Американскиот лекар Вивек Мурти истакна дека децата помлади од 13 години се премлади за социјалните мрежи бидејќи сè уште го „развиваат својот идентитет“.
Мета, Твитер и мноштво други џинови на социјалните мрежи им дозволуваат на 13-годишниците да се приклучат на нивните платформи.
За CNN Newsroom Мурти вели:
Лично, врз основа на податоците што ги видов, верувам дека 13 години е премногу рано. Тоа е возраст каде што е многу важно да размислиме за тоа како размислуваат тие за сопствената вредност и за своите односи. И често искривеното опкружување на социјалните медиуми им прави лоша услуга на многу од тие деца.
Бројот на тинејџери на социјалните мрежи предизвика тревога кај медицинските експерти, кои укажуваат на сѐ поголем број истражувања за штетата што таквите платформи можат да ја предизвикаат кај адолесцентите.
Највисокиот американски службеник за јавно здравје, Марти, ја призна тешкотијата да се спречат децата да ги користат платформите со оглед на нивната популарност, но сугерираше дека родителите можат да постигнат успех ако се претстават со обединет фронт.
Ако родителите можат да се соберат и да кажат дека, обединети, нема да дозволат нивните деца да користат социјални медиуми додека не наполнат 16, 17, 18 или која било возраст што ќе ја изберат, тоа е многу поефикасна стратегија за да се осигура дека децата нема да бидат рано изложени на штети.
Може да влијае на развојот на мозокот
Новото истражување сугерира дека сурфањето на социјалните мрежи може да ја промени хемијата на мозокот кај адолесцентите.
Според студијата објавена овој месец во списанието JAMA Pediatrics, учениците кои поредовно прелистувале социјални мрежи покажале поголема неврална чувствителност во одредени делови од нивниот мозок, поради што, со време, нивните мозоци повеќе реагирале на социјалните последици.
Психијатрите како др. Адријан Стејси со години укажуваат на овој феномен. Стејси, која првенствено работи со тинејџери и ученици, претходно изјавила за CNN дека користењето на социјалните мрежи предизвикува „ослободување на допамин“ во мозокот:
Кога правиме работи кои предизвикуваат зависност, како користење на кокаин или користење паметни телефони, нашиот мозок ослободува многу допамин одеднаш. Му кажува на нашиот мозок да продолжи да го користи. Особено кај тинејџерите, тој дел од мозокот е всушност хиперактивен во споредба со возрасните. Тие не можат да се мотивираат да прават ништо друго.
Неодамнешните студии покажуваат други начини на кои прекумерното време поминато пред екраните може да влијае на развојот на мозокот. Кај малите деца, на пр. прекумерното време на екраните значително е поврзано со послаби вештини за описменување и способност за користење експресивен јазик.