Може и мене малку? Не, не е во ред да им даваме на децата да пијат кафе!

Станавме култура залудена по кафе. Со оглед на сите студии чии резултати зборуваат за тоа како една шолја „уживање“ може да го намали ризикот од дијабетес, срцеви заболувања, мозочен удар, деменција и некои видови рак, која е штетата?

Но оваа залуденост се пренесува дури и на децата.
И покрај долгогодишните предупредувања од педијатри и други здравствени работници дека кафето и другите пијалаци со кофеин, како што се газираните и спортските пијалаци, можат да бидат штетни за младите, родителите им дозволуваат на своите малечки – дури и мали деца – да ги пијат тие напитоци.
Студија во Бостон од 2015 година покажа дека 14% од анкетираните мајки им дозволиле на нивните 2-годишници да пијат помеѓу 1 (околу 30 мл) и 4 унци (околу 120 мл) кафе дневно (половина шолја кафе е 4 унци). Студијата исто така покажала дека 2,5% од мајките им давале кафе на своите едногодишни деца.

Американската академија за педијатрија не препорачува кафе, чај, сода, спортски пијалаци или други производи со кофеин за деца под 12 години, додека адолесцентите меѓу 12 и 18 години треба да го ограничат внесот на помалку од 100 милиграми дневно – колку една старомодна шолја кафе. Едно „гранде“ од 16 унци од популарното Blonde Roast кафе на Старбакс содржи 360 милиграми, додека истата големина на Pike Place Roast е 310 милиграми.

И не е само кафето

Секако, тука не станува збор само за кафе. Шише спортски пијалак може да содржи скоро 250 милиграми кофеин во зависност од брендот, според истрагата на Consumer Reports. Една шолја чај може да има до 47 милиграми, додека диетален газиран сок може да има 46.
И чоколадото има малку кофеин, а количината се зголемува како што чоколадата потемнува во боја. Една шака зрна кафе покриени со чоколадо може да има 336 милиграми кофеин, според американското Министерство за земјоделство.

Можете дури и да купите кофеинска гума за џвакање, нане, гумени мечиња и енергетски плочки – а да не заборавиме и сладолед од кафе.

На која возраст може да се пие кафе?
Бидејќи децата обично се помали по големина на телото, потребно е помалку кофеин за да се наруши нивното функционирање. Незначителна сума за возрасен може да биде огромна за мало дете. Премногу кофеин може да ги зголеми отчукувањата на срцето и крвниот притисок, да придонесе за рефлукс на киселина и да предизвика анксиозност и нарушувања на спиењето кај децата. Во високи дози, кофеинот може да биде опасен.
„Деца се појавуваат на одделението за брза помош со неправилно чукање на срцето или она што ние го нарекуваме тахикардија или забрзано чукање на срцето“, вели педијатарот д-р Марк Коркинс. „Некои луѓе мислат дека е убаво да им се даде на малите газиран пијалак“.

Границите се засноваат главно на големината на телото, а тие граници се зголемуваат кога детето пораснало доволно за полесно да го метаболизира кофеинот. Меѓутоа, ако децата се мали за нивната возраст или имаат мигрена, проблеми со срцето или напади, може да бидат уште почувствителни, според Американската академија за детска и адолесцентна психијатрија.

Со сите овие лоши вести, зошто родителите им дозволуваат на децата да пијат кафе?

Започнува кога малите деца почнуваат да бараат пијалоци со кофеин, како што е кафето „бидејќи ги гледаат родителите и постарите браќа и сестри како го пијат – тоа е нешто „возрасно“ за пиење“, вели Коркинс, шеф на одделот за педијатриска гастроентерологија, хепатологија и исхрана од здравствениот научен центар на Универзитетот во Тенеси во Мемфис.

И бидејќи родителите го доживуваат како безопасен – и веројатно е во мали количини – тие ќе им дозволат на своите деца да испијат голтка или две, вели Коркинс. „Меѓутоа, кога родителите ќе почнат да им дозволуваат, тоа станува лизгав терен и полесно е да се остават децата да пијат што сакаат отколку да се борат со нив“.

Преливите и додатоците за кафе може да влијаат на исхраната

Има уште едно прашање: влијанието на кафето, чајот, газираните и спортските пијалаци врз урамнотежената исхрана.

„Мојот друг проблем со децата што пијат кафе е тоа што има мала хранлива вредност, а заменува нешто што треба да биде нутритивно целосно, како што се млекото и водата“, вели Коркинс. „Млекото е преполно со калциум и витамин Д, а водата е хранлива материја. Ние сме 60% вода, во основа океан“.

Потоа, тука се додатоците. Помина времето кога кафето едноставно доаѓаше со коцка шеќер и крем. Кафулињата на речиси секој агол сега нудат десетици начини да го зачините и замастите вашето кафе. „Овие пијалаци во основа се десерт“, велие Коркинс. „Имаат пена и шолји со ароматизирани сирупи, со изматен прелив, а потоа и преливи одозгора. Презентацијата е подобра отколку на некои од десертите што сум ги видел“.

Дополнителните шеќери и тешките креми додаваат масти и калории, додека верзиите без шеќер може да го изложат детето на вештачки засладувачи.

Кој е заклучокот? „Избегнувајте кофеин! Зошто им е тој на вашите деца?“ – изјавил Коркинс.

„Кофеинот е стимуланс кој ја зголемува будноста. Ако вашето дете се чувствува како да му треба кофеин за да го помине денот, би било подобро да соработувате со педијатар за да ја идентификувате основната причина за тоа што му создава замор“.

Текстот е од ТУКА.

децакафекофеин