Леон Мемиш Апостоловски е 11-годишно момче кое го победи најтешкиот аутистичен спектар на нарушување и денеска го живее својот Аспергеров синдром, висока функционална форма на аутизам.
Има фотографска меморија и посетува редовно училиште, без образовен асистент, го опишува својот син Амела Мемиш Апостоловска додека со гордост најавува дека нејзиниот Леон има желба да прочита извадок од нејзината книга „Различни, но слични“ на промоцијата на 15 септември во кино „Милениум“.
Амела Апостоловска е авторка на книгата „Гласот од тишината“, напишана врз основа на сопствено искуство како предизвик за истражување на „аутизмот на синот и сопственото јас“.
„Како основни психолошки диспозиции на човековата практична дејност, Леон ги обединува намерите, мотивите, карактерот, моралот, а пред се, љубовта и останатите динамизми со аутизмот и неговите предности, а не попречености.
Неговите недели се исполнети во сооднос со неговите желби, а тоа е посета на манастири и многу свети места каде што е посветен на својата молитва и разговор со Бога.
Најголемата желба му е да биде готвач кој ќе приготвува јадење за сите дечиња кои имаат недостиг од храна“, вели таа.
Исто така, додава дека Леон е поврзан со своето семејство и дека неговиот развој се должи на нејзините нови комбинирани методи кои ги применува откако ѝ го свртела грбот на медицината и без никакви медицински испитувања и медикаменти успеала на свесен начин да му помогне во развојот.
Тој пак кај неа предизвикал мотивација за творење и проучување на душата и мозокот, а најглавното од се, вели оваа мајка, е дека заедно како семејство го прославуваат секој предизвик со победа со помош на верба, надеж, љубов и секако, трпеливост.