Мајка и ќерка прават саксии од цемент и пластични капачиња: Едноставни и совршено несовршени садови за билки

Стефани Пренкова и нејзината мајка Катерина, која е шумарски инженер, веќе десет години го градат брендот Indoor Garden – мал бизнис кој расте со темпо на билка во саксија: полека и упорно.
Станува збор за изработка на декоративни саксии од цемент и природни компоненти.

„Нашиот прв сад за растенија се роди во 2015 година. Почнавме со класични бетонски саксии, но од љубовта кон природата и уметноста на флората, се роди желбата да експериментираме со циркуларни миксови. Денес, нашата “јапанси” колекција се состои од садови направени од цемент и природни материјали. Во моментов сме на работ од лансирање на најциркуларната формула досега – комбинација од донирана пластика и цемент“, најавуваат тие.

Кога велат донирана пластика, појаснуваат дека всушност, станува збор за материјал што го добиваат пред да стане отпад.
Оттука, објаснуваат, терминот „донирана пластика“ е посоодветен отколку „рециклирана“, бидејќи пластиката, поточно, пластичните капачиња, сѐ уште не поминале низ процес на рециклажа.

Колекцијата што ја развиваат со оваа комбинација од пластични гранули и цемент не е официјално пуштена во продажба, но изработените примероци покажуваат дека ќе биде полн погодок.

„Донираната пластика – најчесто капачиња – ја вметнуваме во нашата магична смеса, како ситни гранули кои ги добиваме со помош на машината за дробење пластика, која е и единствената машина што ја користиме. Сè останато е рачно производство: од мешањето на смесата, до излевањето во калапи, обликувањето (стругање), па сè до крајниот чекор – лакирањето.
Ние веруваме во рачната изработка и секоја саксија ни е како мало уметничко дело“, раскажува Стефани.

Идејата за нивниот бизнис ги има своите корени во нивната заедничка љубов кон цвеќињата и, воопшто, кон растенијата и во желбата да создадат уникатни декоративни садови, првин за своите цвеќиња, а потоа и за сите други кои се љубители на ентериерно зеленило.
„Сите информации за загадувањето на природата, особено од пластика, сите пластични саксии кои што ни поминале пред очи низ годините, беа иницијална каписла за нашиот бренд Индоор Гарден, секако, и нашата љубов кон билките“, вели Стефани раскажувајќи за почетокот на нивниот мал бизнис.
За да ни опише како изгледа оваа љубов, со која, очигледно, ја заразила нејзината мајка, Стефи се навраќа и во своето детство кое го поминала на маалските клупи играјќи си „цвеќарка“.


„Имав среќно маалско детство. Со другарка ми (со која се дружам од кога знам за себе), уште како мали си игравме „сендвичара“ и „цвеќара“ – секоја со различна љубов, таа ужива во храната и правеше сендвичи од лисја, а јас вљубена во флората – правев букети. Оттогаш знаев дека мојот икигаи (јапонски концепт за животот) е поврзан со растенијата. Денес, ги наводнувам и негувам цвеќињата и мислам дека ја чувствуваат љубовта, затоа толку убаво растат!“, се смее таа.
Вели дека со мајка ѝ се одличен тим во кој Катерина е изворот на идеи, а Стефани е задолжена за остатокот од приказната. Но, во производството се подеднакво вклучени и двете.
„На пример, пред секоја тура се договараме која ќе ги подготви калапите, која ќе ја меша смесата – така штедиме време, а и двете го знаеме целиот процес на памет“, велат тие.
Иако би помислиле дека комбинацијата мајка-ќерка е причина за чести кавги кои се некако нормални во односите помеѓу мајките и ќерките, исто колку што е нормална и взаемната љубов и поврзаност, тие две всушност функционираат многу хармонично.
„Една од највредните лекции што ја научивме е дека за да функционираме хармонично, треба јасно да си ги поделиме обврските. И така се роди нашиот мирен, но многу продуктивен соработнички однос“, се смеат.

Тимот на Индоор Гарден не е голем, но ја има една од најсилните врски, а тоа е фамилијарната. Во него секој придонесува на сопствен начин и онолку колку што може.
Катерина и Стефани се центарот на креативната енергија, но дел од Indoor Garden се и братот програмер кој ја одржува нивната онлајн продавница, братучедот – двигател на продажбата и промоцијата, како и блиски пријатели и фамилија кои се тука секогаш кога е потребна поддршка. „Нашата сила не е во бројот, туку во поврзаноста“, велат нашите соговорнички.
Иако изработката не тече секогаш без проблеми, кај нив секое промашување се нарекува експеримент, па така никогаш не се разочарани од резултатот.
„Бидејќи се изработени од природни материјали, понекогаш некој сад ќе промени боја со текот на времето – и нам тоа ни е прекрасно. Ваби-саби е наша водилка – ја славиме убавината на несовршеното“, вели Стефи.

Дизајнот на нивните саксии, се потпира токму на оваа ваби-саби филозофија, односно, јапонска мудрост на прифаќање на непостојаната и несовршена природа на сè што нè опкружува и одмор од перфекционизмот, кој често е огромен извор на стрес во западната култура.
Секој од нивните декоративни садови за растенија е направен со внимание и љубов. Во овие 10 години имале убави соработки – со кафулиња и ресторани, но и со поголеми компании кои токму од нив ги нарачувале како празнични подароци за своите соработници нивните декоративни саксии.
Интересно е и тоа што Стефи денес е и дел од тимот на АРНО, здружението кое е организатор на натпреварот „Зелени идеи“, каде претходно, Indoor Garden бил финалист две години со ред.
„Се запознав со АРНО преку натпреварот „Зелени Идеи“ (корисна информација за сите со зелени бизнис идеи – отворен е повикот за овогодинешниот натпревар, а повеќе информации можете да најдете на профилите на АРНО), каде Indoor Garden беше финалист две години со ред. Неколку години подоцна, се приклучив на тимот како дел од мисијата на АРНОтворците. Од таму понесувам безброј инспирации и нови перспективи за тоа како идеите може да станат реалност“, поентира помладата од ова креативно женско дуо кое нетрпеливо ги очекува реакциите на луѓето на нивната најциркуларна формула досега – саксиите кои и натаму како основа го имаат цементот, но имаат и ситни, весели гранули во боја кои се должат на оние пластични капачиња кои вешто ги инкорпорирале во своите уметнички дела со практична примена.
Инаку, саксиите може да се најдат во нивната онлајн продавничка, но и во концептуалната продавница „Ништо ново“, во галеријата „РА“, во онлајн продавницата МИТРА, а наскоро и во физичката продавница на УРМА. Иднината ја гледаат во своја продавница, но и во поголемите маркети кои имаат градинарски производи и производи за ентериер, па и во нови линии – но секогаш со истиот дух: одржливо, креативно, со љубов.
А додека таа и мајка ѝ ги мешаат состојките за новата тура саксии, знаат дека создаваат нешто многу повеќе од предмет. Создаваат нешто во кое растението ќе се чувствува како дома и ќе им го донесе ова исто чувство и на луѓето во чиј дом ќе се најде.

Зелени идеисаксииСтефани Пренкова