Неодамнешното истражување на Универзитетот во Сао Паоло сугерира дека канабидиолот (CBD), непсихоактивно соединение од растението канабис, може да го подобри однесувањето и да ги ублажи симптомите кај децата и адолесцентите со нарушување од спектарот на аутизам (ASD). Студијата била претставена на Европскиот конгрес за психијатрија што се одржа во Мадрид од 5 до 8 април 2025 година.
Аутизмот е развојно нарушување што ја отежнува комуникацијата и социјалните интеракции и често вклучува повторувачки модели на однесување. Според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), приближно едно од 36 деца во Соединетите Држави е дијагностицирано со ASD, што укажува на значително зголемување во последните децении.
Истражувачите спровеле мета-анализа на три клинички испитувања во кои биле вклучени 276 учесници на возраст од 5 до 21 година, со просечна возраст од 10,5 години. Повеќето од учесниците биле од машки пол. За време на студијата, учесниците добивале орални дози на екстракт од CBD, почнувајќи од 1 мг на килограм телесна тежина на ден, со постепено зголемување до 10 мг/кг.
Резултатите покажале дека употребата на CBD довело до умерени подобрувања во социјалната интеракција и намалување на нарушувачките однесувања и анксиозноста. Исто така, биле забележани мали подобрувања во квалитетот на сонот. Важно е да се забележи дека немало значајни разлики во несаканите ефекти помеѓу групите кои примале CBD и оние кои примале плацебо.
Потребна е претпазливост.
Водачот на истражувањето, д-р Лара Капелети Бенети Бранко, изјавила: „Глобалната инциденца на дијагнозата на ASD кај децата и адолесцентите се зголемува, но многу терапевтски пристапи не се ефикасни. Ветувачки е да се види ефектот на CBD екстрактот од канабис врз учесниците во студијата.
Претседателот на Европската психијатриска асоцијација, професор Герт Дом, додал: „ASD може да биде крајно фрустрирачки за сите инволвирани; родителите на деца и адолесценти со ова нарушување, лекарите и, се разбира, самите деца и адолесценти“.
Иако овие наоди се надежни, експертите ја нагласуваат потребата од претпазливост. Потребни се дополнителни опсежни истражувања за целосно разбирање на ефективноста и безбедноста на CBD во лекувањето на нарушувања од спектарот на аутизам, пишува Daily Mail.