Најчестите родителски фрази на кои децата ретко реагираат од првпат

Родителството понекогаш изгледа како рингишпил што никогаш не застанува, како забрзано возење во круг при што се обидувате да не паднете, да се држите цврсто и постојано да минувате низ истите фази и барања. Исцрпувачки е, но не можете да запрете, мора да продолжите понатаму.

„Бројам до три“, „влези во автомобилот“, „облечи ги чевлите“, „не допирај го штекерот“ и така натаму. Списокот е бесконечен, и иако не сакаме да бидеме родители кои постојано нешто заповедаат и бараат, се чини невозможно затоа што најчесто на децата треба да им се повторува неколку пати за да послушаат, иако секој ден им го кажуваме истото.

Но сите родители имаат различни искуства. На пример, кога внук ми беше мал, сестра ми постојано, за да ја послуша нешто, му броеше до 3. Сѐ додека еден ден не ја праша: „А што се случува после 3?“

Не знаеше ниту таа, а најлошо е тоа што и тој го сфати тоа.

Адам Ритенберг, писател за универзитетски фудбал на ESPN, ги прашал своите следбеници на Твитер што постојано им повторуваат на своите деца и добил листа во која ќе се најде секој родител. Еве некои од тие чести родителски фрази:

„Те молам немој…“

„Остави ја сестра ти на мира.“

„Ќе бројам до 3.“

„Раскренете ги садовите.“

„Фрли го тоа.“

„Седи додека не се најадеш“.

„Влези во автомобилот“.

„Каде ти се чевлите?

Списокот, како што рековме, нема крај, а прашањето е како да ги натерате децата да послушаат од прва и дали е тоа воопшто возможно? Др.Ерика Рајшер има неколку совети објавени во Psychology Today кои би можеле да им помогнат на родителите да тргнат на вистинскиот пат.

Еден од најважните е да се негува навиката на обрнување внимание

„Ако имате тенденција да повторувате нешто и потоа или да се откажете, да го направите тоа сами или да прибегнете кон викање, може ненамерно да ги научите вашите деца дека можете да бидете игнорирани додека не се откажете или не почнете да викате“, пишува Рајшер.

Децата треба да бидат информирани за последиците од тоа што не слушаат

„Перичното предупредување е критично затоа што ако децата однапред знаат какви ќе бидат последиците за кршење на правилата или за игнорирање на барањата, тогаш тие одлучуваат за своето однесување: дали да го следат правилото или да го прекршат и да ги сносат последиците. Нема изненадувања“, вели Рајшер.

Исто така, важно е родителите да ги испочитуваат своите закани, во спротивно ќе го изгубат кредибилитетот

 Ако изброите до три за да го натерате детето да слуша, а после тоа нема никакви последици, на крајот ќе престане да слуша. Но, ако сте доследни секој пат, тие многу брзо ќе почнат да обрнуваат внимание.

Има уште еден одличен совет за родителство кој се чини дека важи за речиси секоја ситуација: „Она што им го дозволуваш, тоа ги учиш“. Какви однесувања и да им дозволуваме на нашите деца, ни се допаѓале тие или не, ние ги поттикнувме.

Родителството е тешко, но како што покажуваат одговорите на барањето на Ритенберг, не сме сами во ова. Родителите од сите сфери на животот ги имаат истите борби затоа што се чини дека секое дете е благословено со чудото на селективен слух. Освен ако не споменете сладолед.

roditeliдетереченици