Колку лајкови ви вреди животот? Лајковите и коментарите станаа новата валута на општествено прифаќање

„Како нему или неа им е сè толку прекрасно во животот“, „Видете како прекрасно живее, таа е

многу среќна во нејзината врска“, „Колку е успешен“ – ова се мислите што некогаш сите ги имаме

додека прелистуваме низ Инстаграм, гледајќи ги фотографиите од егзотични патувања на наши

познаници од средно училиште, среќни бракови на поранешни пријатели од основно или од

средно училиште или успешни бизниси на колеги од факултет. Суштината на Инстаграм е да го

прикаже крајниот резултат, без никаква индикација за процесот што довел до тој резултат.

Гледаме сѐ повеќе совршени животи, а сè помалку среќни луѓе. Зошто е тоа така?

Затоа што зад одличните слики и насмеаните лица често се крие реалност која не е толку идеална.

Оваа илузија на совршенство може да има сериозни последици по менталното здравје на младите,

создавајќи чувство на незадоволство, вознемиреност и ниска самодоверба.

Секојдневно сме бомбардирани со слики на совршено извајани тела, луксузни дестинации и начин

на живот кои изгледаат недостапни за обичниот човек. Но, колку од овие слики навистина ја ж

одразуваат реалноста? Во повеќето случаи, многу малку.

Создавање илузија на совршенство

Инстаграм е дизајниран да биде визуелно привлечен, а корисниците честопати се трудат да ги

претстават своите животи во најдобро можно светло. Користејќи филтри, апликации за уредување

фотографии и внимателно избрани агли, тие создаваат слики што изгледаат како да се од списание.

За жал, оваа идеализација на реалноста може да доведе до нереални очекувања кај младите.

Инстаграм е проткаен со размислување дека сè треба да биде совршено и доволно уредено за да

допре до публиката.

Дали луѓето се свесни колку време и труд се потребни за „совршена“ слика на Инстаграм?

Инфлуенсерите поминуваат часови поставувајќи ја сцената, избираат облека, шминкаат и уредуваат

фотографии за да го постигнат посакуваниот изглед. Тоа совршено утринско кафе со поглед на

морето можеби е резултат на дваесет обиди и многу изгубено трпение. Реалноста зад камерата

често е далеку од прикажаната слика.

Многу млади луѓе чувствуваат притисок да се споредуваат со сликите што ги гледаат на Инстаграм.

Овие слики често ги претставуваат само најдобрите моменти, додека вистинските проблеми и

секојдневните предизвици се кријат.

Совршениот појадок можеби е фотографиран само од добар агол, додека другата страна е целосно изгорена.

Нечија врска може да е среќна само пред камера, а штом ќе се исклучи телефонот почнуваат

расправии и кавги. Идеалните ручеци со пријателите се прикажуваат само преку фотографија,

додека во реалноста никој од овие луѓе не е вистински пријател.

Кога младите не можат да ги постигнат истите резултати како оние што ги следат, тие може да се

чувствуваат помалку вредни и несигурни. Феноменот познат како „Инстаграм наспроти реалноста“

придонесува за овие чувства. Додека некои корисници споделуваат и помалку од совршени

моменти, повеќето имаат тенденција да прикажат идеализирана верзија од нивниот живот.

Ова несовпаѓање помеѓу прикажаното и реалноста може да предизвика чувство на несоодветност

и фрустрација кај оние кои ги гледаат овие содржини.

Трендовите на прикажување на успешни бизниси и работни места од Запад често не покажуваат

колку време е поминато во канцеларија, колку пари се вложени или колку ноќи останале будни.

Овој момент доведува до тоа младите да почнат да мислат дека парите доаѓаат лесно и брзо, а можеби немаат доволно вештини или способности да ги заработат, што многу влијае на нивната

самодоверба.

„Мотивациските говорници“ на ТикТок и менаџерите на различни компании го натераа секој млад

човек да мисли дека не е доволно добар затоа што нема толку пари како некои 20-годишници на

оваа социјална мрежа.

Менталното здравје и емоционалните последици

Сите знаеме барем една личност која постојано објавува слики од патувања, фенси вечери и

социјални настани. Сепак, оваа личност ретко споделува моменти на осаменост, стрес или неуспех.

Младите, особено тинејџерите, лесно паѓаат во замката да го споредуваат својот живот со

идеализираните верзии што ги гледаат на интернет.

Оваа споредба е често неправедна и не води до ништо друго освен до чувство на несоодветност.

Негативните ефекти на Инстаграм врз менталното здравје на младите станаа предмет на бројни студии.

Истражувањата покажуваат дека постојаното изложување на идеализирани слики може да доведе

до нарушувања во исхраната, депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје.

Чувството на незадоволство од сопственото тело е особено изразено кај младите девојки кои се

споредуваат со ретуширани и филтрирани слики на познати инфлуенсери и познати личности.

Покрај физичкиот изглед, младите чувствуваат и притисок да имаат возбудливи и интересни

животи, како што се патувања на егзотични дестинации, луксузни ресторани и социјални настани.

Кога реалниот живот не ги исполнува овие нереални очекувања, може да дојде до чувство на

изолација и несреќа.

Многумина се чувствуваат како да пропуштиле нешто важно или дека животот не им е доволно

интересен.

Обидот да се живее според овие нереални стандарди може да биде исцрпувачки. Колку пати сме

виделе слики од патување кои изгледаат совршено, а не сфаќаме дека можеби зад тие насмевки се

кријат долгови, стрес и проблеми?

Младите често се чувствуваат како да мораат да бидат во чекор со ова темпо, да трошат пари што

ги немаат и да присуствуваат на настани за кои не им е гајле, туку само за да бидат во тек со она што го гледаат на Инстаграм.

Дополнително, лажниот сјај на Инстаграм може да ги поттикне социјалните грижи.

Младите често чувствуваат потреба да добијат што е можно повеќе лајкови и коментари,

поврзувајќи ги овие виртуелни валидации со нивната самодоверба.

Овој притисок може да доведе до опсесивно проверување на лајковите и коментарите, што

дополнително може да ги влоши чувствата на несигурност и ниска самодоверба. Лајковите и

коментарите станаа новата валута на општествено прифаќање.

Секој нов пост станува мини тест за самодоверба, а недостатокот на реакции може да биде

поразителен.

Колку пати сме ја почувствувале таа мала болка на разочарување кога нашата слика не добила

толку лајкови колку што очекувавме?

Оваа потреба за валидација може да биде штетна, особено за младите луѓе кои сè уште го формираат својот идентитет и самодоверба.

За да се намалат негативните ефекти на Инстаграм врз младите, клучно е да се развие свесност за тоа како функционираат социјалните мрежи и како тие ја претставуваат реалноста.

Родителите, наставниците и менторите треба да ги едуцираат младите дека сликите што ги гледаат

на Инстаграм често се нереални и ретуширани.

Исто така, важно е да се поттикне критичкото размислување и самодовербата, за младите да можат

да ги препознаат и отфрлаат нереалните стандарди за убавина и успех.

Како општество, треба повеќе да се фокусираме на автентичноста и реалните вредности.

Промовирањето на критичкото размислување кај младите е клучно.

Мораме да ги научиме да ја препознаваат манипулацијата со сликите и да ги ценат вистинските,

нефилтрирани моменти од животот.

Родителите и воспитувачите имаат голема улога во ова, но и инфлуенсерите така можат да

придонесат доколку одлучат да ги користат своите платформи одговорно.

Улогата на инфлуенсерите може да биде позитивна ако одлучат да ја користат нивната платформа

за промовирање на автентичноста и реалистично прикажување на животот.

Веќе има некои инфлуенсери кои ги споделуваат своите несовршености и вистинските животни предизвици, што може да помогне да се намали притисокот на совршенството.

Текстот е од ТУКА.

инфлуенсерилажен сјајлајковисоцијални мрежи