Атопискиот дерматитис создава проблеми кај многу бебиња, деца, но и кај возрасни. Разните состојби на кожата се сè почести, а нивното лекување сè потешко. Познато е дека проблемите со кожата најчесто доаѓаат „однатре“ и дека не е секогаш доволно да се третира само кожата. Најновото истражување покажува дека на состојбата на кожата кај децата влијае и она што тие, очекувано, го искусиле во бременоста.
Според истражувањето, изложеноста на антибиотици за време на бременоста или во раната возраст значително го зголемува ризикот од развој на атописки дерматитис, хронична кожна болест која се карактеризира со воспаление, промени слични на егзема и силно чешање.
Во систематски преглед и метаанализа, кинески истражувачи анализирале 39 истражувања кои вклучувале бремени жени и мали деца под 5 години со цел да ја испитаат поврзаноста помеѓу изложеноста на антибиотици и ризикот од атописки дерматитис кај децата.
Иако истражувања врз глувци покажале дека антибиотиците може да предизвикаат состојби слични на атописки дерматитис, досегашните клинички истражувања дале неусогласени резултати кај децата изложени на антибиотици во раното детство.
Метаанализата на 39 студии, која опфатила повеќе од 7,4 милиони деца, открила дека изложеноста на антибиотици е поврзана со 22 отсто поголем ризик од развој на атописки дерматитис во детството.
Подеталната анализа покажала дека изложеноста на антибиотици во раното детство има уште посилна поврзаност со оваа кожна состојба, во споредба со изложеноста за време на бременоста.
Дополнителните анализи покажале дека ризикот од атописки дерматитис по изложеност на антибиотици бил поголем кај децата од САД и Европа отколку кај оние од Азија. Исто така, зачестеноста и видот на антибиотици што се користат играат значајна улога во зголемувањето на ризикот.
Земајќи предвид сè, нашето истражување ја поддржува тезата дека изложеноста на антибиотици за време на бременоста и раното детство го зголемува ризикот од појава на атописки дерматитис, напишале авторите на истражувањето.
Како што е очекувано, постојат параметри што треба дополнително да се истражуваат.
Идните истражувања треба да земат предвид различни променливи, како што се видот и дозата на антибиотици, влијанието на мајчиното млеко, специфичните услови во руралните средини, како и придржувањето кон препишаниот режим на лекување, велат научниците.