Кумановската болница е прогласена за „Болница, пријател на бебињата“ уште пред 22 години и оттогаш посветува исклучително внимание на промоција на доењето, како во едукација на мајките од поволностите од доењето, така и во едукација на персоналот (педијатри, неонатолози, медицински сестри) на актуелни теми поврзани со доењето, како што се, правилно воспоставување на доењето, справување со најчестите проблеми при доење, важноста на психосоцијалната поддршка на доилките.
Раководителката на одделот, примариус специјалист д-р Лидија Јовчевска вели дека кумановската болница има долга традиција како пријател на бебињата. Таа ги повика мајките и порача дека доењето треба да биде ексклузивно најмалку шест месеци од раѓањето.
„Од 1990 година кога е донесена декларацијата на невините, препорачано е од Светската здравствена организација сите новородени да го добијат она што го заслужуваат, мајчиното млеко. Од 1992 година, од 1-ви до 7-ми август, се одбележува, Светската Недела на доењето. Кумановската болница од 2000 година е болница пријател на бебињата. Ние веќе 22 години во континуитет, работиме, инсистираме, ги обучуваме мајките кога ќе си заминат да дојат, инклузивно шест месеци. Сите мајки сакаат да дојат, особено затоа што промоцијата е повеќе од две децении, тие знаат дека нема ништо подобро за почеток од мајчиното млеко за бебињата. Особено во првите шест месеци, тоа е им е храна, вода, заштита, топлина“, вели д-р Јовчевска.
Мотото на кумановската болница, како пријател на бебињата е „Мајчиното млеко е првата и најмоќната вакцина за новороденчето“.
Главната сестра во кумановската болница и акушер со 36 годишно работно искуство, Валентина Стојмировиќ вели дека болницата придава исклучителна важност на доењето.
„Веќе 22 години сме болница-пријател на бебињата, статус кој го добивме под покровителство на УНИЦЕФ и Светската здравствена организација. Речиси сите доктори, гинеколози, акушерки, претходно бевме на неколкудневна обука и потоа се здобиваме со сертификати со коишто работиме на нашето одделение. Додека мајките се тука на одделението, вложуваме сериозни напори да ги едуцираме и поттикнеме на доењето“, нагласува Стојмировиќ.
Колку е важно доењето зборува и податокот што и Светската здравствена организација ги поттикнува државите, здравствените установи на промоција. Според пишувањата на Институтот за јавно здравје по повод Светската недела на доењето, мајчиното млеко е идеална храна за доенчињата, безбедно е чисто и содржи антитела кои помагаат во заштитата од многу чести детски болести. Мајчиното млеко ја обезбедува целата енергија и хранливи материи што му се потребни на доенчето за првите месеци од животот и продолжува да обезбедува до половина или повеќе од нутритивните потреби на детето во текот на втората половина од првата година и до една третина во текот на втората година од животот.
Сепак, од кумановската болница укажуваат дека има мал процент на мајки кои одбиваат да дојат. Лекарите и сестрите обично им посветуваат повеќе внимание едуцирајќи ги за користа од доењето.
„Во нашата болница мал процент мајки одбиваат да дојат. Дури и тие што се двоумат, се трудиме да ги едуцираме, мотивираме и многу е важно што не се сами во соба, имаат и друга мајка којашто веќе дои, така што меѓусебе се мотивираат, да видат како е тоа убаво и за мајката и за новороденото. А, оние што имаат објективни причини, не можат да дојат од некоја друга здравствена причина им нудиме таблети кои ќе ја прекинат лактацијата“, истакнува доктор Јовчевска.
Во болницата пред пандемијата почна и школата за идни мајки. Надлежните очекуваат да почнат со интензивна работа и едукација од септември. Во моментов се прават смените за едукација на идните родители.
Пред пандемијата започна со работа „Роса школа“ за идни мајки, како едукативен центар за идните родители.
„Со голем ентузијазам пристапивме кон тој проект, меѓутоа поради пандемијата бевме спречени, сега повторно сме на идеја од септември да ја промовираме меѓу младите родители. Имаме обучено сестри кои ќе се занимаваат со тој проект и се надеваме дека со помош на матичните лекари кои ќе ја препорачуваат, успешно ќе се реализира“, изјави Стојмировиќ.
Кумановската болница е е едно од најголемите родилишта во државата, сепак и градот не е имун на миграцијата која ги зафати и државата и земјите од околината.
„Се намалува бројот на раѓања во кумановската болница што е тренд и на миграцијата, нешто што не го одминува градот, државата, но сме едно од најголемите родителишта во државата. Оваа болница во изминатите децении 20-30 години над 2.000 раѓања, за жал трендот во државата е таков, намален е бројот на раѓања, во моментов имаме 499 новороденчиња и би сакале да се зголеми тој број. Имам доволен број персонал, соби, оперативна сала, педијатри, инструменти, ултразвук, потребна опрема“, вели доктор Јовчевска.
Светската недела на доењето се одбележува од 1 до 7 август, а годинешново мото е „Доењето основа на животот“. СЗО и УНИЦЕФ препорачуваат, рано започнување со доење во рок од еден час од раѓањето, ексклузивно доење првите шест месеци од животот, континуирано доење до 2 – годишна возраст или повеќе, со воведување на нутритивно соодветна и безедна дополнителна цврста храна на шест месечна возраст.