Денес сѐ почесто се зборува за поимот екранизам и детската зависност од екраните уште од најмала возраст. Родителите често прибегнуваат кон смирување на детето со мобилен телефон или некој друг екран кога е вознемирено, има напад на бес или едноставно му треба време на родителот да направи нешто друго без да го вклучи детето. Како што објаснуваат експертите, оваа навика е исклучително штетна и има сериозни последици и по физичкото и по психичкото здравје на детето, пренесува Very Well Family.
Студијата спроведена на Универзитетот во Мичиген и објавена во списанието JAMA Pediatrics проучувала повеќе од 400 родители и нивните деца на возраст од три до пет години. Истражувачите сакале да научат повеќе за тоа што се случува кога родителите користеле уреди како мобилни телефони или таблети како начин да го смират своето дете кога имало напад на бес или било вознемирено.
Тие откриле врска помеѓу употребата на уреди за смирување на вознемирените деца и нивната способност за саморегулација. Со други зборови, децата на кои им давале телефони кога станувале нервозни имале повеќе проблеми да се справат со вознемирувачки околности подоцна во животот. Децата кои веќе покажале проблеми како хиперактивност, импулсивност и емоционални вештини за справување биле особено погодени кога родителите користеле екрани за да ги смират.
Како што објаснуваат психолозите, изливите на гнев и големите емоции се вообичаени за децата на таа возраст, а смирувањето на бесот со давање мобилен телефон или некои други екрани од стрљна на нивните родители може да изгледа како поедноставно, но и побезболно решение. Сепак, во никој случај не е тоа. Токму на оваа возраст на децата треба да им се даде можност да научат да се справуваат со емоционалните предизвици за да ги развијат вештините што им се потребни за правилен раст и развој.
„Доживувањето негативни емоции како фрустрација, лутина и тага и закрепнувањето се вредни лекции што децата треба да ги научат“, објаснува психологот Скот Рот. „Тоа ги подготвува за понатамошни предизвици и може да помогне да се изгради нивната отпорност.
Според студијата, ова е критичен период за децата да ги развијат овие видови вештини. Психолозите велат дека емоционалната регулација може да биде уште покритична за успехот во училиштето отколку интелигенцијата и дека им овозможува на децата да останат смирени, фокусирани и флексибилни додека се соочуваат со нови предизвици. Користењето мобилен телефон или некое друго одвлекување на вниманието има спротивен ефект.
Всушност, колку повеќе искуство имаат децата во справувањето со сопствените емоции, толку се подобри во тоа. „Успешното регулирање или намалување на количината на вознемиреност што детето ја чувствува може да му помогне да изгради доверба во сопствените способности“, вели д-р Рот. Затоа, кога им го одвлекуваме вниманието на децата наместо да им помогнеме да ги надминат проблематичните ситуации, им ја одземаме можноста да научат да ги регулираат сопствените емоции, што на крајот може да предизвика сериозни последици како депресија, анксиозност или други емоционални тешкотии.