Австралијанката Кирсти Брајант ја изгубила матката при итна хистеректомија поради обилно крварење по компликации за време на раѓањето на нејзиното прво дете. Тоа било во 2021 година и 29-годишната девојка била уништена бидејќи отсекогаш сонувала да има повеќе деца. Како што пренесува Дејли Мејл, на почетокот на годината нејзината мајка решила да ѝ ја донира својата матка за да може да има уште деца.
„Мајка ми беше таа што дојде до оваа интересна идеја и јас бев воодушевена. Ќе носам дете во истата утроба во која и јас сум се развила. Откако ми предложи трансплантација на матка, не можев да ја исфрлам таа идеја од мојата глава. Сфатив дека тоа е единствената опција ако сакам да носам уште едно дете. Подарокот што ми го даде мајка ми е неверојатен, таа е всушност причината поради која сакав да станам мајка“, изјавила Кирсти, која е првата жена на која ѝ е трансплантирана матка во Австралија.
Целата постапка во Кралската болница за жени ја водела Ребека Динс, гинеколог и специјалист за плодност, која објаснила како оваа форма на трансплантација на органи се разликува од другите.
„Оваа процедура е сосема поинаква од сите други облици на трансплантација на органи бидејќи всушност се работи за привремена трансплантација, која обично трае околу пет години, што е доволно време за да им се овозможи на жените да имаат дете. Органот се дава привремено поради имуносупресивните лекови што мора да ги зема пациентката“, открила докторката и додала дека оваа процедура е прва од 12-те што планира да ги направи со својот тим во следните неколку месеци.