Македонската кралица на сапуните, Силвиа Манговски: Од Шведска преку Охрид, Флорида, Италија и повторно назад, на Охридското Езеро

Силвиа Манговски е креативна жена со многу интереси. Вели дека рацете никогаш не ѝ мируваат, па секогаш ги држи зафатени. По потекло е охриѓанка, но родена е во Шведска кадешто поминала дел од своето, како што вели, магично детство. Смета дека токму тој период бил најзначаен за тоа во кој правец ќе се одвива нејзиниот живот понатаму.
„Уметноста или ракотворбите со кои се занимавам денес произлегуваат како резултат на животот и инспирацијата од местата во кои сум живеела. Родена сум во Шведска, дел од магичното детство го поминав таму, а подоцна се преселив со моите родители во Охрид. Би рекла дека главен печат ми остави работилницата за уметност во градинката во Шведска во која изработувавме секакви проекти на кои не учеа учителките. Правевме рамки од дрво, за ткаење и не учеа како да правиме мали килимчиња со нив. Правевме кукли, украси од шумски мов, шишарки, глинени фигури, сликавме, правевме орнаменти од солено тесто, слушавме музика. Некогаш одевме во дом за стари лица и таму им ги подарувавме нашите ракотворби, заедно со нив јадевме колачи, некои од нив ни читаа книги. Печат ми оставија и раскошните шуми поврзани со скандинавските бајки, летата и белите ноќи кога си игравме надвор заборавајќи дека е 9 навечер, со оглед на тоа што во тоа време е сѐ уште бел ден. Во сеќавање ми се и зимите, санкањето, коњите, боровинките и јагодите во ливадите, излетите покрај многубројните езерца. Преубавите јадења, торти и колачи во скандинавски стил, прекрасните луѓе…“, се потсетува на своето рано детство во Скандинавија нашата соговорничка.
Подоцна, со родителите се преселила во Охрид, каде што морала да се адаптира на поинаков живот, поинакви ароми, поинаква култура и, генерално, поинаков тип на живеење, особено во тој период, во социјализмот, кога на Силвиа ѝ недостасувале многу нешта на кои била навикната додека растела во Шведска. Од друга страна, тука биле топлите лета и езерото, па иако сосема поинакви и спомените од овој дел од детството и младоста ѝ се подеднакво убави и драги.
„Како дете ми недостигаа многу работи кои во тој период тука сѐ уште ги немаше, но посебно живеев за летата. Го сакав возењето со моето друштво од улицата, по неколку километри со велосипеди до плажата во Горица 2. По пат ги беревме киселите јаболчиња од овоштарниците кои денес се покриени со бетон и згради. Тие времиња се неповторливи, полни беа со безгрижност и дружби… Цртањето и музиката ми беа убаво прибежиште од реалноста, често победував на конкурси за цртеж, а подоцна се заинтересирав и за природната козметика. Баба ми знаеше да прави сапуни, ги познаваше билките, па дома секогаш имавме чаеви и мелеми од разни билки“, вели Силвиа.
На 30 години се омажила и се преселила во Америка каде што нејзиниот сопруг живеел веќе подолго време.
„Таму ми се врати идејата да правам природна козметика, а подоцна и сапуни. Направив пауза кога се роди нашиот син, а продолжив со сосема нов концепт на изработување сапуни кои изгледаа како колачи, сладоледи, прелеани со глазури, правев бомби за капење, шипки за меурчиња…Љубителите на Lush козметиката имаа направено цело движење на Инстаграм каде што ги постираа купените производи на Lush, но не вметнуваа и нас, малите бизниси, со нашите производи на сапуни и козметика. Така функционираше во полн ек моето американско производството на сапуни и бомби за капење во 2015/16, токму на Инстаграм“, раскажува Силвиа.

Нејзините сапуни со изглед на десерти, буквално преку ноќ, стекнале популарност.
„Направив мексикански „шеќерни“ глави и ги постирав со хаштаг #soapshare. Немав поим што значи тоа зборче со тараба пред него, само знаев дека се употребува за споделување сапуни на Инстаграм. Утредента се разбудив и ги видов коментарите под мојата слика со мексиканските шеќерни глави постирани за Ноќта на вештерките. „Аnd the winner of the week is @SylviaSoapStudio“. Тој хаштаг беше предводен од познатата Ен Мари Фиола, позната и како „Кралица на сапуните“ (The Soap Queen) која има јутјуб видеа со постапки како се прават сапуни, има издадено неколку книги и е успешна бизнисменка во полето на супериорни козметички суровини.
Мексиканските „шеќерни“ глави кои се всушност т.н. „бомби за бања“ станаа многу популарни. И самата Ен Мари Фиола ми нарача од шеќерните глави и сапуните кои изгледаа како полускапоцени камења и ја интересираше како ги изработувам“, раскажува Силвиа.


Кога стигнала до точка на преголема ангажираност и следен чекор требало да биде продолжување со работата на едно повисоко ниво, измајмување на простории и ангажирање на луѓе, кај неа превладеала потребата на нејзиниот син за повеќе време со неа.
„Синчето почна да ме прашува кога ќе престанам да работам. Посебно ме погоди кога ми кажа: „Мамо, ми недостигаш, немој да работиш повеќе“. Сватив дека иако имав среќа да можам да работам од дома, на детето не му требаше само моето физичко присуство, туку му недостигаше да бидам целосно присутна. Набрзо сето тоа што го работев ми стана од третостепена важност. Му се посветив потполно на синот и воопшто не зажалив“, вели Силвиа.
Набрзо таа и сопругот сфатиле дека е можеби време да го донесат нивниот син во Македонија.
„Живеевме во идилична флоридска населба со 24-часовно обезбедување, со јахти, базени, тениски игралишта, библиотека, сала за вежбање и тоа на големиот Интракостал канал веднаш до океанот. Сѐ беше убаво, ама син ми не знаеше што значи кал, не можеше да се извалка, неговите дружби со други деца беа секогаш однапред планирани…Сфативме дека е време да го запознае животот во Македонија“, ја објаснува Силвиа одлуката да се вратат во родната земја.
Три години живееле во Охрид, а после едно летување во Пуља, на брегот на Јужна Италија, во 2019, толку се воодушевиле од убавините на малото гратче Тавијано, што решиле да се преселат таму.
Токму оваа средина, морето, плажите, мирисот на билки и иглолисни дрвја, храната, виното и воопшто, начинот на живеење, а потоа и пандемијата со ковид, биле тоа што ја поттикнало Силвиа повторно да се ангажира.
„Велат дека сум добра готвачка, па обично кога ми е здодевно навечер, тогаш нешто месам, печам. Секогаш морам нешто да правам со рацете и едноставно мислам дека не можам да седам мирно. Тогаш ја открив полимерната глина и почнав да се бавам со изработка на мини фигурини и накит. Јужна Италија е преполна со керамички производи и изобилува со украси направени во локални работилници. Почнав да изработувам и смокви од керамика, бидејќи ми беа неодолива инспирација. Направив и повеќе ѕидни декорации во комбинација со макраме конец и керамика. Во 2021 се вративме во Македонија повторно. Се чувствував како да сме се вратиле од некоја временска капсула како во време после хаварија. Живеевме во чуден страв, животите целосно ни се променија. Полека му се вратив одново на изработувањето на накит од полимерна глина, изработувам и магнети, сувенири со мотиви од Охрид, глинени кајчиња, ѕидни декорации со куќите од Охрид…

Во меѓувреме забележавм дека во Македонија има суровини и за производство на сапуни и свеќи од еко-соја така што сето тоа ми враќа надеж дека ќе можам да продолжам да создавам. Летно време, накитот од полимерна глина, а зимно време свеќите од соја, сапуните. Ми смета што изнајмувањето на штандови во Охрид е невозможна мисија, им се доделуваат на приватници по пат на лицитација, па наместо да им ги понудиме на туристите нашите рачни изработки, им се дава простор на диви препродавачи на кинеска бижутерија долж Охридското Езеро. Би сакала ова да може да се смени и да им се даде простор на уметниците кои рачно ги изработуваат своите производи“, вели Силвиа и надополнува дека во моментов е активна на својата Инстаграм страница @sylvia.mango.arts.