Кога сите ќе успеат да забременат, освен вие… Еве што можете да направите

Неплодноста сама по себе е едно од најтешките емоционални и физички искуства со кои може да се соочи една жена. Тоа предизвикува низа непријатни емоции, прашања и нови реалности – а особено е тешко ако се чувствувате како да сте единствената жена која се бори да забремени. Навистина, да се биде опкружен со пријатели со бебиња и труднички стомачиња е постојан потсетник дека само вие сè уште не сте бремени. Но, без разлика колку е тешко вашето патување на плодноста, постојат начини да се справите со непријатните чувства и со тагата.

Обидете се да не се споредувате со другите и бидете нежни со себе

Иако знаеме дека споредбата нема да ни ја олесни болката, честопати не нè спречува да ги гледаме пријателите и да се прашуваме што не е во ред со нас. Прво, запомнете дека не ја знаете туѓата приказна (особено не нивниот сексуален живот). Иако мислите дека вашата пријателка забременила додека трепнете, тоа можеби не е така. На крајот на краиштата, многу луѓе ги држат своите борби за плодност помеѓу своите четири ѕида. Освен тоа, зачнувањето не е натпревар. Затоа, бидете нежни со себе и обидете се да разберете дека вашето патување можеби нема да изгледа како другите патувања и тоа е сосема во ред.

Барајте поддршка.
Ако се чувствувате обземени од негативни чувства и едноставно не можете да бидете во близина на бремени жени без да почнете да се споредувате, побарајте помош од терапевт, советник или од некој близок. Едноставниот факт дека зборувате за вашата болка со другите не само што може да направи да се чувствувате подобро, туку може да ви помогне и да ги ставите работите во поинаква перспектива.

Проживејте ги вашите чувства.
Почитувањето и прифаќањето на вашите чувства дозволувајќи си да ги почувствувате во нивната полност е клучен чекор во закрепнувањето и прифаќањето. Затоа, ако се чувствувате лути или тажни кога вашата пријателка ќе објави дека е бремена, не ги потиснувајте или негирајте вашите чувства и дајте си време да ги прифатите сите. Можете да пишувате дневник, да разговарате за вашите чувства и за болката со партнерот или со личност на која ѝ верувате.

Поставете граници.
Во ред е да одбиете покана за бејби шауер, особено ако штотуку сте доживеале тешка загуба на бременост или друг негативен тест за бременост. Истото важи и за детски родендени и други прослави. Во ред е да се каже дека не сакате да присуствувате на такви прослави во моментов. Дополнително, соопштувањето на сопствените граници ќе ви помогне да се отворите и да стекнете разбирање од околината.

Станете свој сојузник
Кога се соочувате со каков било вид на социјален притисок, првото нешто што треба да го направите е да признаете дека ви е тешко. Толку многу жени кои поминуваат низ третмани за плодност одржуваат силна фасада наместо да ја признаваат и да ја прифатат сопствената борба. Признавањето на вашите потреби и емоции е првиот чекор за самопомош; и важно е да научите да се однесувате кон себе на љубезен, нежен начин, преполн со љубов.

Направете нешто само за себе
Вие заслужувате дополнителна љубов и грижа во моментов, па зошто да не се обидете да направите една од оние работи што отсекогаш сте сакале да ги правите? Планирајте патување, скокајте со падобран или излезете на вечера во омилениот ресторан со вашите блиски пријатели. Што и да е на вашата листа, излезете и направете го тоа – сега.

bremenostбебенеплодностсовети