Жените со многу мали гради често се грижат дали ќе имаат доволно млеко и дали ќе можат добро да го дојат своето бебе.
На жените со големи гради многумина често им велат дека „сигурно нема да имаат проблеми со доењето“ и слично.
Ниту едното ниту другото нема никаква научна основа и, во крајна линија, воопшто не е точно. Згора на тоа, научниците неодамна го открија речиси спротивниот факт…
Што покажала студијата за врската помеѓу големината на градите и млекото?
За време на една неодамнешна студија се покажало дека жените со поголеми гради произведуваат млеко со помала концентрација на лактоза во споредба со жените со помали гради.
Ова револуционерно откритие сугерира дека иако големите гради не се неопходни за соодветно производство на млеко, тоа може да влијае на составот на млекото.
Резултатите од ова истражување беа објавени во American Journal of Human Biology.
Мајчиното млеко не е само извор на есенцијални хранливи материи, туку содржи и различни биоактивни компоненти кои можат да влијаат на растот и развојот на детето.
Иако е познато дека составот на мајчиното млеко може значително да се разликува кај жените, не е сосема јасно кои фактори придонесуваат за овие варијации.
Претходните студии го истражувале влијанието на мајчините карактеристики како што се телесните масти, исхраната и фреквенцијата на хранење врз составот на млекото, но врската помеѓу големината на градите и составот на млекото досега не била детално истражена.
Во студијата учествувале 162 жени кои исклучиво дојат, а учесничките биле избрани врз основа на неколку критериуми за да се обезбеди хомоген и здрав примерок од студијата.
Овие критериуми вклучувале мајките да се породиле на време, да не боледувале од хронични заболувања и да не користат хормонска контрацепција.
Научниците ги анализирале примероците од млеко за содржината на калории, масти, протеини и концентрација на лактоза.
Спротивно на нивните очекувања, тие откриле негативна врска помеѓу големината на градите и концентрацијата на лактоза во мајчиното млеко.
Имено, жените со поголеми гради произведуваат млеко со помала содржина на лактоза од оние со помали гради.
Важно е да се нагласи дека така било и кога станувало збор за жени кои немале вишок килограми, туку имале само бујни гради.
Различна исхрана за бебињата
Овие резултати ги изненадиле научниците, а сметаат дека е достојна за внимание бидејќи лактозата се синтетизира исклучиво во млечната жлезда, па се смета дека сѐ е поврзано со хормоните.
Поголемите гради се поврзани со повисоки нивоа на хормоните естрадиол и прогестерон.
Овие хормони можат да го намалат целокупното производство на млеко и да ја спречат синтезата на лактоза со намалување на нивото на специфичен протеин, алфа-лакталбумин, во мајчиното млеко.
„Ова е прва студија која објави негативна врска помеѓу концентрацијата на лактоза во мајчиното млеко и големината на мајчините гради за време на целосно воспоставена лактација.
Докажаната поврзаност укажува дека жените со поголеми гради можат, преку хормонална контрола, да произведуваат млеко со помала концентрација на лактоза од жените со помали гради“, се наведува во резултатите од студијата.
Интересно е и тоа што не е пронајдена значајна врска помеѓу големината на градите и другите макронутриенти како што се мастите и протеините.
Сепак, тие откриле и дека почестото хранење на бебето влијае на концентрацијата на лактоза.
Ова е поврзано со поголема содржина на лактоза, веројатно поради зголеменото лачење на пролактин, хормон кој го стимулира производството на млеко.
Слично на тоа, работите се промениле кога мајката го зголемила калорискиот внес – повисокиот калориски внес на мајката бил поврзан со пониски концентрации на лактоза, веројатно поради нејзиниот ефект врз метаболизмот на гликозата и достапноста за синтеза на лактозата.
Лактозата е витална компонента на мајчиното млеко, таа обезбедува значителен дел од енергијата потребна за доенчињата и го поддржува развојот на централниот нервен систем.
Така, се чини дека доенчињата на мајки со поголеми гради може, поради помалата доза на лактоза, да примаат различни макронутриенти од оние на мајките со помали гради.