Младата скопјанка Луна Китановска веќе четири години не живее во Скопје, туку во Ница кадешто студирала на универзитетот Cote d’Azur, двегодишна магистерска програма по менаџирање на ризиците од природните непогоди и еколошки катастрофи.
Бидејќи оваа интернационална програма привлекува студенти од сите краишта на планетата, имала можност да студира и да се дружи со колеги од разни земји од петте континенти.
Признава дека студирањето понекогаш не било лесно, само и само поради опкружувањето, односно, животот во таква убавина каква што извира и од нејзините фотографии од француската ривиера.
Како изгледа да се живее во таква убавина? Со еден збор – прекрасно, вели Луна и додава – на убавина човек лесно се навикнува и никогаш не му здосадува.
„Времето е топло и пријатно речиси целата година, Медитеранот е секогаш на чекор од мојот стан, а Алпите се на час и половина од Ница. Во ист ден можеш да одиш на скијање и на плажа. На не повеќе од 50 км се Кан, Сан Тропе, Монако, Ментон, Антиб, италијанската ривиера и неброени прекрасни средновековни селца, островчиња и секаков вид на природни убавини. Овој дел на светот изобилува и со музеи во кои се изложени многубројни творби на познати уметници кои живееле тука, меѓу кои Пикасо, Моне, Матис, Шагал, Реноар…“, раскажува Луна.
А бидејќи животот со мајка каква што е нашата сликарка Симонида Филипова Китановска и со татко каков што е нашиот Тони Китановски, џез-гитарист, композитор и професор, обајцата и одлични кулинари и големи гурмани, влијаел врз формирањето на нејзиниот добар вкус во сите аспекти од живеењето, имаме комплетна доверба во неа кога ќе каже:
„Овдешната кујна е прекрасна мешавина од медитеранска, француска, италијанска и голем број етнички кулинарски традиции. И сѐ заедно, од гастрономијата до природните убавини и климата, мора да признаам дека одзема внимание и дека не беше секогаш лесно да се студира. Но, ова место нуди искуства кои не можеш да ги добиеш на ниеден универзитет. Едно од нив е и Канскиот филмски фестивал“, вели Луна, водејќи не до поводот за нашиот разговор со неа.
Имено, нашата соговорничка е веќе втора година по ред акредитиран новинар на Канскиот филмски фестивал, што секако не е мала работа.
Првите фотографии ги направила уште како дете. Иако не размислувала професионално да се занимава со фотографија, вели, патот некако постојано ја носи во таа насока.
„Целосната организација на Канскиот филмски фестивал е извонредна, како што и доликува на настан кој трае речиси две недели и на кои учествуваат најголемите светски ѕвезди од областа на филмот, музиката и модата. Нивното обезбедување и присуството на огромна маса луѓе допатувани од сите краишта на светот за да ги видат своите омилени ѕвезди, е на највисоко можно ниво. Тоа се гледа и во самиот процес на акредитација кој е ригорозен и долготраен и успеваат да се акредитираат само мал број фотографи. Јас имав многу среќа да бидам дел од оваа одбрана група која со своите фотографски апарати е во најдобра позиција и најблиску до сите паради на ѕвездите на црвениот тепих.
Сите мои останати колеги се реномирани фотографи кои повеќе години наназад го покриваат фестивалот за елитни светски магазини и агенции. Постојат неколку нивоа на акредитации, а највисоката е официјален фотограф на црвениот тепих. На секој од нас му беше доделено точно определено место и јас повторно тука имав најмногу среќа“, раскажува Луна.
Со оглед на тоа што сега ја има како искуство претходната година, таа веќе може да се пофали дека имала можност да фотографира ѕвезди како Мајкл Даглас и неговата сопруга Катрин Зета Џоунс, кога на Мајкл Даглас му беше доделена златна палма за животно дело. Потоа, Џони Деп кој лани го промовираше својот нов филм, исто како и Харисон Форд, Мартин Скорцезе, Роберт Дениро, Леонардо Дикаприо, Хелен Мирен, Скарлет Јохансон, Вес Андерсон, Адриан Броди, Шон Пен, Селма Хајек, Ума Турман…Потоа, големите ѕвезди на источните кинематографии на Индија, Кина, Јужна Кореа и Јапонија.
Од светот на модата таму биле Наоми Кемпбел, Адриана Лима, Ирина Шаик, а од музичките ѕвезди Травис Скот, Роби Вилиамс, Викенд…
„Градот Кан самиот по себе има посебнa вибрација и шарм кои повеќекратно се мултиплицираат за време на фестивалот. Ако ви здосади целиот гламур и врвулицата од луѓе, за минута или две веќе можете да стигнете до прекрасните кански песочни плажи и да ги слушате брановите на Медитеранот. Оваа година претседател на жирито на фестивалот е Грета Гервиг, режисерката на филмот Барби, па едвај чекам да направам фотографии од нејзе на црвениот тепих“, раскажува со возбуда Луна.
Фотографиите на Луна од канскиот фестивал и други манифестации на кои е фото-новинар, во Македонија секогаш ги објавува порталот МКД.мк со кој вели дека има извонредна соработка. Некои од фотографиите се објавени и во САД, по барање на промотери на артисти или нивниот менаџмент кога особено ќе им се допадне некоја од нив.
„Не знам каде ќе ме однесе патот професионално, но секако фотографијата ќе биде дел од мојот живот“, вели Луна која признава дека тоа што пораснала со родители-уметници има оставено свој белег.
„Моите родители секогаш ме подржуваа и никогаш не ме тераа да бидам или да работам ова или она, туку изборот беше секогаш мој. Кога бев мала ми беше чудно затоа што не беа како родителите на другите деца. Не одеа на работа секој ден туку работеа дома или пак патуваа со својата уметност насекаде по светот. Веројатно од нив го имам наследено добриот вкус – она што не се купува или учи никаде. Фотографијата ме привлекуваше од секогаш и тоа беше единствената уметност за мене“, завршува Луна која ја чекаат уште многу нови предизвици и избори таму некаде, во белиот свет.