Мрдањето на бебето во стомакот – сѐ што ве интересира, а можеби не сте знаеле!


Движењето на бебето во стомакот е можеби она што најмногу го очекува секоја трудница од првиот ден кога ќе дознае за бременоста. Тоа е нешто што се памети како емотивен настан, бидејќи тогаш врската со бебето станува реална, но има и далеку поважна цел. Тоа ни дава до знаење дека е сѐ во ред со бебето.
Еве некои од најважните факти поврзани со движењето на бебето во стомакот!

Движењето обично значи дека сѐ е во ред и дека бебето е здраво

Движењето на бебето во стомакот покажува дека бебето е здраво и добро се развива во вашиот стомак. Кога бебето се врти, се превртува и што веќе друго и да прави внатре, тогаш знаете дека е активно и дека е добро.
Покрај класичните „удари“, ќе можете да почувствувате и кога бебето се растегнува, односно кога ги растегнува нозете и рацете. Ваквите движења се карактеристични за подоцнежната фаза од бременоста, кога на бебето не му останува многу простор.

Бебето најверојатно ќе реагира на надворешни дразби
Бебето може да ви даде удар како одговор на промените во околината – звук и храна.

    Реакција на звук: Во текот на 20-тата недела од бременоста, плодот почнува да слуша звуци – прво ниски, а потоа високи тонови.
    Реакција на храна: Храната што ја јаде мајката за време на бременоста е првиот контакт на бебето со вкусовите – преку плодовата вода што го опкружува. Ако му се допаѓаат или не му се допаѓаат, може да реагира со движења.

    Бебето повеќе се мрда кога лежите на страна

    Кога лежите на страна, може да почувствувате дека бебето се движи повеќе во вашиот стомак. Причината лежи во тоа што на овој начин бебето добива повеќе крв, па повеќе се движи.

      За споредба, кога лежите на грб, бебето е многу мирно бидејќи прима помалку крв, а со тоа и помалку кислород, па со намалените движења „штеди“ кислород.

      Ударите можете да ги почувствувате веќе по 15-тата недела

      Може да почувствувате како бебето се движи во стомакот најчесто после 20-та недела од бременоста. А ако ви е втора или некоја следна бременост, може да го почувствувате после 15-тата недела. Дотогаш, веќе од седмата недела, можете да почувствувате нешто како „пеперутки“ во стомакот.

        Бебето веќе почнува да се движи, но е премногу мало за да чувствувате повеќе. Првите удари може да се видат и на ултразвук. По 24-тата недела многу повеќе ќе ги чувствувате движењата, но и икањето на бебето.

        Намалените движења може да бидат сигнал за аларм

        Кога сте бремени 28 недели, вашиот лекар може да предложи да ги броите ударите на вашето бебе во текот на 24 часа.
        Обично тоа е околу десет пати во текот на два часа. Ако активноста на бебето значително се намали, ова може да биде знак за проблем:

          Стрес или проблеми со исхраната: Вашата емоционална и физичка состојба влијае на движењата на бебето во утробата. Исто така, неправилната исхрана може да доведе до неправилен развој на мозокот и нервниот систем, што може да ја намали активноста на бебето. Ако не можете да го почувствувате бебето, обидете се да пиете многу вода или да одите.
          Абрупција на плацентата: Ова е итен случај! Показател може да бидат темноцрвената крв со згрутчување, како и исклучително тврд и чувствителен стомак. На овој начин, бебето може да остане без доток на крв и кислород.
          Предвремено пукање на водењакот: Ова може да доведе до намалување на плодовата вода и да ги забави движењата на бебето поради стрес предизвикан од недоволното снабдување со кислород.
          Фетална хипоксија: Ова се случува кога папочната врвца ќе се свитка или ќе се деформира на таков начин што не го снабдува правилно бебето со крв и кислород.

          Подоцна во бременоста, нормално е да има помалку удари

          Бебињата во утробата обично се одмараат по 20 до 40 минути, понекогаш тоа се протега и до 90 минути. Но, како што растат, нивните движења и вртењето стануваат сè потешки бидејќи се ограничени со простор. Значи, нормално е бројот на удари да се намалува како што напредува бременоста. Но, да не заборавите на тоа, можете да почувствувате болни удари под ребрата…

          Движењето на бебето во стомакот кажува какво ќе биде …
          Ова не е дефинитивно докажано, но некои студии покажале дека однесувањето на бебето во утробата укажува на неговиот темперамент во раното детство.

          Ако мислите дека имате мал каратист во стомакот, веројатно нема да имате многу мир ниту кога конечно ќе го сретнете…

            бременостстомак