Копривата ќе стане дел од машките апчиња за контрацепција?

Една нова студија на австралиски универзитет може да има големи импликации врз машките апчиња за контрацепција. Оваа студија од Универзитетот Монаш во Парквил, Австралија открила природна состојка која би можела да го попречи движењето на спермата.

Студијата, предводена од д-р Сабатино Вентура и објавена во списанието Plos One, го открила следново: „Во студиите за парење на глувци, екстрактот од лист од коприва (50 мг дневно) ја намали плодноста кај мажите за 53 проценти во споредба со мажјаците третирани само со етил алкохол.“

Алтернатива на хормоналната пилула

Според студијата, целта била да се најде природна алтернатива на хормоналната контрацептивна таблета, а се чини дека оваа билка која жари и пали би можела да биде решение.

Сепак, вреди да се напомене дека копривата би се земала како дел од пилула, а не надворешно, во случај некој да добие неверојатно глупава идеја сам да ја проба. Иако, технички и шибањето на машките гениталии со коприви исто така би го спречиле зачнувањето, барем додека не спласне екстремно болниот оток.

Направен е клучниот чекор

Иако има уште долг пат пред копривата да стане дел од машката контрацепција, „штом еднаш ќе се изолира и идентификува, ова може да има потенцијал како водечки модел да овозможи синтеза на орално активно, моќно соединение на мали молекули за употреба во комбинација со тамсулозин (лек кој обично лекува зголемена простата) за развој на машка контрацепција“, велат истражувачите.

Без хормони и несакани ефекти

Згора на тоа, „се сугерира дека употребата на селективни антагонисти“ како што е копривата „за поттикнување на машка контрацепција би се поднесувала добро“. Така, пилулата би делувала без хормони и без несакани ефекти. Водачот на студијата д-р Вентура вели дека наодите ќе имаат огромно влијание врз индустријата за контрацепција.

„За жал, постои широко распространета перцепција дека контролата на раѓањето е одговорност на жените, а не на мажите. Сепак, истражувањето на Иницијативата за машка контрацепција покажува дека повеќето мажи се подготвени да ја преземат контролата врз контрацепцијата – само треба да им дадеме можност да го направат тоа.”

контрацепцијакопривамаж