„Во мое време, додека сѐ уште не беше пронајден пубертетот, не ни знаевме дека сме во кризни години. Со прстите ги стискавме мозолчињата на лицето и ја мачкавме косата со брилијантин.
Фотографиите на голи дами беа вистинска реткост и можеа да се видат само во книгата „Сексуален живот“ на доктор Александар Костиќ, во која маж без лице и блудна дама пробуваат чудни гимнастички пози, со целосно рамнодушни лица.
Во мое време сексот беше чиста пропаганда, иако сите по малку се лажевме дека имаме некакви искуства. Секој што веќе спиел со девојка беше најпознатата личност во целата гимназија. Можеби се чувствувавме малку необично, но никој не се осмели да признае дека е во пубертет, а уште помалку тоа го забележуваа нашите родители, на кои им беше најважно да сме сити и облечени. Затоа, во мое време, пубертетот сè уште не беше пронајден.
На еден од моите пријатели, Далматинец, татко му му викаше:
„Чача, не мој викат на мене! Ја сан у пубертету…!“
„Буди ди очеш – му одговори таткото – само да си ми до 10 утри дома!“
Денес, момчињата и девојчињата излегуваат од своите домови во тоа време.
Ако ме прашате како го преживеав пубертетот и останав здрав и жив, навистина не би можел да ви објаснам. Денес е лесно да се биде во пубертет. Кон децата во тој преоден период се однесуваме на научна основа, како кон мали пациенти. Сите се загрижени да не им останат трауми. Псссст! Тој е во пубертет! Уште малку па на момчињата ќе им се доделуваат првите девојчиња на лекарски рецепт, а на таа церемонија најверојатно ќе присуствуваат и двајцата родители и дежурниот психолог. Па сепак, никогаш повеќе геј популација.
Во мое време, пред да се открие климактериумот, жените на одредена возраст мислеа дека главите ги болат затоа што се преморени. Дали нашите баби наеднаш ги менуваа фризурите и облекуваа проѕирни ноќници за повторно да ги привлечат своите сопрузи, кои почнале да ги занемаруваат своите брачни обврски? Денес, кога сите бројат оргазми, се прашувам дали дедо ми некогаш ја прашал баба ми дали ѝ било убаво?
„Дали ти беше убаво?“
Господи!
Дали ако воопшто и оделе на одмор, дали баба и дедо би оделе одделно, заради освежување на бракот, како што советуваат денеска весниците? Кој знае, можеби во тој случај нивниот брак би бил многу похармоничен и би траел многу подолго, а не само педесет и шест години?
Во мое време, додека не беше измислен зборот секс, луѓето се сакаа целосно аматерски. Немаше кој да им ги покаже ерогените зони, ниту да им го одреди биоритамот.
Добри сме и вакви какви што сме, со оглед на тоа колку аматерски сме дошле на свет!
Во мое време тие што имаа купатило се караа во купатило – тие што немаа не се ни караа! Молчеа и трпеа!
Во мое време никому не му паѓаше на памет да има притисок. Се прашувам дали луѓето, во мое време, воопшто го имаа или се пронајде дури подоцна, кога амбициозните селани завршија медицински факултети?
И како, воопшто, живеевме во мое време без да знаеме ништо за движењето на антициклоните над северозападна Европа, ниту за влажноста на воздухот, брзината на ветерот, нивото на водата на реките и температурата, а да не зборуваме за изгледите за следниот викенд?
Иако го сакам своето време, никогаш не би се вратил во него. Животот е многу полесен денес. Но, умирањето е исто толку тешко како и во мое време“.