Командантскиот стил на воспитување повторно е во тренд

Ако го пребарате поимот командантско родителство, ќе наидете на неколку написи на Д-р Фил од раните 2000-ти. Иако се смета за застарен, овој стил на родителство денес интригира сѐ повеќе родители.

„Како и повеќето екстремни форми на родителство, командантското родителство се фокусира на еден аспект од воспитувањето на децата, а тоа е управувањето со лошото однесување. Ја поттикнува родителската контрола врз децата и користење на сите расположливи средства. Го игнорира фактот дека децата се човечки суштества со свои сопствени мисли, преференции, желби и емоции“, објаснува психологот Џесика Стерн за „Парада“.

Вели дека целта на командантското родителство е да се оствари зацртаната цел без оглед на сѐ.

„Командантското родителство првично беше предложено од д-р Фил како стратегија за справување со несаканото однесување на детето. Менталитетот на командантското родителство е „да се направи сѐ што е потребно“, „никогаш да не се повлекува“ и да се натераат децата да го променат своето однесување „со кои било средства“, вели Стерн.

Темелен концепт е празнење на детската соба. Односно, детето во собата може да има основни работи, а сѐ останато треба да се „заработи“ со добро однесување.

„Овој стил се карактеризира со строга контрола и строго спроведување на правилата со јасни очекувања. Родителот вади сѐ од детската соба, зема сѐ што им се допаѓа и во што уживаат децата. Во собата можат да останат само душекот, ќебето и перницата”, вели Стерн.

На децата им е потребна социјална интеракција
Во раните 1900-ти, Џон Вотсон ги советувал родителите да ја поттикнуваат независноста кај малите деца на овој начин: „Никогаш не ги гушкајте и бакнувајте, никогаш не дозволувајте да ви седат во скут. Ако морате, бакнете ги еднаш во челото за добра ноќ. Ракувајте се со нив наутро“. Во 2024 година, ова не е баш препорачлива воспитна практика за модерната генерација.

„Децениските истражувања за развојот на детето покажаа дека Вотсон погрешил. На децата им е потребна социјална интеракција – вклучително и допир – за сè, од здрав физички раст до добри социјални вештини“, објаснува д-р Стерн.

Кога станува збор за придобивките од командантското родителство, се издвојуваат три работи: постојаните награди и казни подразбираат разбирање на очекувањата, поставени се граници и се обезбедува структура, а одговорноста се развива преку дисциплина.

Меѓутоа, има многу повеќе недостатоци.

„Децата израснати во оваа средина може да чувствуваат дека не им е дозволено да прават грешки или слободно да се изразуваат, што може негативно да влијае на нивното чувство за себе и нивната способност да формираат здрави врски“, објаснува советничката Мишел Џордано.

Децата го имитираат однесувањето што го гледаат од нивните родители
Овој стил може да ја намали самодовербата, да предизвика проблеми со менталното здравје, не развива емоционални вештини и одразува динамика изградена на моќ.

„Командантското родителство моделира употреба на моќ за контрола на друго лице, им нанесува емоционална болка на другите, учи решавање конфликти преку сила наместо со преговарање и ги жртвува добрите односи за да го добиете она што го сакате. Немојте да се изненадите ако вашето дете го имитира однесувањето што го доживува со вас – со браќата, сестрите и врсниците на училиште“, предупредува Стерн.