Македонска пејачка со италијански корени: Серафина Фантаузо е наследничка на големиот Енцо Серини

Серафина Фантаузо и нејзиниот колега Наско Чапар ги сретнав во Таверна Тоскана каде што бев за да направам текст за неделата на италијанска кујна. Беа таму за да се договорат за своите настапи во таверната, каде што еднаш неделно пеат италијанска музика, а шеф Влатко Огненовски, се знае, ја прави најдобрата италијанска храна, па така, врти-сучи, за сѐ е виновна таа пуста Италија која на многумина од нас ни лежи на срце. Кому храната, кому музиката, кому земјата и луѓето, кому сѐ заедно. Токму затоа и нашиот шеф Влатко Огненовски, решил да ја дополни понудата во својот ресторан и покрај италијанска кујна, да „послужи“ и италијанска музика во живо која ја изведуваат не случајно, токму овие двајца професионалци.

„Со Влатко не поврзуваат храната, виното, вкусовите и секако, музиката. Тој готви и презентира италијанска храна, а ние ја пееме италијанската музика. Божја работа, сѐ излезе сосема случајно“, раскажува госпоѓа Серафина.

Нејзиниот колега Наско Чапар е професионален музичар, најпознат како хармоникаш, но свири и синтисајзер и пијано, а во тандем со Серафина исполнуваат италијански канцони, песни за душа, но и македонска музика и евергрини.

Серафина пак е поп, фолк и оперска пејачка со италијански корени. Нејзиниот татко цели 22 години бил првенец на македонската опера. Станува збор за Винченцо Фантаузо, познат по своето уметничко име Енцо Серини, оперски певец, баритон од Палермо. Серини учел пеење во родниот град, каде што и дебитирал на оперската сцена во 1939 година, како 19-годишно момче, со улогата на Силвио во операта Палјачи. Настапувал во многу италијански градови и низ поранешна Југославија како член на операта во Риека од кадешто, во 50-тите години на минатиот век, диригентот Ловро Матачиќ го донел во Македонија во која тогаш имало недостиг на кадри. А господин Серини бил кадар ипол, баритон кој станал првенец на македонската опера и поминал таму цели 22 години, од 1953 до 1975 година.

„Татко ми тука се запознал со мајка ми Цветанка која беше помлада од него цели 20 години. По третото гостување се вљубил во неа и во Македонија и решил да остане тука. Мајка ми беше хемиски техничар, но никогаш не работеше, туку беше домаќинка и се грижеше за семејството, за татко ми, за мене и за мојата сестра Гилда. Јас сум го добила името Серафина по мајката на татко ми, а сестра ми, по Гилда, неговата ќерка во операта „Риголето“ кадешто тој ја одиграл насловната улога, својата најдобра улога дотогаш. Во театарот покрај липите мојот татко бил толку интересен за македонската публика, што велат дека се барал билет повеќе, па страдало и стаклото кај билетарата“, раскажува со гордост неговата наследничка Серафина.

Тој никогаш не се ослободил од италијанскиот дијалект, иако улогите на сцената на македонската опера ги пеел на македонски, јазикот кој го научил најмногу од сопругата и од своите ќерки.

Серафина вели дека иако е пола Италијанка, сепак, со оглед на тоа што се родила, пораснала, се школувала и цел живот живее тука, многу повеќе се чувствува како Македонка, а Италија е генот од татко ѝ и Италија, се неразделен дел од неа.

Иако додека била мала не сакала опера, па кога татко ѝ ќе ѝ речел дека ќе биде оперска пејачка, таа плачела и велела не, сепак, веќе по завршување на средното училиште, се вработила во операта.

„Јас пораснав во музичко семејство, во театар, а децата се како сунѓери и иако како мала не ми беше пријатно да слушам опера, а кога татко ми ќе ми речеше да бидам оперска певица, плачев, но подоцна самата ја засакав. Го наследив генот и толку многу сакам да пејам, што секаде каде што има музика, таму сум и јас. Сестра ми се занимава со сликарство, а и мене ми е тоа хоби. Костимите за настапи сама ги изработувам, кантавтор сум и освен што пејам во операта, настапувам на сите фестивали и пејам и забавни и народни песни.

Татко ми доживеа кога се вработив во операта, бидејќи тогаш тукушто завршив средно. Во тоа време беше така, или ќе работиш или ќе учиш, па школувањето на гласот го продолжив во оперското студио каде што беа Милка Ефтимова, Станко Липша, Марија Скаловска, Стојан Ганчев, си го школував гласот, не останав сама и со нивното менторство сум тоа што сум сега. Освен што пеев во хорот, имав и многу епизодни, но и поголеми улоги“, вели напшата соговорничка.

Дека крвта не е вода зборува и тоа што и сите нејзини роднини по татко, во Палермо, се на некој начин во музиката.

„Мојот братучед Џузепе свири виолина и е професор во музичко училиште. Роднините доаѓале неколку пати тука, но повеќе комуницираме на Фејсбук. За жал, не сум била во Сицилија, иако семејно сме оделе во Италија. Врската со Италија ја продолжи и мојот син кој магистрираше во Фиренца. Иако не се занимава со музика, тој има одличен слух, а со неговата сопруга ни подарија и внуче, Јосиф“, се пофали таа.

Енцо СериниНаско ЧапарСерафина ФантаузоТаверна Тоскана
Comments (1)
Add Comment
  • Тоскана ли е, Скопје ли е? Три дена вистинска тосканска кујна во нашиот град – Арт кујна

    […] Нашиот шеф Влатко Огненовски повторно го дочекува својот учител и гуру, драг пријател и колега, славниот италијански шеф Дучо Лоренцини кои веќе неколку пати доаѓа во нашата земја и ги носи со себе вкусовите на оригиналната тосканска кујна. За комплетно уживање ќе придонесе и италијанската музика во живо која ќе ја изведува оперската певица со италијанско потекло и наследничка на баритонот Енцо Серини, Серафина Фантаузо. […]