе стане родител, човекот секојдневно се грижи за своето дете. Освен што се грижи дека ќе му се случи нешто лошо, тука се и секојдневните преокупации како дали има што да јаде, дали има чиста облека, дали некој го малтретира, дали е болен и слично. Откако детето ќе се оддалечи, добар дел од овие работи престануваат да бидат во родителска јурисдикција и на тоа човек треба да се навикне.
Кога настанува проблемот?
Проблемот настанува кога родителот не успева да се навикне на новонастанатата ситуација, кога доживеаната тага е толку интензивна и долготрајна, а покрај тоа се појавуваат и чувства на немање смисол на животот, чувство на бескорисност, чувство на страв од стареење, од болести и од смртта, потоа клинички состојби како депресија, алкохолизам, хипохондрија, разни фобии. На интерперсонално ниво може да дојде до повлекување од пријателите, зачестени конфликти со партнерот.
Исто така, чест е и интензивниот страв дека децата нема да можат да се снајдат сами, што често резултира со мешање во нивниот секојдневен живот, што, пак, последично води до кавги, а со тоа се продлабочуваат претходно наведените емоции.
Кај кого поинтензивно ќе се манифестира синдромот на празно гнездо?
Статистички е докажано дека на мајките им е потешко да прифатат одвојување од своите деца, отколку на татковците. Колку и двајцата родители да се поврзани со детето и вклучени во неговото воспитување, постои мислење дека мајките повеќе се поистоветуваат со улогата на родител, а со тоа и потешко ги прифаќаат промените.
Ситуацијата уште повеќе се влошува ако е во прашање самохрана мајка или мајка со само едно дете. Во такви ситуации се создава однос со поголема меѓусебна зависност, па и сепарацијата е потешка.
Со „празното гнездо“ тешко се справуваат и брачните двојки чиј брак е сведен на формалност и исклучиво на родителските улоги. Не мора дури ни да постои конфликт, доволно е само ако низ секојдневната грижа за децата, ја занемариле грижата за својот брак.
Токму затоа стануваат почести разводите во 50-тите години и подоцна, а решението на проблемот може да се најде во брачните терапии преку кои сопружниците повторно ќе ги пронајдат и ќе ги изградат брачните улоги. Проблемот интензивно се манифестира и кај луѓето кои веќе имаат одредена депресивна симптоматологија. Потоа, оние кои се пензионирале и тешко го поднеле престанокот на работниот однос, па заминувањето на децата го доживуваат како напуштање и се продлабочува нивното чувство на бескорисност.
Во последно време чувството на осаменост дополнително се засилува и со фактот што децата сѐ почесто, освен што го напуштаат домот, поради потрага по работа, го напушаат и местото, државата, па дури и континентот. Во такви ситуации родителите мора да се помират и со фактот дека многу ретко ќе ги гледаат децата и дека ќе бидат уште поисклучени од нивниот секојдневен живот.
Како да си олесните себеси и подобро да се справите со синдромот на празно гнездо?
Некои од стратегиите за надминување на синдромот на празно гнездо може да бидат:
1. Пронаоѓање ново хоби или враќање на старото
Многумина од вас можеби се сеќаваат на периодот кога добиле дете, колку биле зафатени со грижата за него и како биле принудени да ги занемарат своите лични интереси. Тогаш веројатно сте си ветиле себеси дека ќе им се вратите штом ќе имате време, но во меѓувреме сте биле вовлечени во секојдневната рутина, а грижата и радоста околу децата ги потиснале другите преокупации.
Вистина е дека со годините луѓето губат најголем дел од своите интереси, како и страстите кои се типични за младоста, но ова може да биде период кога повторно ќе можете да се посветите на некои од нив. Ако не на некое старо хоби, секогаш има простор да најдете некое ново.
2. Планирање на активности со луѓето од околината
Само затоа што детето не живее под ист покрив со вас, не значи дека сте напуштени. Можете да планирате дружења и активности со пријателите, да пронајдете заеднички интерес со партнерот или преку ново хоби да запознаете нови луѓе.
Се разбира, ниту еден од нив не може да ви го надомести квалитетното време поминато со вашето дете, но тоа и не е целта на овие активности. Со дружењето со луѓето, особено ако се врсници, можете да најдете соговорници кои поминуваат низ истите проблеми како и вие, а со самото тоа меѓусебно добро да се разберат, што може да донесе одредено олеснување.
3. Одржување контакт
Дали детето се преселило во зграда покрај или на друг континент, тоа никако не значи престанок на контактот со него. Ако разделбата поминала во пријателски дух, комуникацијата со вашето дете секако ќе продолжи. Ако детето останало во истото место или се преселило во некое блиско, тогаш можете да се потпрете и на различни посети, заеднички ручеци, празници и слично.
Меѓутоа, ако детето се преселило во друга земја или на друг континент, тогаш посетите ќе бидат поретки и потешки за организирање. Меѓутоа, и понатаму останува можноста за комуникација која е многу олеснета со развојот на технологијата.
4. Очекување на нови улоги
Ако причината за заминувањето на вашето дете било поради стапување во (вон)брачна заедница, постои можност наскоро да станете баба и дедо. Овие улоги можат да ви пружат големо задоволство, да доведат до сосема нов однос со вашето дете и да разбудат кај вас досега непостоечки емоции.
Секако, може да се случи ништо од ова да не може да ви помогне да се справите со настанатите промени. Може да се случи да дојде до конфликт и со брачниот другар и со децата.
Без оглед на ситуацијата, доколку чувствувате дека работите излегуваат од контрола, советот е секогаш да побарате помош од стручно лице кое ќе ви помогне да го надминете проблемот на најдобар начин.