Мора да ги научиме децата дека никој не смее да ги пипa! Што се случува во мозокот на педофилите и родосквернувачите?

Ја силувал својата седумгодишна ќерка, сексуално го злоупотребувал својот 17-годишен син, малолетник го силувал помладиот брат и уште едно дете, силувал десетгодишно девојче, силувал шестгодишно девојче, татко две години ја силувал својата малолетна ќерка, чичко една година сексуално ја малтретирал четиринаесетгодишната внука од братучед, татко заедно со свој пријател си ги силувал двете малолетни ќерки.

Ова се вестите што го потврдуваат секојдневното присуство на педофилијата и на родосквернавењето во нашата држава. Каде живееме? Во Содома и Гомора? Се прашуваме сите ние, додека со неверување ги слушаме вестите и ги читаме црните хроники, се згрозуваме од нивната содржина, се прашуваме дали ние како општество сме виновни за ова што се случува, дали сме свесни за тоа низ какви трауми поминуваат децата жртви? Се прашуваме ли зошто некои од децата жртви на родосквернавење ги менуваат своите изјави? Дали децата жртви се оставени на милост и немилост од страна на институциите на државата?

Побаравме информација за бројот на пријавени случаи за педофилија и родовосквернавење од првата детска амбасада во светот Меѓаши на нивниот СОС телефон, Ало Бушавко. Со оглед на тоа што токму тие се едни од најголемите борци против овој вид на злоупотреба и едни од првите кои го кренаа гласот и јасно и гласно проговорија за траумите кои ги трпат децата, а истовремено бараа и решенија, превентивни, но и казнени.

Во прегледот на јавувањата на нивниот СОС телефон за последниве неколку години, поточно, од 2018 година до крајот на 2022 на Ало Бушавко има вкупно 32 дојави. За сите биле информирани надлежните органи и институциите. Оваа бројка, велат од Меѓаши, не значи дека не се случиле повеќе вакви злоупотреби, туку само го потврдува познатиот факт дека децата и младите кои се жртви на овој вид сексуално насилство, многу ретко пријавуваат.

„Ние го ребрендиравме Ало Бушавко со цел да се доближиме до децата, а тие за вакви проблеми не зборуваат, за нив тоа е премногу трауматично. Сексуалната злоупотреба на децата е најтешка злоупотреба, едно од најтрауматичните прекршувања на детските права. Не е доволна само осуда, загриженост, револт на државните институции, туку и конечно работа на сите одговорни во педагошко – психолошките служби не само за превенција, туку и охрабрување децата да го пријавуваат злоупотребувачот. Меѓаши има креирано водич за родители и наставници за заштита на децата од сексуална злоупотреба, достапен е онлајн и може да се искористи во рамки на образовниот процес или родителствувањето. Изминатите години постојано апелиравме до јавноста и институциите дека за да се заштитат децата-жртви на сексуална злоупотреба, треба да се отвори национална СОС-линија, која ќе работи 24 часа. Токму затоа „Ало Бушавко“ – телефонот за деца и млади (070 390 632) работи 24/7 и е достапен за децата да пријават насилство и од ваков тип, па следствено на тоа, во соработка со институциите навремено да се реагира. Формирањето на прифатилишта, сигурна куќа или децата да бидат сместени во згрижувачки семејства, каде што постојано ќе бидат опкружени со љубов, отворањето советувалишта за третман на децата-жртви и на нивните семејства се само дел од алтернативните решенија за кои се залага и апелира ПДАС Меѓаши. За жал, за децата кои претрпеле ваков вид на насилство, сѐ уште не постои прифатилиште. Меѓаши апелира со години но немаат слух…“, вели Гордана Пирковска Змијанац, која заедно со својот сопруг Драги Змијанац е основачка на Меѓаши.

Што вели научната фела?

Научните истражувања досега не откриле како еден човек станува сексуален злосторник врз сопствените деца. Според експертите, станува збор за патолошка појава. Односно, силувањето на сопствените или на туѓите деца е специфична патологија, која не може трајно да се излекува, но може да се контролира ако превентивно се дејствува.

Сепак, не се сите сексуални злосторници – педофили. Имено, постојат критериуми според кој се одредува кој е педофил.

„Педофилијата не е ништо ново, постоела и за жал ќе постои и во иднина, но разликата е во тоа што во последните две децении поотворено се зборува за ова и трендот на пријавување на случаите на педофилија повеќе не е табу.

Кога станува збор за психолошкиот профил на педофилите, може да се каже дека педофилијата е ментално нарушување и подразбира личност која фантазира, сексуално е возбудена или доживува сексуални нагони кон деца на предпубертетска возраст (обично под 13 години). Генерално, профилот на педофилот подразбира поединец кој мора да има најмалку 16 години и да е најмалку 5 години постар од жртвата за да ги исполни критериумите за педофилија.
Но педофил не се станува на 40 години. Оваа ментална извитопереност, односно, привлечноста кон децата кај педофилите започнува околу времето на нивниот пубертет или адолесценција, на нивни 15,16, 17 години. Има некои проекции според кои еден сексуален злосторник, ако не биде откриен, во текот на својот живот може да направи од 350 до 500 дела. Што е една страшна бројка!“, вели професор доктор Антони Новотни, психијатар од Клиниката за психијатрија во Скопје.

Според него, кога станува збор за жртви над 13 години, не можеме овие случаи да ги подведеме под педофилија.

Тој порачува дека мора да сме строги во критериумите за педофилија, бидејќи педофилијата е болест, но не е секое вакво дело болест.

Карактеристично за педофилијата е тоа што за нив сексуално се привлечни баш деца, а не деца кои веќе наликуваат на жени или на мажи, односно, кај кои веќе постојат промени во психо-физичкиот изглед поврзани со периодот на адолесценцијата.

„Педофилите може да се вклучат во широк спектар на сексуални дејствија со деца. Овие активности може да бидат и на ниво на сексуални фантазии, но тука спаѓаат и сите контакти од сексуална природа, од егзибиционизам, гледање голи деца (воајеризам) или мастурбирање во присуство на деца до понаметлив физички контакт, орален секс или пенетрација. Општо земено, педофилите не користат сила за да ги вклучат децата во овие активности, туку се потпираат на различни форми на психичка манипулација и десензибилизација“, вели Новотни и додава дека оваа состојба не се лекува затоа што педофилите ги минимизираат своите постапки со изјавување дека нивните постапки „имале едукативна вредност“, дека детето добило задоволство од овие чинови или од вниманието, или дека било провокативно и ги охрабрувало чиновите на некој начин. 

Накусо, тие често имаат когнитивни дисторизии, сознајни извртувања на нивните мисли во однос на она што го сториле и во себе ги оправдуваат своите постапки.

Според Новотни, децата не можат никогаш да видат виновни, иако тие често чувствуваат вина. Особено кога злосторникот е човек кој му е близок, човек од доверба, кој со своето манипулативно однесување доведува кај детето до чувство на соучесништво и детето се затвора целосно во себе.

На злоставените деца им се менува поведението, а родителите често не ги забележуваат тие знаци. Товарот на траумата е уште поголем ако нема поддршка од семејството, од околината, училиштето, медиумите.

Доктор Новотни вели дека излезот од оваа состојба е мултидисциплинарно да се постапува кон детето, а за ова да постојат специјално обучени тимови кои ќе знаат како да му пристапат на детето, наместо одново и одново да го тераат да прераскажува за настанот и со тоа дополнително да го трауматизираат.

Што се однесува до третманот на ваквите сексуални престапници, третманите, вели психијатарот Новотни, се прилично безуспешни со оглед на тоа што овие луѓе не веруваат во сопствената болест, во сопственото растројство, не веруваат во тоа дека нешто не е во ред со нив.

„Третманот треба да е бихејвиорален, а општеството треба да се погрижи да го контролира однесувањето на злосторникот, да се затегне системот, да се условуваат овие луѓе да се јавуваат на психијатар барем еднаш неделно, да бидат проверувани одвреме навреме од социјален работник, а една од работите што треба да се направат во функција на превенцијата, е да се стегне малку и семејниот систем, да ги научиме децата на тоа дека си имаат своја приватност и дека никој не смее да влезе во нивниот приватен простор, да ги ослободуваме да зборуваат, но да ги искористиме и училишните психолози педагози“, вели д-р Новотни и порачува дека и медиумите треба да дадат свој придонес во правец на едукација и отворање на овие теми, но не во форма на сензационализам.

„Не смее медиумите да доведуваат до ретрауматизација на децата, не смее ударните вести да бидат полни со сите грозотии што се случуваат, не мора да се прикаже целата приказна за да се добие гледаност/читаност и да се нарушува повторно интимата на децата-жртви“, вели тој.

Д-р Новотни ја поддржува и мерката за хемиска кастрација на педофилите, но не во смисла на телесно казнување, туку како делување на психата, односно психичкото растројство што го има педофилот кој не е способен да го контролира нагонот и либидото и на тој начин се смета дека му се помага и на педофилот, а воедно и на децата, да не се повторуваат овие дела.

Што вели законот?

Според Александра Груевска Дракулевски, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, родосквернавењето и силувањето на дете кое не наполнило 15 години се delicta carnis, односно кривични дела против половата слобода и половиот морал.

Родосквернавењето е инкриминирано со член 194 од Кривичниот законик (КЗ). Со казна затвор од 5 до 10 години се казнува тој што ќе изврши обљуба со крвен сродник во права линија или со брат, односно сестра.

А, потежок квалифициран облик на делото е доколку истото е сторено со дете кое не наполнило 14 години. Во тој случај е предвидена казна затвор од најмалку 10 години, а најмногу 20 години. 

Што се однесува до кривичното дело силување на дете кое не наполнило 15 години, или популарно педофилија, напоменувам дека со измените и дополнувањата на Кривичниот законик од 2023 година истото е изменето и преименувано од „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ во „силување на дете кое не наполнило 15 години“. 

Согласно измените и дополнувањата, за основниот облик на делото, полов однос или друго со него изедначено полово дејство што се состои во вагинална, анална или орална пенетрација, со кој било дел од телото или предмет врз дете кое не наполнило 15 години, е предвидена казна затвор од најмалку осум години, а најмногу 20 години.

Ако сторителот изврши друго полово дејствие што не се состои во вагинална, анална или орална пенетрација, со кој било дел од телото или предмет во телото, предвидена е казна затвор од најмалку три години.

Доколку делото е извршено со злоупотреба на својата професија, дејност или должноста, на сторителот ќе му се изрече забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Во изминатите шест години (2017-2022 година), согласно статистиката на Државниот завод за статистика осудени се вкупно 56 лица за кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години (силување на дете кое не наполнило 15 години – нов наслов). 

Доминираат казни затвор во траење од 5 до 10 години (изречени се вкупно 16 во периодот 2017-2022). Следуваат казни затвор во траење од 3 до 5 години (вкупно 15), потоа казни затвор во траење од 10 до 15 години (вкупно 14). Изречени се и две казни затвор во траење од 6 месеци до една година, една казна затвор во траење до 6 месеци. 

Во 2018 е изречена една казна затвор во траење од 20 години, а во 2020 – две.

Во 2021 година е изречена и една казна доживотен затвор. 

Според нејзината колешка Александра Цветановска, претседателка на Асоцијацијата на млади правници (MYLA), законот прави разлика помеѓу педофилијата и родосквернавењето.

Во Кривичниот законик педофилијата е опфатена преку повеќе кривични дела, меѓу кои делото „полов напад и силување“, полова злоупотреба на неможно лице, силување на дете кое не наполнило 15 години, обљуба со злоупотреба на положба, задоволување на полови страсти пред друг и уште неколку кривични дела каде се опфатени дела со посредување проституција и порнографски материјали.

Од друга страна, родосквернавењето е опфатено во едно кривично дело:

„Тој што ќе изврши обљуба со крвен сродник во права линија или со брат, односно сестра, ќе се казни со затвор од пет до десет години“.

Сепак, овие две дела во однос на висината на казните се блиски.

Консеквенците од овие кривични дела се различни и зависат од стореното дело, начините на кои е сторено, околностите, кој го сторува и врз кого е сторено. За било кое од овие дела кога е сторено врз лице кое не наполнило 14 години, предвидуваат построги казни.

Од 2014 постои и Регистар за педофили, сајт кадешто од МТСП ги вметнуваат осудените педофили со фотографија, име и презиме.

Последните измени на Кривичниот законик во однос на овие дела се направени во февруари 2023“, вели Цветановска.

За децата-жртви на родосквернавење

Од „Меѓаши“ велат дека во пракса, децата жртви на родосквернавење, по обелоденувањето  остануваат сами на себе, во уште покомплицирана семејна ситуација.

„Обично детето останува со другиот родител кој понекогаш не сака да се соочи со вистината и да го признае насилството. Во позадината на ваквото однесување честопати се и материјалните услови бидејќи родителот силувач го губи работното место и семејството останува без (некогаш) елементарните приходи. Родителот кој останува со детето жртва, соочен со најразличните проблеми, манифестира насилно однесување, емоционално и психички го злоставува детето сакајќи да го казни за тоа што се случило, сметајќи го како причина за новонастаната ситуација во семејството.

Кај детето жртва се мултиплицира почетниот проблем соочувајќи се со низа нови сериозни проблеми (меѓу кои сослушувањата и неколкуте соочувања на рочишта, лице во лице со злоставувачот) кои ја прават траумата уште подлабока, а невербата во системот кој треба да ги заштити е целосно изгубена. Детето е отфрлено од семејството и стигматизирано од средината во која живее и наместо да биде охрабрено за тоа што не молчи, станува осудено за својата искреност.

На крајот, неможејќи да се справи со целата ситуација, детето траумата ја закопува длабоко во себе, загрижено е за иднината на целото семејство, дури и за родителот силувач: дали тој ќе оди во затвор или не?

Детето ја повлекува изјавата!“, вели Пирковска Змијанац.

Подигањето на културното, социјалното и образовното ниво на граѓаните, придонесува отворено да се зборува за темите за кои до скоро беше срамно да се зборува, да се препознае оваа општествено-криминогена појава и навремено да се побара и обезбеди заштита од надлежните институции.

Односно, не е доволна само осуда, загриженост, револт на државните институции, туку и конечно работа на сите одговорни во педагошко – психолошките служби не само за превенција, туку и за охрабрување на децата да го пријавуваат злоупотребувачот“, вели Пирковска Змијанац.

болестдецаекспертиказнипедофилија
Comments (1)
Add Comment