Лебот е здрав во секојдневната исхрана поради житарките од кои е направен. Житарките содржат целулоза, многу корисно влакно кое ја олеснува функцијата на цревата бидејќи спречува запек и ја одржува цревната флора. Ова својство на целулозата е особено важно за децата во првите години од животот бидејќи дигестивниот систем запознава сè повеќе храна и мора да се справи со сè повеќе барања. Сепак, постои уште една предност на лебот. Ако детето јаде леб, тоа ќе развие навика добро да џвака, што ќе помогне да се зајакнат непцата и да се навикне оралната слузница на потврда храна.
Кога да се внесе во исхраната?
Доколку не сте забележале алергија на одредени видови житарки, односно, на глутен, кај вашето бебе, можете да му понудите леб веќе од 6 или 7 месеци. Важно е да се осигурате дека лебот не содржи сол.
Каков леб да му понудите?
Иако лебот од цело зрно е поздрав и побогат со хранливи материи од белиот леб, сепак е подобро да му понудите на вашето дете бел леб, или леб направен од рафинирано брашно, за почеток. Причината за ова лежи во фактот дека големите количини влакна во лебот од цело зрно не се погодни за мали бебиња.
Денес, пекарите можат да понудат различни видови леб, од оние подготвени на традиционален начин до оние збогатени со семки (како сончоглед или тиква). Овие видови леб се многу вкусни и побогати со хранливи материи од обичниот бел леб. Сепак, бидете повнимателни кога купувате леб бидејќи многу пекарски производи денес се декларираат како ‘ржан или леб од цело зрно, што всушност не се. Ваквите производи често содржат само семки, а нивната основа е бело брашно кое е обоено со адитиви за да изгледа темно. Добар критериум за препознавање на интегрален или ‘ржан леб е богатството и полноста на вкусот што потсетува на колач, потоа зрнатост и малата киселост. Таквиот леб ќе ве засити побрзо. Секој леб што има лесен вкус како белиот леб, е премногу сунѓерест, исполнет со воздух и лесен, дури и ако е црн и наросен со семки, веројатно не е интегрален или ‘ржан или ги содржи овие состојки во многу мал процент.
Денес, постои алтернатива и за ова. Многу семејства имаат апарати за леб кои овозможуваат лесна и релативно брза подготовка на леб. Можете да ставите различни видови брашно, семки и суво овошје во вашиот домашен леб, и на овој начин точно да знаете што му нудите на вашето дете и на семејството.
Колку леб дневно да му дадете на детето?
До година и пол, доволно е детето да јаде 40 – 60 г бел леб дневно, иако е подобро понекогаш да му понудите парче ‘ржан или црн леб.
Од двегодишна возраст, можете да му давате на вашето дете леб направен од грубо мелено брашно, како што е пченкарен леб или леб од трици. Парче леб со путер ќе биде одличен појадок, а исушени коцки црн леб употребете, на пример, во супа наместо тестенини.
До тригодишна возраст, детето веќе може да јаде до 100 г црн или бел леб дневно. Ова важи и за домашниот леб и печива.