Мора да се разбудиме! Генерацијата Aлфа не знае да се однесува

Ах, тие нови генерации! Сите почнуваме да слушаме вакви коментари и забелешки, па веќе почнавме да ги браниме помладите генерации. Некои велат дека не знаат како да се однесуваат, едни велат дека им недостига концентрација, други велат дека им недостига почит, трети се навредени од нивната ароганција. Па тогаш, некои за ова ги обвинуваат социјалните медиуми, други интернетот воопшто, трети погрешната насока во родителството, некои пандемијата.

Можеби понекогаш претеруваме, тоа може да се случи, но факт е дека нешто не е во ред. Генерацијата алфа, или децата родени помеѓу 2010 и 2024 година, е особено „на дневен ред“ и, се осмелуваме да кажеме, не без причина. Ова е генерација која е родена со паметни телефони, одела на училиште за време на пандемија, пораснала во малку поинакви околности и покрај сето тоа, родителските стилови се сè поопуштени. Сето ова – не мириса добро.

Кога 36-годишната наставничка Тереза Кеј Њуман се појави на „Тик-ток“ минатата година, таа буквално молеше за помош. Таа вели дека не ја сфатиле сериозно затоа што била „малку постара“ и исто така изгледала постара, па многумина мислеле дека е припадничка на постарата генерација што, класично, се жали на новите генерации. Ја советувале да си најде нова работа ако не може да се справи со ова и рекле дека децата отсекогаш биле такви. Таа експлицитно рекла дека не зборува за деца со попреченост, туку дека она за што зборува се однесува на секое дете – без разлика дали е просечно или напредно…

@teresakayenewman

Lets talk about Gen Alpha kids. Young teachers and Gen Z are recognizing their poor behavior and social/academic deficits… why are we still trying to pretend like this is not a problem we should discuss? #teacher

♬ original sound – Newman Music Academy on YT

Но, сега таа се потрудила и ги собрала мислењата на помладите колеги за нивните ученици, или за алфа генерацијата.

-И новите наставници и оние што долго време се во училницата го велат истото: вашите деца се недисциплинирани, не можат да пишуваат, не можат да се дружат. Можеме да го обвиниме ковид за ова, можеме да ги обвиниме ајпад-уредите што ги одгледуваат нашите деца, можеме да ја обвиниме економијата што не им дозволува на родителите да поминуваат многу време со своите деца… Можеме да ги обвиниме сите, но луѓето во образованието се согласуваат дека имаме проблем и треба да престанеме да наоѓаме изговори за тоа! – остро одговорила Њуман.

Проблемот, истакнала таа, е што родителите едноставно не сакаат да преземат одговорност за тоа што не го прават она што треба.

-Тие не го прават она што треба да го прават за да одгледаат деца кои се самодоволни, кои се социјализирани или љубезни. И не, не е вината на децата! Генерацијата алфа е воспитана да верува дека може да разговара со возрасните како што сака, дека може да разговара со секого како што сака, иако има само 10, 11 или 12 години, дека насилството е одговорот. Генерацијата алфа е воспитана во свет кој им кажува дека е во ред да бидат врвни нихилисти или индивидуалисти, дека не мора да се грижат за никого или за ништо. Најважно е што тие се воспитани да веруваат дека се имуни на последици, дека нема последици за нивното лошо однесување, за нивната грубост, за нивната небрежност во извршувањето на задачите. Едноставно не им е гајле – децидна е Њуман.

Како дел од своето видео, Њуман издвоила и други, помлади наставници кои ги мачи истата грижа. Една млада наставничка споделила слика од цела низа загрижени наставници кои буквално се плашат за алфа генерацијата затоа што мислат дека тие деца се премногу пркосни, дека се груби, дека не почитуваат никого. Друга рекла дека го доживеала најтрауматското искуство во нејзиниот живот со генерацијата алфа.

-Тие немаат почит кон авторитетот. Ги прашувам дали можат да останат на своето место, тие велат „не, замолчете“. Фрлаат работи врз своите другари, врз други луѓе. Кога им кажувам да застанат на одредено место, тие велат: „Не, не можете да ми наредувате, вие не сте ми мајка“ – додала наставничката.

Тешко е да се утврди кој е во право и дали е сè толку мрачно, но фактот е дека многу наставници и професори укажуваат токму на ова, на истите проблеми, низ целиот свет. Можеби сепак треба да се размисли затоа што каде што има чад, има и оган, а се чини дека тука има сè повеќе чад, па дури и сигнали од чад што пишуваат повик за акција.

генерација Алфадецанаставници