Слаѓана Нешиќ Ансаров е маџармаалка, која после 13 години во Македонскиот Народен театар, животот ја одвел во Америка, оттаму во Канада, а последниве 22 години повторно назад во Америка, поточно, во Мајами, Флорида.
Иако жените обично не сакаат да зборуваат за годините, на госпоѓа Слаѓана или како што ја викаат пријателите, Џана, тоа воопшто не ѝ е проблем. А и како би ѝ било проблем кога изгледа барем 20 години помлада и тоа без никакви интервенции, освен, неколку мали навики кои несебично ги сподели со нас.
„Изгледот на мојата кожа и на лицето им го должам на гените, поточно, на мајка ми, додека кога станува збор за изгледот на телото, не е до среќата и до гените, туку до тоа што секојдневно пешачам и многу вежбам“, искрена е нашата соговорничка која раскажувајќи ја својата животна приказна, сподели со нас и неколку интересни работи од своите секојдневни ритуали на кои, освен на гените, им ја должи својата младоликост и убавина.
Имено, таа веќе 30 години се мачка со гел од алое вера. Секако, не го купува, туку го има во 7-8 саксии во својата градина во Мајами па секогаш ѝ е достапен во најприродна форма, директно од листот. Вели дека гелот од алое е одличен за лицето и за рацете, а се препорачува и за изгореници.
„Ќе ви откријам уште една тајна, а тоа е она што го користат холивудските глумци за нега на лицето. Станува збор за специјален крем за хемороиди, кој се става околу очите, а јас го користам и на цело лице. Овој крем ги измазнува брчките и го оптегнува лицето и го ставам само навечер. Преку ден користам серум, дневен крем за лице, за околу очите и специјален крем за врат и деколте, сите од Лореал. Понекогаш, иако ретко, си ставам и маска од банана. Ќе се намачкам, ќе поседам 20 минути и ќе исплакнам. А уште еден интересен крем кој го употребувам навечер наизменично со оној што го спомнав како крем за хемороиди, е оној најобичен универзален крем во сина кутија на Нивеа, во кој се промешува сок од 1 лимон“, открива нашата соговорничка.
Таа вели дека за да биде во топ-форма секојдневно вежба или пешачи, но и внимава на исхраната.
„Во градината имаме 5 дрва со папаја, па ова овошје е често на нашето мени, а добро е за варењето и за метаболизмот, често на менито имаме и див лосос и многу зеленчук, но понекогаш ги засукувам ракавите и бидејќи мојот сопруг е Македонец, правам гравче тавче и полнети пиперки кои тој многу ги сака. Сакам да готвам, но македонската храна веднаш се одразува врз формата, па со неа си се честиме двапати во месецот“, се смее таа.
Повозрасните сигурно ја паметат Слаѓана од времето кога живеела во Скопје и била актерка во МНТ.
Таа од секогаш сакала да биде актерка. Родена е и пораснала во Маџар Маало. Завршила гимназија во „Орце Николов“.
„Како малечка одев во балетско училиште, свирев клавир и сакав да бидам глумица. Кога имав можеби 18 години првпат се појавив на телевизија. Крунослав Слабинац бараше девојка која ќе биде статистка во видеото што го снимаше за својата песна „Црна жена“. Ме снимаа во НАМА и јас уште толку влегов во филм, ќе станам глумица. Ама татко ми не сакаше да слушне да се запишам на Академија, па јас за да му направам ќеф се запишав на Правен факултет и останав таму 2 години, а бидејќи желбата да студирам на академијата за драмски уметности не стивнуваше, му кажав на татко ми дека ќе го напуштам Правниот факултет. Кога виде дека многу го сакам ова и тој попушти. На академија бев во класата на Вукан Диневски и тие четири години на студии беа многу интересни. Бев во класата со Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Јасмина Поповска, Соња Каранџуловска, … После академија ме поканија од Кумановскиот театар да ја играм главната улога во една комедија, која ја режираше Коле Ангеловски. За малку ќе ја играв главната улога во филмот „Исправи се Делфина“, но во последен момент се одлучија за Неда Арнериќ, а јас добив споредна улога. Потоа најмногу глумев во комедии бидејќи е тоа жанрот што ми лежи. Дури имав и една претстава-монодрама со која настапував низ цела Македонија. Стануваше збор за монодрама „Шетана Џана“, а беше критика на директорите и секретарките. Ме придружуваше музичари со кларинет и армоника, а јас, меѓудругото, пеев ромски песни, играв со дајре, ја пеев Коштана, беше тоа супер претстава“, се потсетува госпоѓа Ансаров.
Таа првпат заминала во Њујорк кај еден пријател, а следното одење преку океанот било во Флорида. Таму го запознала првиот сопруг, Канаѓанец со кој живеела 10 години во Канада.
Се обидела таму да продолжи со глумата, но за тоа во театар се барале актери со перфектен англиски јазик и без акцент што таа за жал го немала.
За да предава глума требало да заврши уште 3 години колеџ, нешто како постдипломски, ама во тоа време тоа не ја интересирало баш многу, иако подоцна ѝ било криво. Потоа животот ја однел пак во Флорида каде што се запознала со нејзиниот сегашен сопруг со кој е во брак веќе 22 години.
„На Флорида, бидејќи е туристичко место, немаат ни театар, па и тука немав шанси да продолжам со актерството, а бидејќи сакав нешто да работам, завршив курс за козметика и отворив свој салон. Бидејќи ме интересираше процесот на стареење, многу читав и проучував како да се забави стареењето. Потоа, четири години работев со козметика и парфеми како претставник за Шанел, па извесен период му помагав на сопругот и работев административни работи во неговата градежна фирма, а сега сум во пензија и уживам во својата градина полна со цвеќиња, палми, орхидеи и вечно лето“, раскажува Слаѓана.
Иако не се реализирала како актерка по напуштањето на Македонија, таа наоѓа начин да ја изрази својата креативност и уметчничката нишка, па почнала да слика, си ја преправа облеката и си ја прилагодува по свој вкус, нешто што исто така ја интересирало од аспект на модниот дизајн, а најмногу ужива во друштво со внуката.
„Многу се забавуваме со внуката од ќерката на мојот сопруг која е едно многу интересно и креативно девојче. Голем талент е. Кога таа ќе ме нашминка и ќе ме дотера, тоа е исто како да сте биле кај професионалец. Инаку, ме вика ‘мојата Барбика, мојата Џанче’. Таа е многу уникатно девојче и кога сме заедно незнам дали повеќе ужива таа со мене или јас со нејзе“, се смее убавата Џана.
Таа порано имала голем страв од летање, па со сопругот измислувале најразлични начини за да дојдат до Македонија, а притоа и да уживаат. Така тие патувале со бродови, па со автомобили, возови и автобуси, сѐ до моментот кога била укината линијата со која дошле и била принудена да се врати назад, на Флорида, со авион. Од тогаш веќе нема проблем со патувањето и секогаш со задоволство си доаѓа во родниот град каде што се сите нејзини роднини и неколку блиски пријателки од младоста.
„Секогаш ми е убаво тука бидејќи на Флорида, иако се дружиме и со Македонци, ја нема таа дружба како тука. Животот е сосема различен, едноставно, нема никакви сличности па не може ниту да се споредува, но ете тоа би била единствената работа која најмногу ми недостасува. Од друга страна пак, колку што можев да видам, овдешните цени се исти како и кај нас, па ние немаме проблем, но се чудам како живеат луѓето со овдешните примања, а со вакви цени. На Флорида е сѐ достапно, кога станува збор за храна особено, луѓето не се грижат дали нешто можат да си купат или не, сѐ е достапно“, забележува нашата Американка.
Уште една интересна работа која таа ни ја раскажа е и онаа како луѓето реагираат кога ќе слушнат дека е пензионерка, а особено кога ќе ја видат годината на раѓање.
„Во Америка, ако си повеќе од 10 години во брак, земаш пензија од сопругот и имаш право попуст од 20 отсто во продавниците за облека. На почеток не ме интересираше попустот, ама имаше еднаш многу интересни работи, така поскапи, па си реков, зошто да не ги искористам. Арно ама продавачката не ми веруваше дека сум пензионерка, па морав да ѝ докажувам дека сум навистина толку возрасна со возачката дозвола. Постојано ми се случува тоа“, се смее Слаѓана.
Иако веќе 32 години е надвор од Македонија, никогаш нема да го забележите ова по разговорот. Имено, нашата соговорничка, за разлика од другите иселеници кои по само 10 години поминати надвор од нашата држава, знаат да ги мешаат зборовите, зборува на совршен македонски литературен јазик и вели дека тоа се должи на студиите по глума.
На крајот, што да кажеме друго освен дека вреди да се вложи малку труд за да се изгледа вака. И ако ги немаме сите нејзините гени, ни останува да ги искористиме оние две-три финти што ни ги откри нашата убава соговорничка.