Постои верување кај поголемиот број на родители дека децата лажат за да добијат нешто што сакаат, да избегнат некоја последица за непосакуваното однесување или за да избегнат некоја обврска која не им се допаѓа. Ова би биле вообичаените мотиви за неискреноста на децата, но покрај овие има и некои други причини зошто децата нема да ја кажат вистината или нема да ја кажат целата вистина.
Една од причините заради која децата лажат е затоа што ја откриле оваа нова идеја и ја испробуваат, исто како што прават со повеќето видови однесувања, за да видат што ќе се случи.
Децата кои имаат мала самодоверба може да ја користат неискреноста со цел да изгледаат поимпресивно, посебно или талентирано во очите на другите.
Децата кои се анксиозни или депресивни може исто така да користат лаги како би ги негирале или минимизирале симптомите со цел да ги заштитат своите родители.
Понекогаш децата, а особено хиперактивните, може импулсивно да употребат лага, односно да кажат нешто пред доволно да размислат за истото. А неретко, особено помалите деца може и да заборават да направат или пак да веруваат дека навистина направиле нешто и сето тоа да звучи како лага.
Децата или адолесцентите знаат со голем ентузијазам да ги раскажуваат своите измислени приказни, бидејќи на тој начин добиваат многу поголемо внимание од опкружувањето.
Многу адолесценти можат да лажат сакајќи да ја заштитат својата приватност или за да се чувствуваат психолошки понезависни од своите родители.
И секако, тука се и таканаречените „бели лаги“, за кои во одредени ситуации родителите всушност ги охрабруваат своите деца, да употребат бела лага како една од социјалните вештини за да не бидат повредени нечии чуства.
За да може да му помогнете на вашето дете да биде искрено и да ја кажува вистината, најнапред би било добро да ја разгледате причината за неговата неискреност. Доколку се налутите и го казните, тогаш би била помала веројатноста да ви верува и да ви се довери во иднина за различните предизвици со кои ќе се соочува.
Лажењето е вообичаено кај малите деца кои сѐ уште не ја разбираат добро разликата помеѓу реалноста и фантазијата, па затоа обидете се без казни, со посочување и конкретни примери да му помогнете на вашето дете да разбере што е добро, а што погрешно.
Доколку станува збор за постаро дете, во тој случај зборувајте за важноста да се каже вистината. Секако погрижете се да дадете пример на своето дете со тоа што и вие самите ќе бидете искрени и ќе ја кажувате вистината. Укажете му дека лажењето не е добар избор и истражувајте ги другите можни опции, за тоа како би можело да се постапи во конкретната ситуација.
Заедно со вашето дете утврдете што се крие зад лагата, која е причината за истата, и потоа фокусирајте се да го научите како во иднина, да ги решава сличните проблеми и непријатни ситуации и однапред разгледајте ги последиците за неговото однесување.
Ако вашето дете е адолесцент, помогнете му да го разбере влијанието на неговите избори, зборувајте отворено за сериозноста на последиците. Ако му помогнете да види зашто се поставени ограничувањата, ако зборувате за вашите грижи од морален и безбедносен аспект, можеби и ќе успеете да најдете некаков компромис, а со тоа и да го мотивирате своето дете да направи подобри избори за себе.
Посочете му дека лажењето е непосакувано и недозволиво и дефинирајте ги последиците доколку во иднина се повтори таквото однесување.
Споделете сопствени искуства и разговарајте за грешките кои вие сте ги направиле, како и за начините како вие сте се справиле во одредени ситуации. Запомнете дека обрасците на однесување се пренесуваат од родителите на децата. И не заборавајте да го охрабрите, пофалите или наградите вашето дете затоа што ја кажува вистината особено во некои деликатни ситуации.
Пишува: Александра Стојановска, психолог, семеен системски советник, супервизор на линијата за родители