Мајка од Тексас за малку ќе умрела по породувањето со царски рез, а по ампутацијата на екстремитети повторно била споена со синот (2) и ќерката, која тогаш имала 4 месеци. Кристина Пачеко (29) од Плесантон, Тексас, ја родила својата ќерка Амелија на 24 октомври 2022 година, со рутински царски рез. Иако самата процедура поминала без проблеми, два дена подоцна таа почнала да чувствува треска, но претпоставила дека тоа е само дел од нејзиното закрепнување и медицинската сестра ѝ дала ибупрофен.
Откако симптомите не ѝ се подобриле, таа по посетата на лекар брзо била префрлена во болница поради влошување на состојбата. Утврдено е дека страдала од таканаречен септичен шок, состојба опасна по живот во која телото агресивно реагира на инфекција во организмот.
Здравјето на Кристина продолжило да се влошува, а состојбата почнала сериозно да влијае на нејзиното срце, белите дробови и бубрезите. „Не ни кажуваа колку е блиску до смртта, но тоа можеше да се види на нивните лица секогаш кога ќе ги прашав. Лекарите ѝ дадоа само 20 проценти шанси за преживување, што беше застрашувачко сознание за мене“, открил нејзиниот сопруг Џејкоб за ABC News.
На крајот завршила во индуцирана кома и ја добила погубната вест дека ќе мора да ѝ се ампутираат рацете и стапалата поради повредите предизвикани од лекувањето на одделението за интензивна нега. Како што открила, тоа бил најтешкиот момент во нејзиниот живот.
„Моите раце и стапала беа буквално црни“, додала таа, а потоа признала дека лекарите направиле се за да ги спасат нејзините екстремитети од ампутација, но сепак не успеале. Иако, вели, се чувствувала очајно, знаела дека не смее да се откаже, заради своите деца.
„Бев целосно уништена бидејќи знаев дека мојот живот никогаш повеќе нема да биде ист“, вели Кристина, на која ѝ биле ампутирани двете раце под лактите. По неколку дена следуваше втора операција, ампутација на двете нозе под коленото.
„Секој ден се будев и размислував за моите деца. Пред секоја операција размислував за нив и за тоа дека морам да бидам силна. И денес сета сила што ја имам ја наоѓам исклучиво во моите деца”, открива оваа храбра мајка.