Млад си, ќе имаш други деца! Чудни утехи за татковците што не можат да си ги гледаат децата

Гледав во него, преку таа зелена маса, ги знаете оние маси што стоеја во канцелариите на лекарите сто години, малку излупени по рабовите, широки и толку ужасно зелени, со неколку папки и кутија преполна со моливи.
Неговиот раскопчан бел мантил беше во страшна спротивност со она што го зборуваше. Претпоставувам дека белиот мантил значи дека му помагате на некого, дека се обидувате да го направите подобар, а тој го направи токму спротивното. Со секој негов збор, ми се чинеше дека тонам, дека ми се врти во главата и дека се се губи во некоја магла. Страшно ми пречеше неговиот бел мантил, раскопчан и стуткан по реверите и ракавите, но постојано се потсетував дека тој е лекар, психијатар и дека ова е неговото работно место, некоја клиника, и дека сега е сосема случајно некој кој уништува животи наместо да ги спасува. Сега, сосема случајно, тој е судски експерт, а јас којзнае како се најдов карши него и мојот живот е во негови раце. И мојот и сите наши животи.
Имаш три деца – ми рече. Да – одговорив. И не сте ги виделе од разводот? Колку време помина, две години? Да – реков повторно.
Ех, знаете како, тоа се многу комплицирани работи. Сега да се натегате со поранешната сопруга е залудно. Децата се со мајката, таму не им е толку лошо, мајка си е мајка. Ги гледам тие проблеми постојано, верувајте ми, вие не сте единствените.
Молчев. Длабоко верував дека ќе биде некој што ќе каже нешто друго. И потонав некаде длабоко во мене.
Ќе ти кажам нешто – продолжи тој, ти си нормална, ментално здрава личност, тоа можеш веднаш да се види. И сте претрпеле неправда, тоа е сигурно, ви пишувале претходно во извештаите дека сте нестабилни и дистанцирани. Тоа е грешка, неправда кон тебе. Сега можам да ви ветам дека во овој извештај ќе ја поправиме таа неправда, сигурно ќе напишеме дека сте стабилни и нормални, какви што сте. Дефинитивно ќе го потврдиме тоа, не грижете се за тоа.
Се уште молчев и зјапав во него, а тој ми возвраќаше по малку, гледајќи незаинтересирано кон мене, онака самоуверено мавтајќи со раката во која се наоѓаше неговото пенкало.
Но, знаете, децата, тие веќе се навикнати да не ве гледаат и би било потресно сега да го менуваат тоа. Подобро е да се остане како што е. Ќе пораснат, еве го веќе најстариот – колку има? 14 години?
Грлото ми се исуши. Кога зборував, тоа не беше мој глас, тоа беше некое напукнато полу-стенкање.
Но, што е со оттуѓувањето? Би требало да го процените тоа, така пишува во судскиот налог.

Со отуѓувањето?
Ме погледна зачудено, а јас бев сигурен дека не го ни прочитал она што е напишано во судската наредба.
Отуѓување – повтори тој. Мислите она, како кај Маркс, отуѓување од луѓе?
Сега неговиот поглед како да заискри, како да се обидува да се сети за што се работи.
Не, мислам на отуѓување од родителите.
Аааааа, тоа. Да.
И направи кратка пауза и продолжи. – Нема отуѓување, децата само не сакаат кај вас затоа што не ве гледаат, се е нормално. Тука нема отуѓување, оставете ги тие празни приказни.
Туку… И се насмеа шеретски, речиси ми намигнуваше.
Вие сте убав и млад човек, целиот живот е се уште пред вас. Треба да одите понатаму, ќе има уште жени и ќе има уште деца.
Дали имате проблем да бидете со друга жена сега, и во сексуална смисла, да се пошегувам како маж со маж, рече тој и повторно намигна – знаете што мислам, да имате секс со друга жена?
Не, немам таков проблем – одговорив потполно изненаден од пресвртот на ситуацијата.
Е тоа би било проблем да го имавте! Вака е се во ред, можете да продолжите по својот пат. А ова, ова треба да биде затворено поглавје. Вашите деца ќе пораснат, ќе разберат и на крајот сe ќе биде во ред.
Не ви треба ова натегање, тоа само ве труе во животот и не е добро ниту за децата.
Затворете го тоа поглавје – повтори уште еднаш, како да открил решение.
Излегов на улица и не знаев каде да тргнам. Ниту по која улица, ниту каде сам со себе. Од паричникот фотографиите на моите деца неподносливо ме печеа.

Ана Рајковиќ, психолог и психотерапевт

Текстот е од ТУКА.

отуѓувањеразвод