Стареењето носи многу промени – од намалување на физичките способности до губење на социјалнитe улоги. Во тој контекст, мрчењето, како што се нарекува жаргонски кај нас (според речникот – џандрливост), односно постојаното прекорување, негодување и изразување незадоволство, кај некои повозрасни луѓе станува секојдневен начин на комуникација.
Иако умереното мрчење може да биде начин за ослободување од стресот, кога ќе стане често и хронично, тоа остава сериозни последици по менталното здравје, покажуваат современите психолошки истражувања.
Хроничното негативно размислување, вклучувајќи ја и џандрливоста, е поврзано со зголемен ризик од анксиозност и депресија кај повозрасните. Фокусот само на негативните аспекти на животот го зголемува чувството на беспомошност и ја намалува способноста за справување со секојдневните предизвици. Во потешки случаи, оваа состојба се нарекува руминација – често го влошува менталното здравје бидејќи поединецот влегува во маѓепсан круг на негативни мисли.
Мрчењето води до осаменост
Според психологот д-р Сузан Чарлс од Универзитетот во Калифорнија, повозрасните кои постојано изразуваат незадоволство имаат тенденција да се изолираат од другите. Дури и кога тоа не им е намера, џандрливото однесување често ги одбива пријателите и семејството. Таа социјална изолација го зголемува ризикот од осаменост – познат фактор за деменција и депресија. Истражувањата покажуваат дека осаменоста може да го зголеми ризикот од когнитивно пропаѓање и до 20%.
Го менува мозокот
Покрај влијанието врз расположението, постојаната џандрливост има и физички последици. Според студија на Универзитетот Станфорд од 2022 година, хроничниот стрес предизвикан од негативни емоции – како оние поттикнати со постојаното приговарање – го зголемува нивото на кортизол во организмот. Овој хормон, кога е постојано покачен, го оштетува хипокампусот – дел од мозокот важен за меморија и учење, што е особено опасно за постари лица кои се соочуваат со когнитивни нарушувања.
Социјални и емоционални последици
Често се смета дека џандрливоста е „нормално“ однесување кај постарите – но тоа само ја засилува маргинализацијата. Возрасните кои се свесни за ваквите стереотипи може да доживеат пад на самодовербата и да влезат уште подлабоко во циклусот на негативни емоции. Дополнително, околината неретко ги игнорира или потценува нивните вистински емоционални и здравствени проблеми, мислејќи дека станува збор за „само уште еден приговор“.
Како да се ублажат ефектите?
Психолозите препорачуваат неколку методи за справување со негативните последици од прекумерната џандрливост. Една од нив е когнитивно-бихејвиоралната терапија, која може да ја намали руминацијата и до 30%. Таа им помага на луѓето да ги препознаат и променат негативните мисловни обрасци.
Исто така, социјалната вклученост игра клучна улога. Активности како волонтирање или членство во клубови може да го пренасочат вниманието од негативните кон позитивните страни на животот. Истражување од Journal of Aging and Health покажува дека социјално активните повозрасни лица имаат 15% пониско ниво на депресивни симптоми.
Една едноставна, но ефективна техника е водењето дневник на благодарност. Запишувањето на три нешта за кои сме благодарни секој ден може значително да го подобри расположението – дури и по само две недели, според студија објавена во Frontiers in Psychology (2020).
Не заборавајте, умереното мрчење е природен начин на изразување емоции, но претерувањето може да има сериозни психолошки последици. Од зголемен ризик од депресија и анксиозност до физиолошко оштетување на мозокот, хроничното приговарање може значително да го наруши квалитетот на животот. На кратко: мрчете со мерка.