Кога работите во дом за стари, ги делите со нив и радоста и тагата! Да им го направиме достоинствен последниот период од животот!

За време на посетата на мајката на мојата најдобра другарка која живее во дом за стари лица во Карпош 4, се запознав со нашата соговорничка Ивана Шутиновска. Не можете да не ја забележите кога ќе ѝ ја видите широката насмевка со која им го разубавува секојдневјето на овие луѓе кои веќе и немаат многу на што да се радуваат. Ни раскажа како и зошто се одлучила да го минува својот професионален век помагајќи им на старите подостоинствено и полесно да го поминат последниот период од својот живот, но ни кажа и која е мислата која ја води уште од самиот почеток на нејзината професионална кариера.

„Кога ќе почине некое лице во домот се потсетувам на еден доктор-невропсихијатар кој го запознав на самиот почеток на мојата кариера во Установата кој ми рече: Кога ке видиш старо и изнемоштено лице сети се дека тој човек претходно имал живот, имал семејство, кариера, патувал и дека е тука за последните денови од неговиот живот да му ги направиш достоинствени и колку што е можно полесни и тоа ќе ти биде водилка во оваа професија“, ја почна својата приказна нашата соговорничка.
Вели дека од секогаш чувствувала голема љубов кон старите лица. Токму затоа, уште на факултет знаела дека сака да го работи ова.

„Секогаш сум ги сакала старите луѓе, па при крајот на средношколските денови кога во нашето училиште пристигнуваа бројни каталози од разни факултети, најголемо внимание ми привлече Филозофскиот факултет, односно, отсекот социјална работа и социјална политика. Со таа мисла дека еден ден ќе работам со стари лица се запишав таму, а и дипломирав со темата ‘Домови за стари лица во РМ’.

На членовите на комисијата не им беше јасно како може млада девојка да брани дипломска за стари лица, па ме прашаа што ме натерало на ова, а јас немав друг одговор од оној дека едноставно, ги сакам и сакам да им помагам на старите
луѓе“, се потсети Ивана која веќе на 26 години започнала со работа во истиот дом во кој е и ден денес, веќе цели 10 години.
Паралелно со работата завршила и постдипломски студии во областа на Финансиски
менаџмент што ѝ помогнало да напредува на позицијата и во самото раководење со институцијата.
Може да се каже дека Ивана и установата во која работи имаат отприлика ист стаж. Имено, ПУСЗ „Вера“ која е во сопственост на семејството Ѓакови, започнала со работа на 9 мај 2012 година, односно, пред 11 години.

„Бројот на корисници во нашата установа изнесува 45 легла, а во однос на старосната граница се сместуваат лица над 65 годишна возраст. Ние сме усмерени кон тоа да  водиме сметка за потребите, желбите и барањата на корисниците, за обезбедување на квалитетен начин на живеење, за подигање на свеста за правата на старите лица, подигнување на свеста за потребата од меѓугенерациска солидарност и намалување на меѓугенерацискиот јаз, како и за информирање и едуцирање на старите лица и нивните семејства, за правата и услугите кои старите лица можат да ги остварат во системите на социјалната заштита“, објаснува Ивана.

Таа вели дека заедничко за сите стари луѓе и дефинитивно, она што најмногу им ја отежнува работата со нив, е тоа што мислат дека се уште можат да ги прават сите оние работи што некогаш ги правеле, се обидуваат да ги прават, а телото им откажува послушност и тогаш најчесто доаѓа до незгоди.

„Заедничко за сите стари луѓе е тоа што им е тешко да сфатат дека она што можеле да го прават порано, сега веќе не можат затоа што телото им откажува послушност. Ова е најтешко за нас вработените бидејќи токму така се случуваат незгоди, да паднат, да скршат колк или нешто друго. Затоа кај нас посебен акцент се става на здравствената заштита со тоа што носители се доктор по општа пракса и дипломирани медицински сестри кои ја спроведуваат комплетната медикаметозна таблетарна, ампуларна и инфузиона терапија. Посебна физикална терапија од физиотерапевт и
одлична надворешна соработка со доктори специјалисти од најразлични сегменти, како и транспорт до сите јавни и приватни здравствени установи“, вели Ивана.


Покрај секојдневната грижа и помош на старите лица, тие се трудат да им организираат и активности од типот на натпревари, кино, прославување на најзначајни празници, родендени, прослави со музика, прошетки…
Сепак, она што ѝ е најтешко е да го задржи професионализмот.

„Секојдневно ги гледаш истите луѓе, знаеш се за нив, а и тие за тебе, па навистина е тешко да се задржи некоја професионална дистанца. Дел од луѓето кои престојуваат подолго време во установата се запознаени со дел од мојот приватен живот, тие се оние кои се радуваа на мојата свадба како да сум нивно дете, кога се породив со двете децата беа меѓу првите кои дознаа за убавата вест и како што е обичајот, јадеа мекици. Затоа професионалноста не секогаш можеш да ја одржиш на она ниво на кое посакуваш бидејќи ние фактички живееме со нив и заеднички ги споделуваме и тагата и радоста, па секако дека ме погодува и кога некој од нив ќе си замине од овој свет“, признава Ивана.
Таа обрнува внимание на тоа дека на сите стари им е особено важна љубовта и поддршката од нивните најблиски и сите тие најмногу се радуваат на нивните посети. За ова имаат можност кога е убаво времето да си поседат во широкиот двор, да се напијат кафе, да си помуабетат.
Во моментов нивниот најстар корисник е госпоѓа од 95 години, а најмладиот има 70 години. Процентуално, а вели дека така било отсекогаш, 70 отсто се жени, а 30 отсто мажи.
„Во домот има тажни ситуации кога некој од корисниците ќе почине, но секојдневно има и по нешто што ќе ве насмее. Анегдотите се неизбежни и не постои ден, а некој од корисниците да не ве насмее. И со сигурност можам да ви кажам дека старите лица се всушност едни големи деца во душата и во срцето. Или ве сакаат или не ве сакаат, кај нив трето нема“, се смее таа.


Понекогаш, кога кај некоја од корисничките ќе се појави желба да зготви нешто, тие со задоволство ѝ овозможуваат иако, главно, храната ја добиваат соработувајќи со служба за кетеринг.

„Битно е што и ние и нашите корисници сме задоволни од храната, затоа што таа е важен дел од животот тука“, вели Ивана која веќе брза да одговори на прашањето на некој од членовите на нејзиното големо семејство во домот.

„Вера“дом за стари лицаИвана Шутиновскасоцијален работник