Сведоци сме на постојано поместување на границите на родителството за двата пола, но сепак вестите за мажите кои се одлучуваат за наследници во доцните години како да се прифаќаат со поголеми симпатии од оние за жените кои стануваат мајки на подоцнежна возраст.
Така деновиве ширум светот одекна веста дека на 79-годишна возраст станал татко холивудскиот актер Роберт Де Ниро. Пред него на 70 години стана татко и Ричард Гир, но има и многу други и многу почести случаи за доцно татковство отколку што е случај со доцното мајчинство.
Жените многу почесто размислуваат за својот биолошки часовник и за тоа која е најдобрата возраст да се стане мајка, додека за биолошкиот часовник на мажите почна да се зборува дури од неодамна. Имено, иако повеќе се става акцент на биолошкиот часовник и на плодноста кај жените, новите истражувања тврдат дека ни мажите немаат многу време за деца. Според студијата објавена во списанието Maturitas, мажите би требало да размислат за зачувување на својата сперма пред таа да достигне до поодмината возраст за станување татко. Таа гранична возраст се смета дека е онаа над 40 години.
Во тие години доаѓа до намалување на плодноста и на можноста за зачнување, но и до поголеми ризици во бременоста. Имено, поодминатата возраст на таткото може да ги зголеми шансите за гестациски дијабетес, прерано раѓање на детето или прееклампсија.
Покрај тоа новороденчето има поголема склоност кон срцеви болести, напади, но и мала килажа при породувањето. Постојат дури и индикации дека децата со повозрасни татковци се посклони кон одредени типови на рак или когнитивни пореметувања.
Сепак, некако јавноста од секогаш имала повеќе симпатии за старите татковци отколку за старите мајки за кои најчесто се врзува зборот себичност, додека пак за татковците се коментира со зборовите: алал да му е!
Како позитивност на доцното татковство обично се издвојува она дека постарите татковци на животот гледаат помирно бидејќи преживеале секакви работи, па тоа искуство може да биде добро. Сепак, не е занемарливо и тоа што физичките способности на постарите татковци се поограничени и помалку, па логично е дека во најголема мерка не можат да ги следат потребите на детето.
Бебето треба да се повие, капе, нахрани, подоцна да се игра со него, да се чува, да се помогне да прооди, да вози велосипед и слично. Но некако се уште се смета дека голем дел од овие работи ќе ги прави мајката, па од тој аспект, повеќе критики има кога мајката е веќе во години кога вообичаено би требало да е баба, отколку кога таткото е дури и во години кога реално може да биде и прадедо.
Затоа и мајките кои станале мајки на подоцнежна возраст се себичните, а татковците се способните.
Сепак, кога станува збор за посвојување на дете, законите во повеќето држави дозволуваат најмногу 40 години разлика меѓу детето и посвоителите.
Значи, ако детето има десет години, посвоителот може да има најмногу 50. Секако, ова не е случајно пропишано, без разлика што квалитетот на животот денес е подобрен, а животниот век на луѓето, продолжен.
А да се донесе дете на свет, без оглед на возраста останува најголемата радост во животот на една двојка, па иако е вообичаено деца да се имаат меѓу втората и четвртата деценија од животот, постојат моменти кога чудото на животот може да не изненади и во староста.
[…] Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“. […]