Мисли дека е маче, ги лиже кваките, има имагинарен пријател: 7 чудни однесувања кај малите деца

Двегодишните и тригодишните деца можат да бидат многу напорни и непопустливи. А, ако имате едно, тогаш знаете дека можат да бидат и малку чудни. На пример, лижењето на кваките на вратите и лаењето како куче се вообичаени примери. Но, ваквите однесувања се минливи.

„Повеќето чудни однесувања кај малите деца се краткотрајни“, вели детскиот психолог и авторка на неколку книги, Хедер Витенберг. Ова се некои од нив:

Удирање со глава
Ритмичките, повторувачки движења помагаат во смирување на прекумерната стимулација на нервниот систем. Не им помага само нишањето или возењето во автомобил, на малите деца – исто така им помага и удирањето со главата.

„Она што ни изгледа вознемирувачко може да биде многу смирувачко за детето“, објаснува д-р Витенберг. Освен ако вашето дете не се повредува себеси удирајќи ја главата или претпочита да се удира отколку да се дружи, да јаде или да си игра – игнорирајте го ова однесување.

„Кога детето ќе ја добие вашата реакција за нешто што го направило, сфаќа дека има нешто што може да го направи секогаш кога ќе го посака вашето внимание“, додава д-р Витенберг. Размислете за некоја активност за замена ако сакате да го пренасочите однесувањето.

Раце во панталоните
Галењето на самите себе е уште една навика што не се смета за проблем, освен ако вашето дете претпочита да го прави тоа наместо да си игра со друго дете или да јаде сладолед.

Д-р Витенберг им советува на родителите да не им забрануваат на своите деца да го прават ова, но препорачува неколку упатства: „Објаснете му на детето дека може да го прави тоа дома, но не и надвор од куќата и дајте му некои интересни предмети или играчки за да му го свртите вниманието“.

Чудни желби околу храната
Психологот Витенберг објаснува дека децата ги користат своите усти како алатка за истражување на светот: „Можеби експериментираат, а можеби станува збор и за некоја орална потреба“. Сè може да се објасни со сериозноста и зачестеноста на ваквите желби.

Ако вашето дете повремено има чуден избор на храна, можете да го игнорирате однесувањето, но ако вашето дете е опседнато со, на пример, јадење валкани работи, кал или „топченца“ од каучот, разговарајте со вашиот педијатар.

Чепкање на носот
Повеќето родители сметаат дека чепкањето во носот е одвратно, но ноздрите се интересно место за истражување, така малите деца го перцепираат тоа. Чепкањето по носот ги смирува.

Д-р Витенберг советува да се обидете да му кажете на вашето дете: „Може да си го чепкаш носот во твојата соба или во бањата со марамче, но кога си во друштво – никој не сака да го види тоа“.

Имагинарни и кадифени пријатели
Има деца кои толку многу ги сакаат своите кадифени играчки што ги редат пред спиење во креветот за да ги подготват и нив за спиење, или имаат цела фамилија имагинарни пријатели.

Ова е нормална реакција на сфаќањето дека светот е збунувачки и тежок за разбирање.

„На децата честопати го наоѓаат нивниот имагинарен свет им е многу попријатен“, објаснува д-р Витенберг. Кога го прифаќате имагинарниот свет на вашето дете, ја почитувате и неговата креативност. Кога омилената кадифена играчка на детето ќе се изгуби или ќе се скине – тоа може да биде комплицирана ситуација, но исто така е можност да му покажете како да се справи без неговата вообичаена утеха.

Играње со своите какушки
Има љубопитни деца кои ги соблекуваат пелените за да го истражат „нередот“ што го направиле за време на спиењето.

„Тоа е многу почесто однесување отколку што луѓето мислат, а најчесто станува збор само за детска љубопитност и откривање нешто ново со кое ќе си играат и ќе го истражуваат“, објаснува д-р Витенберг.

Доколку се соочите со вакво однесување, обидете се да му обезбедите на вашето дете многу поприфатливи можности да направи неред (на пример, да гради замок од кал или да си игра со глина или пластелин). Ако вашето дете продолжи да го истражува „нередот“ што го направило, можете да пробате да ги прицврстите пелените со самолеплива лента за кожа.

„Превенцијата е клучна, како и внимателното набљудување на вашето дете“, вели д-р Витенберг.

Генерално бизарни работи
Некои деца инсистираат да носат наметка цел ден или сакаат да бидат голи цело време. Некои деца мислат дека се животни, па затоа може да ве пречека повремено лаење или мјаукање.

Глупавите фази се нормален дел од детството и разбирањето на детето за своето место во светот. Како и со другите чудни однесувања, сè додека не ги нарушува нормалните активности – тоа е сосема прифатливо. Можеби ќе треба да му објасните на вашето дете дека во некои ситуации не може да продолжи со своето однесување, но обидете се да ги толерирате и прифатите чудните навики на вашето малечко. И дефинитивно, овековечете ги со фотографија или видео. Еден ден ќе има прекрасни спомени!

децачудни однесувања