Кога си 14 часа во училиште, јадеш додека пишуваш домашно и веќе е 22 и 30! Шок образовен систем во Кина

Во објава на „Тик-ток“, Реј Лиу, татко од Кина, споделил видео кое шокирало милиони луѓе низ светот. Тој покажал како ја зема од училиште својата 13-годишна ќерка Синди во 20 и 30 часот, откако таму поминала 14 часа.

Видеото брзо станало вирално, а многумина биле шокирани од училишната рутина што е сосема нормална за децата во Кина.

Во видеото Реј ги поздравува гледачите додека оди на училиште по ќерка му во темница.

– Здраво, луѓе, 20 и 30 е, ајде да одиме заедно да ја земеме Синди.

Тој објаснува дека девојчето заминало на училиште во 7 часот наутро, што значи дека во училишната клупа поминало околу 14 часа. Откако ја пречекува и поздравува, ја прашува дали е гладна и уморна. Секако, Синди одговора потврдно. Кога стасуваат дома, во 21 и 12 часот, Синди веднаш седнува на своето биро за да ја напише домашната задача и цело време додека го прави тоа, јаде. Ова ѝ одзело уште еден и пол час.

Реј потврдил во интервју за „Дејли мејл“ дека толку тежок училишен ден не е исклучок, туку е правило.

– Секогаш е така. И јас поминував 14 часа на ден во училиште и во тоа време не мислев дека е проблем. Мислев дека едноставно мора да биде така – рекол тој.

Човекот објаснува дека причината за толку строгиот распоред е високиот притисок поради приемните испити на универзитет, кои за многу родители се единствениот начин за сигурна работа и стабилен живот.

– Кинескиот образовен систем се базира на испити, теорија и постојана подготовка. Може да биде многу заморно и да ја убие секоја желба за учење. Поради количината на домашни задачи, неговата ќерка речиси никогаш не си легнува пред полноќ. Таа дури и не сфаќа дека нема време за себе – истакнал таткото.