Агенцијата за безбедност на здравјето на Велика Британија (UKHSA) потврди дека истражува 36 случаи на деца кои се разболеле откако биле хранети со сега повлечени серии бебешка формула.
Минатиот месец, гигантот за храна и пијалаци „Нестле“ повлече повеќе од 60 серии од својата SMA формула поради загриженост за присуство на токсин отпорен на топлина, цереулид, кој може да предизвика симптоми како што се повраќање и дијареја, објави „Скај њуз“.
Во последните недели европските здравствени власти се соочуваат со сериозни сигнали за заболувања кај бебиња поврзани со консумација на адаптирано млеко од глобалниот производител Nestlé. И во Белгија се води официјална истрага поради околу 20 случаи на бебиња кои развиле симптоми како повраќање и дијареа по употреба на одредени формули, поврзани со потенцијална контаминација со истиот токсин. Истражувачите предупредуваат дека бројот на заболени може да е повисок, бидејќи тестирањето за овој токсин не е задолжително при секој случај на гастроинтестинални симптоми кај доенчињата.
Овој скандал е дел од поголема глобална кампања за повлекување на голем број производи за доенчиња, вклучувајќи адаптирано млеко од Nestlé, Danone и Lactalis, поради потенцијална контаминација со cereulide, токсин произведен од бактеријата Bacillus cereus. Претходно оваа состојба се сметаше за ретка, но неодамнешните анализи откриле присуство на токсин во ARA масло, клучен нутритивен додаток наменет за развој на мозокот и нервниот систем.
Иако компаниите и властите истакнуваат дека засега не се потврдени смртни случаи поврзани директно со контаминираните формули, неколку здравствени истражувања и поднесоци од семејства во Франција доведоа до отворање на кривични пријави против големите производители.
Овие случувања ја разголуваат ранливоста на системите за контрола на безбедноста на храна за најмалите, но и широко распространетата доверба што ја имаат родителите во брендовите со репутација.
Адаптираното млеко и готовите кашички за бебиња (од зеленчук, месо, овошје) подлежат на строгите регулативи и тестирање пред да стигнат на пазарот, но очигледно, некои ризици остануваат – било поради контаминација при производство, испорака на суровини или од хемиски супстанции од околината кои преку сировите состојки влегуваат во крајните производи.
Светските истражувања покажуваат дека готовите детски кашички и пасираната храна понекогаш можат да содржат тешки метали, како арсен, олово, кадмиум и жива, како и остатоци од пестициди. Овие супстанции најчесто не предизвикуваат нагли труења, но долготрајната изложеност може да има негативно влијание врз развојот на мозокот и општото здравје на децата. Иако ваквите случаи ретко доведуваат до акутни заболувања, регулаторните тела и истражувачките организации со години предупредуваат на потребата од построги контроли и пониски дозволени граници за штетни материи во храната за бебиња.
Претходни повлекувања на пазари како САД вклучувале кашички и пасирана храна за бебиња со повисоки нивоа на тешки метали (како олово) од дозволените, што ги принуди компаниите да ги повлечат производите од продажба.
Логично, овие вести предизвикуваат страв и несигурност кај родителите па експертите советуваат:
- Да се информираат за најновите предупредувања и листи на повлечени серии на формула и готови храни што ги објавуваат здравствените служби.
- Да ги следат упатствата на производителите за правилно чување и подготовка на адаптирано млеко за да се намали ризикот од бактерија.
- Да се консултираат со педијатар ако забележат симптоми како повраќање, дијареа или друго нагло влошување на здравјето кај бебињата/децата по консумирање одредена храна.
Оваа ситуација отвора и поширока дискусија за тоа колку системите за контрола и регулатива на храната за најмалите се подготвени да спречат такви инциденти и колку родителите можат да бидат информирани и заштитени кога се работи за исхраната на најранливите членови на семејството.