Високата температура кај децата е еден од најчестите симптоми на разни болести, а често доаѓа со одредени митови во кои многу родители сè уште веруваат. Како што објаснува медицинската сестра Ники Јуркуц на нејзиниот официјален Инстаграм профил на Tiny Hearts Education, постојат дури четири митови за покачената температура кај децата кои не се точни, а кои многу родители сè уште слепо ги следат.
Секоја температура над 40 степени е опасна
Како што објаснува Јуркуц, многу родители погрешно мислат дека секоја температура е крајно опасна. „Ако вашето малечко има висока температура, но инаку е добро хидрирано и не покажува никакви невообичаени симптоми, тоа би можело да биде сосема нормален начин на кој неговото тело се бори против инфекцијата“, вели таа.
Секоја покачена температура треба да се намали со лекови
Една од најголемите грешки што ги прават родителите кога нивното дете добива температура е веднаш да му дадат супозитории или сируп за да ја спуштат што е можно поскоро. Сепак, според Јуркуц, температурата треба да се третира со лекови врз основа на симптомите. Ако вашето дете има болка и непријатност, дајте му лекови за ублажување на болките. На телото не му требаат лекови за да се избори со покачената температура.
Температурата предизвикана од инфекција може да доведе до оштетување на мозокот
Температурите над 42 степени може да предизвикаат оштетување на мозокот, а телото ја достигнува таа температура само со влијание на фактори од околината како што е кога е детето оставено во жежок автомобил, а не поради температура предизвикана од инфекција, објаснува медицинската сестра.
Колку е повисока температурата, толку е детето во полоша состојба
Иако многу родители веруваат во овој мит, тој всушност не е вистина, тврди медицинската сестра. Имено, таа објаснува дека симптомите што ги покажува вашето дете се многу подобар показател за сериозноста на причината за покачената температура. „Секогаш следете ја состојбата на вашето дете, а не само бројот на термометарот“, додава Јуркуц.