На која возраст може да се наслути интелигенцијата на детето?

Родителите често бараат знаци дека нивното бебе е „паметно“. Тоа се – првите зборови (или поточно – гласови), мавтање, испраќање бакнежи, препознавање познати лица…

Сето ова се моменти што ги гледаме со восхит, убедени дека одгледуваме мал гениј.

Иако ова често е во доменот на родителска пристрасност, нова научна студија вели дека некои работи всушност можат да се предвидат веќе за време на доењето.

Истражувачите од Универзитетот Колорадо Болдер, откриле дека успехот на возрасните лица на тестовите за интелигенција може донекаде да се предвиди уште на возраст од 7 месеци.

Но, пред да започнете да го анализирате секој потег на вашето бебе, еве што тоа навистина значи (и зошто не треба да паничите ако вашето дете сè уште не покажува „знаци на гениј“).

Што вели науката?

Во едно децениско истражување за близнаци, научниците го следеле развојот на 500 пара близнаци од 7 месеци до зрелоста. Со споредување на идентични и двојајчени близнаци, тие истражувале колку генетиката и колку околината го обликуваат когнитивниот развој на детето. Резултатите покажале дека раните фактори на животната средина (особено пред тригодишна возраст) можат да имаат трајно влијание врз подоцнежниот развој на коефициентот на интелигенција.

Но, иако некои тестови што се применуваат на бебиња (како што се следење на погледот, брборење или реакции на нови играчки) дале одредени знаци на подоцнежниот когнитивен развој, вистинските предвидувања за коефициентот на интелигенција значително се зголемуваат само по 7-годишна возраст, кога генетиката станува сè повлијателна.

Па, дали треба да бидеме загрижени?

Не. Експертите велат дека не постои едноставна формула за одредување кој ќе биде „паметен“, ниту пак постои совршен развоен пат што детето мора да го следи.

Нема потреба да паничите ако вашето дете не зборува во реченици до 2-годишна возраст или ако неговото внимание талка од една играчка до друга. Тоа е сосема нормално.

Педијатарот д-р Хедер Госнел вели: „Повеќето деца кои доцнат со говорот ги достигнуваат своите врсници до возраст од 4 или 5 години, особено ако го разбираат јазикот, се развиваат добро во други области и добиваат поддршка од логопед по потреба.“

Поттикнете го развојот на вашето дете, без притисок

Психологот Сара Даглас истакнува дека коефициентот на интелигенција не е само „број“, туку група способности што можат да се поттикнат преку различни искуства.

Таа нуди неколку едноставни предлози што секој родител може да ги имплементира.

– Изложете го вашето дете на нови искуства: Различни текстури, звуци, бои и лица можат да помогнат во развојот на неговите сетила и на мозокот.

– Играјте и разговарајте со вашето дете: Дневните рутини како читање, пеење и зборување го поттикнуваат јазикот и емоционалниот развој.

Ограничете ги екраните: Избегнувајте екрани до возраст од 18 месеци, а потоа ограничете го гледањето на еден час дневно, со ваше присуство.

Не е сè во паметот

Важно е да се запомни дека интелигенцијата не е најважниот квалитет во животот. Љубезност, сочувство, трпение – ова се квалитети кои не се мерат на тестови, но честопати значат многу повеќе во реалниот живот.